Свет
САД сакаат да го сменат режимот во Иран како што го направија тоа во Ирак

Американското повлекување од нуклеарниот договор со Техеран во вторникот е првиот чекор од американскиот план за промена на режимот во Иран спроведен речиси идентично со ирачкото сценарио, вели експертот за Блискиот Исток, Сами Рамадани, за РТ.
„Ако внимателно го слушате она што го кажа Трамп, САД не само што унилатерално се повлекуваат од овој мултилатерален меѓународен договор, со што го укинуваат, тие исто така, се закануваат со промена на режимот во Иран”, вели Рамадани.
„И тонот во неговиот говор; зборовите што ги користеше потсетуваат на говорот на Џорџ Буш Помладиот пред американската инвазија во 2003 година, кога беа искористени лаги за почнување геноцидна војна против народот на Ирак”, рече тој.
Рамадани истакна дека не само што ирачкиот режим беше соборен поради американската воена вмешаност, туку и целата земја беше уништена.
„САД со децении се обидуваат да го дестабилизираат Иран“, вели тој.
Вашингтон сака многу повеќе од Техеран отколку отстапките во врска со нуклеарниот договор што иранските власти не можат да ги прифатат поради силното незадоволство од договорот дома, смета Рамадани.
„Не верувам дека Иран е способен да прави понатамошни отстапки – тие велат дека никогаш не планирале да развијат нуклеарно оружје, а нивното почитување на договорот во повеќе наврати беше потврдено од страна на Меѓународната агенција за атомска енергија,“ додава тој.
Според Рамадани, САД сакаат Иран да се откаже од својата независност.
„САД не сакаат независна, силна нација во светот, особено не на блискиот Исток. И, без оглед што мислиме ние за неговиот политички систем, Иран го избра патот на независност од САД. Иран не сака да биде лакеј на американската политика во регионот, а САД им велат: Ќе ве казниме за тоа,“ објаснува експертот.
Новинарот Макс Блументал вели дека зад одлуката на Трамп да се повлече од договорот стои Тел Авив.
„Израелското влијание е апсолутно клучно “, вели новинарот.
Кон крајот на април, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху презентираше наводни податоци од израелската разузнавачка служба за неисполнувањето на договорот од страна на Иран. Меѓутоа, презентацијата, според Блументал, беше неуверлива.
„Тоа е уште една разузнавачка измама која нè вовлекува во војна”, рече тој, нарекувајќи ги разузнавачките информации што ги цитираше Нетанјаху најверојатно фабрикувани.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Макрон: Промената на режимот во Иран би довело до хаос

Францускиот претседател, Емануел Макрон, изјави на самитот на Г7 во Канада дека промената на воениот режим во Иран би била голема грешка, јавуваат „Ројтерс“ и АФП.
„Промената на режимот би довело до хаос“, изјави Макрон пред новинарите во Алберта, нагласувајќи дека земјите треба да се вратат на разговорите за нуклеарната програма на Иран.
„Верувам дека ни требаат Соединетите Американски Држави да ги вратат сите на преговарачката маса“, рече Макрон.
Свет
Голема акција во Израел: планира да врати 150.000 свои државјани во земјата

Израел подготвува воздушен и поморски транспорт за да ги врати дома своите граѓани заглавени во странство по нападот врз Иран во петокот и затворањето на неговиот воздушен простор, објави министерката за транспорт.
„Првиот чекор беше да се испратат сите израелски авиони во странство за да се спречи нивно оштетување, бидејќи тогаш немаше да имаме никакви средства за репатријација на луѓето. Тој чекор е завршен. Следниот чекор е постепено враќање на Израелците“, рече Мири Регев за време на посетата на местото на иранскиот напад во центарот на земјата.
„Има помеѓу 100.000 и 150.000 Израелци во странство“, рече министерката, додавајќи дека нејзината канцеларија отворила морска рута од Кипар и Грција.
Израелската авиокомпанија „Ел Ал“, која објави прекин на сите летови во петокот, во вторникот соопшти дека се подготвува за летови за спасување почнувајќи од среда.
Авионите на „Ел Ал“ ќе полетаат од Ларнака на Кипар, Атина, Рим и Милано во Италија и Париз, рече таа.
Израелскиот нискобуџетен превозник „Аркија“ исто така најави специјални летови почнувајќи од среда за да ги врати Израелците дома. Авионите на „Аркија“ ќе полетаат од Кипар, Грција и Црна Гора, се вели во соопштението.
Израел започнанапад врз Иран на 13 јуни, таргетирајќи стотици воени и нуклеарни цели, со цел, велат властите, да ја спречи земјата да развие атомска бомба. Иран постојано негира каква било таква намера.
Свет
Британскиот министер за одбрана: Единствениот пат до траен мир е дипломатско решение

Британскиот министер за одбрана, Џон Хили, изјави дека влошувањето на безбедносната ситуација на Блискиот Исток претставува опасен момент за целиот регион.
Тој нагласи дека Велика Британија продолжува да го поддржува правото на Израел на безбедност и дека има сериозна загриженост во врска со нуклеарната програма на Иран.
Сепак, Хили повика на воздржаност од сите страни и рече дека единствениот пат до траен мир е дипломатско решение, а не воена ескалација.
Тој додаде дека во регионот пристигнале дополнителни британски воени ресурси, вклучувајќи борбени авиони „Тајфун“ распоредени во RAF Акротири на Кипар, за да го заштитат британскиот воен персонал кој сега е во состојба на висока готовност.
На прашањето дали е загрижен за можноста САД директно да се вклучат во израелските напади врз Иран, со оглед на пристигнувањето на дополнителни американски борбени авиони, Хили одговори дека сегашниот американски претседател Доналд Трамп сè уште ги предводи повиците до Техеран да се согласи на договор.
Тој го опиша зголеменото воено присуство на Велика Британија и САД како порака до Иран дека дипломатскиот пат е единственото решение за сегашната криза.