Европа
САД: Русија планира да исценира крвав инцидент со Украина

Американски разузнавачи веруваат дека Русија направила план да предизвика инцидент што би ја оправдал инвазијата на Украина, објавија денеска два американски весника, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
„Њујорк тајмс“ објави дека рускиот план би вклучувал употреба на лажни видеоснимки, со инсценирани и измислени напади од страна на украинската армија, или на руска територија или на луѓе што зборуваат руски во источна Украина, а „Вашингтон пост“ објави дека американските разузнавачки служби дошле до детали за таквиот план и дека се очекува тој да биде откриен денеска, пренесува агенцијата „Ројтерс“.
„Не знаеме со апсолутна сигурност дали тоа е патот по кој ќе тргне Русија, но знаеме дека тоа е опција што се разгледува, во неа би биле вклучени голем број луѓе кои би глумеле дека тагуваат поради убиените, како и распоредување на мртви тела преку кои би се потврдило дека има жртви во нападот кој Москва сама ќе го конструира“, рекол американскиот заменик-советник за национална безбедност, Џонатан Фајнер, во интервју за американскиот MSNBC, како одговор на новинските извештаи.
Русија денеска ги обвини САД за ескалација на тензиите и игнорирање на повиците на Москва за напнатоста околу Украина, еден ден откако Вашингтон објави дека ќе испрати речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија.
Во исто време, Москва ги негира плановите за инвазија, но распоредува илјадници војници на границата со Украина, наведува „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
95-годишна италијанска филмска дива во трка за Сенатот

Италијанската филмска икона Џина Лолобриџида ќе се кандидира за Сенатот следниот месец, неколку недели откако го прослави својот 95-ти роденден, јавува Си-Ен-Ен.
На изборите кандидатот на Суверена и Народна Италија ќе биде во градот Латина.
– Уморен сум од политичари кои меѓусебно се расправаат и никогаш не стигнуваат до поентата – изјави во неделата филмската дива за Corriere del Serra. – Ќе се борам луѓето да одлучуваат, од здравство до правда. Италија е во лоша состојба. Сакам да направам нешто добро и позитивно.
Иако имала „почит“ за работата на поранешниот италијански премиер Марио Драги, Лолобриџида вели дека не се согласувала со неговата политика. Таа решила да започне изборна кампања откако разговарала со адвокат.
Лолобриџида во разговорот изјавила дека е „добра пријателка“ со Индира Ганди, која била првата жена премиер на Индија.
– Ќе се гледавме секогаш кога ќе дојдеше во Рим. Таа беше извонредна жена.
Лолобриџида се приклучи на Булеварот на славните во Холивуд во 2018 година,пренесе Телеграф.рс.
Европа
Естонија ги затвора границите за руските граѓани

Естонија оваа недела ќе ги затвори границите за повеќе од 50.000 Руси на кои претходно им биле издадени визи, со што ќе стане првата земја во Европската унија што ќе спроведе мерки кои имаат за цел да го отежнат влезот на обичните Руси во ЕУ.
Русинката Ана, која како и многу Руси секојдневно ја минува границата во естонскиот град Нарва, е загрижена дека повеќе нема да може да доаѓа во Естонија за да ги посети гробовите на своите роднини, пренесува Ројтерс.
„Се надеваме дека нашите земји ќе постигнат компромисно решение. Можеби ќе се договорат за нешто. Се држам настрана од политиката, но бидејќи моите роднини се закопани овде, би сакала да можам сепак да дојдам“, рече Ана и рече дека обичните луѓето не можат да решат ваков проблем,пренесе Танјуг.
Европа
Возач се онесвестил зад воланот, автомобилот возел сам 25 километри

Автомобил со онесвестен возач во неделата поминал повеќе од 25 километри на автопатот пред полицијата да успее да го запре.
Автомобилот имал вклучен темпомат и систем за одржување на лента. Очигледно, рацете на возачот останале на воланот, па системот бил активен, објавува Ревија ХАК.хр, пренесува Н1.
Инцидентот се случил на автопатот Е314 во северна Белгија. Возачите кои се движеле по автопатот забележале дека возилото „рено клио“ се движи лево-десно во сообраќајната лента и ја известиле полицијата.
Полицијата утврдила дека зад воланот има онесвестен маж и се обидела да го запре возилото.
Возачот во несвест бил пренесен во болница. Неговата здравствена состојба не е позната,пренесе Денес.рс.