Свет
Руте повика на нормализација на односите со Русија по завршувањето на војната во Украина

Генералниот секретар на НАТО Марк Руте денеска повика на нормализација на односите со Русија по завршувањето на војната во Украина.
„Нормално е, ако војната некако престане, Европа, чекор по чекор, а исто така и САД, чекор по чекор, да ги обноват нормалните односи со Русија“, рече Руте во интервју за ТВ Блумберг.
Сепак, тој посочи дека се уште не е време за тоа и дека е неопходно да се продолжи притисокот врз Русија за Москва „сериозно да ги сфати преговорите“.
„Мораме да продолжиме да ги притискаме за да се увериме дека се подготвени сериозно да се вклучат во разговори со американската администрација и, се разбира, со Украинците“, рече Руте, пренесува Танјуг.
Блумберг наведува дека најважната задача на Руте е да го одржи ангажманот на САД во НАТО, додека американскиот претседател Доналд Трамп се заканува дека ќе ја повлече таа земја од Алијансата бидејќи, како што наведува, другите членки не одвојуваат доволно средства за одбрана.
Се забележува дека еден од најголемите адути на генералниот секретар на НАТО е неговиот добар работен однос со Трамп, кој беше воспоставен за време на првиот мандат на Трамп во Белата куќа, кога Руте беше премиер на Холандија, анализираат медиумите.
Откако дојде на чело на НАТО, Руте ги зголеми инвестициите во одбраната и трошоците, а Алијансата ќе се обиде да ги зголеми целните трошоци на членките за одбрана на најмалку три проценти од БДП на следниот самит во јуни. Трамп побара од сојузниците да издвојат пет отсто од БДП за одбраната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
(Видео) Русија: Турција ги одложи преговорите за попладне; Зеленски пристигна во Анкара

Предложените разговори меѓу Русија и Украина во Истанбул се одложени за четврток попладне на иницијатива на турската страна, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова.
Рускиот претседател Владимир Путин предложи директни преговори со Украина во Истанбул во неделата.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна во турската престолнина Анкара во четврток на средба со турскиот шеф на државата, Реџеп Таип Ердоган, додека во Истанбул рускиот и украинскиот лидер чекаат одделно да започнат преговорите.
Авионот на украинскиот претседател слета на аеродромот Есенбога во Анкара и е закажана средба со Ердоган напладне.
Зеленски претходно оваа недела изјави дека е подготвен да разговара само со Путин, предизвикувајќи го да дојде во Истанбул ако е доволно храбар.
Кремљ одговори дека Русија не се согласува со ултиматуми. Двете страни последен пат имаа директни разговори во март 2022 година, исто така во Истанбул, само неколку недели откако Путин нареди напад врз Украина.
Двете страни се обидуваат да му докажат на американскиот претседател Доналд Трамп дека се сериозни во врска со мировните напори.
Американскиот претседател моментално е на турнеја низ Блискиот Исток, а во четврток изјави дека ќе дојде во Турција еден ден подоцна „доколку тоа би било соодветно“.
Регион
Конститутивната седница на собранието на Косово одложена 16. пат

Конститутивната седница на Собранието на Косово денес беше одложена по шеснаесетти пат, откако повторно не беше прифатен предлогот на движењето Самоопределување за одржување тајно гласање за избор на претседател на Собранието.
55 од присутните 111 пратеници гласаа за формирање на комисија која ќе го надгледува тајното гласање.
Седницата е закажана да продолжи во сабота, 17 мај, во 10:30 часот.
Самоопределување, исто така, побара тајно гласање за претседател на Собранието на последните шест седници, но опозициските Демократска лига на Косово, Демократска партија на Косово и Алијанса за иднината на Косово, како и Српска листа, се против тоа, одбивајќи да предложат членови на комисијата за тајно гласање.
Кандидат на Самоопределување за претседател на Собранието е сè уште Албуљена Хаџиу, иако во шест обиди за избор таа никогаш не добила повеќе од 57 гласа, додека за избор на претседател на Собранието се потребни 61 глас.
Поради неможноста за конституирање на Собранието, претседателката Вјоса Османи за денес закажа консултации со претседателите на партиите.
Конститутивната седница започна пред 30 дена, на 15 април, а врз основа на резултатите од изборите одржани на 9 февруари, ниту една партија нема доволно мандати за самостојно да формира влада.
Самоопределување има 48 мандати, Демократската партија на Косово 24, Демократската лига на Косово 20, Алијансата за иднината на Косово и иницијативата Нисма осум, Српската листа девет, Партијата за слобода, правда и опстанок еден, а преостанатите 10 мандати им припаѓаат на претставници на другите немнозински заедници.
Свет
Зеленски: Нивото на составот на руската делегација е декоративно

Украинскиот претседател Володимир Зеленски пристигна денес во турската престолнина Анкара на средба со турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган додека се очекува руските и украинските претставници да почнат мировни преговори одделно во Истанбул.
По пристигнувањето, Зеленски им рече на новинарите дека Украина ќе одлучи за следните чекори во преговорите со Русија по средбата со турскиот претседател, пренесува „Ројтерс“.
Во таа пригода тој го оцени нивото на состав на руската делегација испратена во Турција на разговори како декоративно.
Украинскиот претседател треба да се сретне со Ердоган во 12 часот, јавува „Ројтерс“.
Зеленски исто така рече дека,. пред сè, сака да му се заблагодари на Ердоган за организирањето на оваа средба, „за можноста за директни разговори во Анкара“.
За денес во Истанбул се закажани преговори меѓу делегациите на Русија и Украина за прекин на огнот за кои не е прецизирано кога ќе почнат, а кои беа организирани по предлог на рускиот претседател Владимир Путин, пренесува „Танјуг“.
Иако во медиумите имаше шпекулации дека можеби Путин лично ќе присуствува на преговорите, тој доцна синоќа објави дека во руската делегација ќе учествуваат помошници и заменик-министри, а ќе ја предводи неговиот помошник Владимир Медински.