Европа
Рускиот амбасадор во ОН: Мора да го отсечеме нацистичкиот тумор што ја јаде Украина

Рускиот амбасадор во ОН, Василиј Небензја, денеска на седница на Советот за безбедност ги повтори тврдењата на Русија за нацисти во Украина.
„Велат дека не може да има нацисти во Украина. За жал, тие се на власт таму“, рече Небензја.
Дипломатскиот дописник на Би-би-си, Пол Адамс, вели дека наративот на Кремљ дека цела Украина е под нацистичка контрола се повторува во секоја изјава на руските официјални лица.
Се разбира, Украина има свои екстремно десничарски елементи, јавува дописникот. Некои од нив ги идолизираат украинските политичари кои се бореле заедно со нацистите против Русија во Втората светска војна. Но, екстремната десница е маргинална во Украина, исто како и насекаде во Европа, посочува Адамс.
„Искрена дипломатска процена за настаните во Украина од 2014 година ќе открие земја што се бори да стане подемократска и помалку корумпирана. Пред сè, земја што се обидува да тргне по патот на својата независност, далеку од несаканото внимание на Москва“, вели дописникот на Би-би-си додавајќи дека последните забелешки на рускиот амбасадор во ОН биле ужасни.
„Не дојдовме во Украина за да освојуваме територии. Мораме да го отстраниме малигниот нацистички тумор, кој ја јаде Украина и кој на крајот ќе почне да ја јаде и Русија. И ќе ја постигнеме таа цел“, рекол рускиот амбасадор.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Во експлозија тешко повреден руски градоначалник

Руската новинска агенција РИА Новости јавува дека Андриј Шевчик, кој Русија го назначи за градоначалник на Енергодар, е тешко повреден во експлозија и се наоѓа на интензивна нега.
Повеќе детали не се достапни, но претходно украинските локални власти соопштија дека Шевчик и неговите телохранители биле повредени во насочен и прецизен напад.
Енергодар е град и општина во северо-западниот дел на Запорожјевската област во Украина, моментно под контрола на руските вооружени сили.
*Фотографијата е илустрација, а не од конкретниот настан
Европа
Канада: Најмалку пет лица загинаа во силно невреме, речиси 900.000 домови останаа без струја

Најмалку пет лица загинаа, а речиси 900.000 домови во јужна Канада останаа без електрична енергија кога силно невреме во саботата ги погоди провинциите Онтарио и Квебек.
Четири лица загинале во Онтарио кога врз нив паднале дрвја, додека една жена загинала во Квебек кога брод се превртел во реката Отава, јавува Би-би-си.
За време на невремето кое траело повеќе од два часа биле соборени многу дрвја, оштетени куќи, а имало и нарушувања во oдвивањето на сообраќајот.
Европа
Лукашенко пристигна во Сочи на разговори со Путин

Претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, пристигна во Сочи на разговор со рускиот претседател, Владимир Путин, соопшти денеска градоначалникот, Алексеј Копајгородски.
Путин и Лукашенко ќе се сретнат утре, пренесува „Известија“.
Кремљ претходно соопшти дека за време на разговорите на 23 мај, претседателите на Русија и Белорусија ќе разговараат за развојот на односите меѓу двете земји, со акцент на интеграциската соработка во рамки на Сојузот Русија и Белорусија, како и за меѓународни прашања.