Свет
САД наредија распоредување нуклеарна подморница на Блискиот Исток
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин нареди распоредување на подморница со наведувана ракета на Блискиот Исток, соопшти Пентагон, по атентатот на високи членови на Хамас и Хезболах, поради што регионот се подготвува за можни напади од Иран и неговите сојузници.
Иако USS Georgia, подморница на нуклеарен погон, веќе беше во Средоземното Море во јули, според објавата на американската војска на социјалните мрежи, распоредувањето на подморницата ретко се објавува јавно.
„Министерот Остин ја повтори посветеноста на Соединетите држави да ги преземат сите можни чекори за одбрана на Израел и го истакна зајакнувањето на американското воено присуство и капацитети на целиот Блиски Исток во светло на ескалацијата на регионалните тензии“, се додава во соопштението.
Американската војска веќе најави дека ќе распореди дополнителни борбени авиони и воени бродови на морнарицата на Блискиот исток додека Вашингтон се обидува да ја зајакне одбраната на Израел.
Исмаил Ханија, политичкиот лидер на Хамас поддржан од Иран, беше убиен во иранскиот главен град Техеран на 31 јули, во напад што поттикна закани за иранска одмазда против Израел, кој се бори против палестинската исламистичка група во Газа.
Иран го обвини Израел за убиството, но Израел не ја презеде одговорноста.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Бројот на жртвите од поплавите во Централна и Источна Европа се зголеми на 15
Бројот на жртвите од поплавите во Централна и Источна Европа што ги донесе циклонот Борис се искачи на 15, а тоа е најлошата поплава во последните две децении на подрачјето од Австрија до Романија.
Во Чешка повеќе од 12.000 луѓе се евакуирани, а четвртина од домаќинствата останале без електрична енергија, јавува „Ројтерс“.
Поплавите од минатиот викенд во Романија однесоа шест животи, а во Австрија загинаа еден пожарникар и двајца мажи на возраст од 70 и 80 години.
Свет
Германија воведува гранични контроли поради преоптоварен систем за прифаќање баратели на азил
Поради преоптовареност на системот за прифаќање баратели на азил, Германија од денеска воведува контроли на сите државни граници, кои ќе траат најмалку шест месеци.
Новата регулатива се однесува на премините кон Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција, пренесува „Дојче веле“.
Германската федерална полиција од денеска најмалку шест месеци нема да ги контролира патниците само на источната и јужната копнена, туку и на северната и западната граница.
Свет
Се зголемува бројот на загинати во поплавите во Романија: „Тато, дојди, тука има мртов човек“
Бројот на загинати во поплавите во романската област Галац достигна шест лица, јавуваат локални медиуми.
Вчера, било пронајдено тело на маж како лежи покрај патот во селото Слобозија Конаки. Водата го однела речиси шест километри. Исто така, синоќа е потврдена смртта на исчезнатиот во градот Сухурлуи. Водата се повлекла, но зад себе оставила половина метар кал, дури и внатре во куќите.
„Што е ова? Катастрофа! Видете добри луѓе! Уништени сме“, вели еден од жителите, а друг додава:
„Да сте ги слушнале животните како рикаат, не можам да ви опишам. Тоа беше крајот на светот“.
„Немаме каде да одиме, немаме каде да спиеме“, велат другите жители.
Два дена по поплавата, се открива обемот на катастрофата. Телото на исчезнатиот маж во Печеја било пронајдено дури вчера. Водата го однела шест километри.
Син ми го виде таму во грмушката. И ми вика: Тато, дојди, тука има мртовец. И кога дојдов, го најдов. Водата го носеше, имаше 40-50 години“, раскажува очевидец.
Многу луѓе од страв не сакаа да се симнат од покривите на своите куќи. Водата во некои области достигна речиси два метра. Дури и спасувачите беа во опасност, според написите.
Екипа на пожарникари во возило синоќа била зафатена од порој. Тие успеале да излезат низ прозорците и да го напуштат возилото.
Само во областа Галац оштетени се речиси 5.500 куќи, а загрозени се 20.000 луѓе.
„Голема тага. Таму е калта, а водата беше толку висока. Ништо не ми остана, сè е уништено. Мебелот е целосно уништен! Вакво нешто досега не се случило овде“, велат мештаните.
Мештаните со солзи во очите се обидуваат да спасат што можат од калта.
„Ми умре кравата. Стари сме, но куќата ни беше чиста и сува“, вели еден постар жител.
„Се превртеа плевните, имавме малку жито, сега се полни со кал“, додава тој.
„Видете, ова е катастрофа. За еден и пол де, колку што течеше водата, сè беше уништено. Креветот, немаме веќе каде да спиеме, фрижидерите, сè е уништено. Печките за греење. Ништо не ни преостанува. Сè е уништено, ние го создававме ова целиот живот“.
„Водата дојде за половина час. Во тоа време ја држевме портата за да не влезе водата посилно. Немавме каде да одиме. Ја пуштивме и побегнавме. Водата достигна 2,5 метра“, велат мештаните.
Пожарникарите вчера спасуваа и животни заробени во поројот.
Проблемите сè уште се присутни во целата област Галац.
Повеќе од 90 % од домаќинствата без струја се повторно приклучени на мрежата. Според извештаите, 35 куќи не можеле повторно да се поврзат бидејќи имало опасност од пожар и струен удар.
Речиси 400 пожарникари интервенираа во областа Васлуи. Повеќе од 100 куќи беа погодени во селото Епурени, каде што се отворија огромни дупки на улиците.
Метеоролозите издадоа предупредување за дожд за регионот, каде што врнежите ќе продолжат и во наредните денови. Црвеното метеопредупредување за поплави сè уште е во сила за неколку реки во Романија.