Свет
САД и сојузниците најавија испраќање тешко оружје во Украина

Соединетите Држави и нивните сојузници ветија нова испорака на потешко оружје за Украина на денешниот состанок во германската воздухопловна база и ја отфрлија заканата на Москва дека нивната поддршка за Киев може да доведе до нуклеарна војна.
Неодамна, Американците одобрија испораки со оружје во вредност од стотици милиони долари, вклучувајќи артилерија и беспилотни летала што одбиваа да ги испратат во претходните фази на војната, а сега сакаат и нивните сојузници да го сторат истото.
„Земјите ширум светот се обединети во нивната решеност да ја поддржат Украина во нејзината борба против руската империјалистичка агресија“, изјави американскиот секретар за одбрана Лојд Остин пред претставниците од повеќе од 40 земји во воздухопловната база Рамштајн во Германија, седиштето на американските воздухопловни сили во Европа.
„Украина очигледно верува дека може да победи, а исто така и сите овде“, рече Остин, најавувајќи вакви состаноци секој месец.
„Денешниот состанок ќе стане контакт група за одбраната на Украина која ќе се состанува секој месец“, рече Остин, пренесе АФП.
Германија ја промени досегашната политика и денеска најави дека во Украина ќе испрати лесни тенкови со противвоздушни топови.
Марк Мајли, началникот на Здружениот генералштаб на САД, им рече на новинарите дека следните неколку недели во Украина ќе бидат „многу, многу критични“.
„Потребна им е постојана поддршка за да бидат успешни на бојното поле“, рече тој, додавајќи дека конференцијата има и за цел да ја координира воената помош за Украина, вклучувајќи тешко оружје.
Остин, кој во неделата го посети Киев заедно со американскиот државен секретар Антони Блинкен, изјави вчера: „Сакаме да ја видиме Русија ослабена до тој степен што не може да ги прави работите што ги направи при инвазијата на Украина“.
Германија, најголемиот руски потрошувач на енергија, исто така рече дека се надева оти ќе ја елиминира руската нафта од своите резерви во рок од неколку дена
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Итен состанок на СЗО, повод – новата епидемија со мајмунски сипаници

Светската здравствена организација ја свикува групата водечки експерти на итен состанок за да разговараат за тековната епидемија на мајмунски сипаници, пишуваат медиумите во светот.
Според извештаите, двојно е зголемен бројот на заболени со заразни мајмунски сипаници во Велика Британија, а тоа го потврдил и министерот за здравство Саџид Џавид, наведувајќи дека има 11 нови случаи на заразени.
„Утринава ги информирав министрите за здравство на Г7 за она што го знаеме досега. Повеќето случаи имаат благи симптоми и можам да потврдам дека набавивме дополнителни дози вакцини кои се ефикасни против мајмунска сипаница“, напишал тој на Твитер.
Медиумите потсетуваат дека мајмунските сипаници последниве денови се шират во Европа, а првите случаи се потврдени во Франција, Италија, Шведска, како и во Канада и во Австралија.
Првиот пациент кој добил мајмунски сипаници на 7 мај отпатувал во Нигерија, од каде се верува дека е заразен, пред да се врати во Англија.
Симптомите вклучуваат треска, главоболки и осип на телото кој започнува на лицето и се шири на други делови од телото.
Според податоците на веб-страницата на Светската здравствена организација, смртноста од мајмунски сипаници била меѓу нула и 11 отсто, а во последно време се движи меѓу три и шест отсто.
Свет
Русија од утре ќе престане да испорачува гас на Финска

Русија ја извести Финска дека ќе го запре протокот на природен гас во земјата од сабота наутро, соопшти финската веледрогерија Гасум, која е во државна сопственост.
Компанијата одби да му плати гас на руски Газпром во рубли, како што Москва претходно побара од европските земји.
„Навистина е жално што испораките на природен гас ќе бидат прекинати сега и покрај нашиот договор за снабдување“, рече извршниот директор на Гасум, Мика Вилјанен.
„Сепак, внимателно се подготвивме за оваа ситуација и под услов да нема прекини во гасоводната мрежа, ќе можеме да ги снабдуваме со гас сите наши корисници во наредните месеци“, рече тој.
Најголем дел од гасот што се користи во Финска доаѓа од Русија, но гасот сочинува само околу 5 отсто од годишната потрошувачка на енергија.
Европа
Шредер поднесе оставка од „Роснефт“

Руската нафтена компанија „Роснефт“ соопшти дека поранешниот германски канцелар Герхард Шредер рекол дека повеќе не може да биде дел од нејзиниот одбор.
Истото го направи и бизнисменот Матијас Варниг.
Овој потег уследи откако Европскиот парламент побара Шредер да биде на списокот со санкции доколку не поднесе оставка од „Роснефт“, објавија „Гардијан“, „Фајненшл пост“ и „Фајнанс Јаху“.
Во соопштението на компанијата се вели дека жалат за одлуката на Шредер и Варниг и им се заблагодаруваат за „континуираната поддршка“.