Свет
Саливан: Путин планирал воени злосторства во Украина

Американскиот советник за национална безбедност, Џејк Саливан, синоќа изјави дека воените злосторства извршени од руските сили во Украина се дел од главниот план на рускиот претседател Владимир Путин.
„Покрај тоа, пред да почне војната, ние ги декласифициравме разузнавачките податоци и ги презентиравме посочувајќи дека постоел план од највисоките нивоа на руската влада да се таргетираат цивили што ѝ се противат на инвазијата, да се предизвика насилство врз нив, да се организираат напори за нивна брутализација со цел да се обиде да го тероризира населението и да го потчини. Значи, ова е нешто што беше планирано“, изјави Саливан во емисијата „Оваа недела“ на ABC.
„Политико“ пишува дека по неодамнешното повлекување на руските сили од областа околу Киев, биле оставени масовни докази за злосторства, особено во Буча, каде што биле убиени цивили, многумина со врзани раце на грбот, пронајдени низ целата област. Освен тоа, пишува весникот, Русија за време на војната гаѓала цивилни локации, со напади врз болници и места каде што се собирале бегалците.
„Фотографиите што ги видовме од Буча и другите градови се трагични, ужасни. Тие се целосно шокантни, но не и изненадувачки“, изјави Саливан.
Тој истакна дека е можно некои брутални дејства да се спонтани посочувајќи дека руските војници – фрустрирани од лошиот тек на инвазијата – се свртеле кон украинските цивили.
„Им беше кажано дека ќе имаат величествена победа и само ќе се возат во Киев без никакво противење, дека Украинците ќе ги пречекаат, а кога тоа не се случи, мислам дека некои од овие единици се вклучија во акти на бруталност, злосторства и воени злосторства и без наредба одозгора. Но, да нема грешка, поголемото прашање за воените злосторства и злосторствата од големи размери во Украина лежи пред нозете на Кремљ и на рускиот претседател“, заклучи Саливан.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Претседателот на Финска: Ќе поминеме преку барањата што Турција ги искажа

„Финска ќе помине преку барањата што Турција ги искажа во спротивставување на плановите на таа земја и на Шведска да се приклучат кон НАТО“, изјави денеска финскиот претседател Саули Нинисто по средбата со американскиот претседател Џозеф Бајден и шведската премиерка Магдалена Андерсон во Белата куќа.
„Имаме причина да поминеме преку она што Турција го изрази на соодветен начин, а потоа да ги дадеме нашите јасни одговори“, изјави Нинисто на новинарите, пренесе „Ројтерс“.
По децениска неутралност, Финска и Шведска вчера официјално ја поднесоа својата апликација за влез во НАТО.
Свет
„Мекдоналд“ најде купувач за рестораните во Русија

Популарниот американски синџир за брза храна „Мекдоналд“ денеска објави дека почнал процес на продажба на своите ресторани во Русија на еден од носителите на лиценцата во таа земја откако работел повеќе од 30 години, јавува „Анадолија“.
Најавено е дека Александар Говор, кој раководи со 25 ресторани во Сибир, е подготвен да купи 850 руски ресторани „Мекдоналд“ и да ги работи под ново име, а продажната цена не е откриена.
Компанијата во понеделникот соопшти дека ќе ја напушти Русија по инвазијата на Украина.
„Договорот за продажба е предмет на регулаторно одобрување и се очекува да биде затворен во рок од неколку недели“, велат од „Мекдоналд“.
Спич, која ја поседува лиценцата од 2015 година, се согласи да задржи 62.000 вработени најмалку две години под исти услови како и „Мекдоналд“, како и да им исплати плати до затворање на продажбата, пренесе „Дневен аваз“.
Свет
Талибанецот за кој САД нудат 10 милиони долари да го фатат: Ги чуваме непослушните жени дома

Авганистанскиот министер за внатрешни работи и помошник на заменик-лидерот на талибанците, Сираџудин Хакани, се појави пред камерите на Си-ен-ен во Кабул, само неколку месеци откако првпат го покажа своето лице во јавноста.
Запрашан за авганистанските жени што велат за тоа дека се плашат да ги напуштат своите домови под талибанско владеење, Хакани низ смеа рече: „Ние ги чуваме непослушните жени дома“.
Откога репортерот побара да го разјасни својот коментар, тој рече: „Кога реков палави жени, тоа беше шега, што се однесуваше на оние палави жени што контролираат некои други партии да ја преиспитаат актуелната власт“.
Хакани исто така рече дека на жените ќе им биде дозволено да работат во согласност со талибанското толкување на исламскиот закон и националните, културните и традиционалните принципи.
„Дозволено им е да работат во нивните рамки“, рече тој. Тој вели и дека во авганистанската влада нема никој против образованието на девојчињата.
„Многу набргу ќе слушнете многу добри вести за ова прашање, ако даде Господ“, додаде тој, без да прецизира временска рамка.
Соработниците на Хакани изјавија дека ова интервју е обид да се отвори ново поглавје во односите со САД и светот.