Свет
Руски дипломат испрати предупредување до НАТО

Руски дипломат испрати ново предупредување до НАТО-алијансата, поради можни последици доколку дојде до директна агресија врз Русија.
– Акциите на Русија во Украина немаат врска со сценаријата за можна употреба на нуклеарно оружје, а сите тврдења за тоа се само нагаѓања – изјави денеска рускиот амбасадор во Јапонија, Михаил Галузин.
– Има многу обвинувања за позицијата на Русија и шпекулации за употреба на нуклеарно оружје против Украина. Но, нашата доктрина по ова прашање е јасна: хипотетички, не исклучуваме нуклеарен одговор, туку само во случај на агресија со оружје за масовно уништување или употреба на конвенционално оружје, што го доведува во прашање постоењето на државата. Нашите акции насочени кон демилитаризација и денацификација на Украина немаат никаква врска со тие сценарија – рече рускиот амбасадор.
Тој потсети и дека само една земја всушност користела нуклеарно оружје. Тој рече дека тоа се САД. Тој истакна дека оваа употреба не е оправдана од воена гледна точка, туку всушност е тест на нуклеарно оружје во јапонските градови Хирошима и Нагасаки и врз нивните жители.
Истовремено, тој предупреди дека непријателското проширување на НАТО-алијансата и создавањето антируско упориште во Украина ги преминува „руските црвени линии“ и директно ги нарушува националните безбедносни интереси на Русија.
– Откако Русија се спротивстави на таа експанзија, САД и нивните сојузници влегоа во тешка хибридна конфронтација со нашата земја, опасно балансирајќи се на работ на директен вооружен конфликт – посочи Галузин.
Според рускиот дипломат, секој вооружен конфликт меѓу нуклеарните сили мора да биде спречен.
– На ова предупредува Русија во однос на можните последици од директната агресија на НАТО врз нашата земја во контекст на украинската криза. Таквиот чекор може да предизвика едно од двете вонредни сценарија опишани во нашата доктрина – рече тој, додавајќи дека Русија не го сака тоа.
Тој додаде дека ако западните земји решат да ја тестираат својата решителност, Русија нема да отстапи.
– Тоа не е јазикот на заканата, тоа е логиката на одвраќање – рече тој, пренесе Хина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Мицотакис за прислушувањето: Да знаев немаше да го дозволам

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео изјава објасни дека пред неколку дена бил информиран дека од септември 2021 година, три месеци, Националната разузнавачка служба легално го следела мобилниот телефон на Никос Андрулакис, додека сè уште беше европратеник, а пред да биде избран за лидер на партијата.
„Она што се случи, иако беше согласно со одредбите на законот, беше погрешно. Не знаев за тоа, и очигледно, никогаш немаше да го дозволам“ – рече Мицотакис и посочи дека постапкарта била одобрена од висок обвинител, токму како што е предвидено со одредбата од законот донесена во 2018 година, од претходната влада.
„Иако сè беше законски, Националната разузнавачка служба ја потцени политичката димензија на конкретната постапка. Тоа формално беше адекватно, но политички неприфатливо. Не требаше да се случи, предизвикувајќи пукнатини во довербата на јавноста во Службите за национална безбедност“ – рече Мицотакис.
Посочи дека постоеле недостатоци во управувањето со постапката и затоа беше сменет директорот на Службата, додека пак генералниот секретар на Владата, според Мицотакис, со оставката, „ја презеде објективната политичка одговорност“.
Свет
„Амнести интернешнл“: Жал ни е, но стоиме зад изјавата дека Украина ги загрозува цивилите

Организацијата за човекови права „Амнести интернешнл“ соопшти дека „длабоко жали за болката и гневот“ предизвикани од нејзиниот извештај, но дека целосно стои зад своите наоди.
Во четвртокот „Амнести“ соопшти дека украинските сили го прекршуваат меѓународното право и ги загрозуваат цивилите со поставување бази во станбени области вклучувајќи училишта и болници.
„Тактиката на украинските бранители на никаков начин не ги оправдува неселективните напади на Русија со фактот дека некои руски воени злосторства, вклучително и оние во Харков, не се поврзани со тие тактики“, пишува организацијата во извештајот додавајќи дека снимила инциденти во кои украинските сили ги изложија на опасност цивилите во 19 града и села во регионите Харков, Донбас и Миколаев.
„Документиравме шема во која украинските сили ги изложуваат цивилите на опасност и ги прекршуваат законите на војната со тоа што дејствуваат во населени области. Дејствувањето во одбранбена позиција не ја ослободува украинската армија од почитување на меѓународното хуманитарно право“, рече Агнес Каламар, генерален секретар на организацијата.
Директорот на украинскиот разгранок на „Амнести интернешнл“ поднесе оставка по објавувањето на овој извештај, а советникот на украинскиот претседател Михајло Подољак рече дека е срамота што „Амнести“ учествува во руската пропаганда и дезинформации со цел да се запре испраќањето оружје на Украина од Запад.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвини „Амнести“ дека вината ја префрла на жртвата додавајќи дека им помага на терористите.
Регион
Чавушоглу: Ердоган следниот месец ќе ги посети балканските земји

Турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, изјави дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган следниот месец ќе ги посети балканските земји и дека тоа ја потврдува посветеноста на земјата за мир и стабилност во регионот.
„Посетата што претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, ќе ја направи на балканските земји следниот месец ги потврдува нашата посветеност на мирот и стабилноста во регионот. Турција силно ги поддржува мирот и стабилноста на Балканот“, рече Чавушоглу говорејќи на отворањето на 13. конференција на амбасадори, што се одржа во Анкара.