Свет
Саливен ја предупредува Кина: Ќе има последици доколку Пекинг и помогне на Москва

Американските власти го предупредија Пекинг дека ќе има последици доколку Кина се обиде да и помогне на Русија да ги надомести загубите од западните санкции, изјави денеска советникот на американскиот претседател за национална безбедност, Џејк Саливан.
– Внимателно го следиме степенот до кој Кина всушност и дава материјална и економска поддршка на Русија. „Му рековме на Пекинг дека нема да толерираме или дозволиме која било земја да се обиде да ги компензира Русија за нејзините економски загуби од западните санкции“, рече Саливан во интервју за CNN, додавајќи дека тоа ќе има последици за Кина.
Во исто време, тој одби да одговори на прашањето дали САД се подготвени да воведат ограничувања на Пекинг доколку тој се обиде да и помогне на Русија да ги надомести економските и финансиските загуби од санкциите воведени од САД и нивните сојузници, пренесе Спутник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Во Тексас собир на лобистите за оружје, ќе се обрати и Трамп

Неколку дена по убиството на 19 деца и 2 учители во основното училиште во Увалде, денес во Тексас почнува годишната конвенција на американските лобисти за оружје (НРА). На присутните треба да им се обрати поранешниот претседател Доналд Трамп, кој за време на неговиот мандат не сакаше да го ограничи поседувањето оружје.
Конвенцијата на НРА почнува во Хјустон, каде што републиканците, вклучително и американскиот сенатор Тед Круз од Тексас и Трамп, ќе ѝ се обратат на групата што се бори за правата за носење оружје.
Неодамнешните престрелки во целата земја повторно ја разгореа дебатата за законите за оружје во САД. Масакрот во Увалде се случи само 10 дена откога самопрогласен бел расист застрела 13 луѓе во супермаркет во населба со претежно афроамериканско население во Бафало, Њујорк. Претседателот Џо Бајден и неговите колеги демократи ветија дека ќе извршат притисок за нови ограничувања за употреба на оружје и покрај отпорот на републиканците.
Но, малку е веројатно дека Конгресот ќе одобри построги закони за оружје бидејќи сите републиканци се противат наведувајќи го правото да носат оружје според Уставот на САД. Гувернерот на Тексас, Грег Абот, кој се надева на реизбор во ноември, смета дека построгите закони за оружјето не го спречуваат насилството. Пратениците, вели тој, треба да се фокусираат на превенција и третман на менталното здравје.
Потврдувајќи го своето учество на митингот, Трамп рече дека на САД им требаат вистински решенија и вистинско лидерство во овој период, а не политичари и пристрасни размислувања. Тој му вети на американскиот народ важен говор. Годишниот митинг се одржува во време кога полицијата е на удар на критики затоа што, наводно, ѝ требало премногу долго за да интервенира во училиштето во Увалде.
Регион
Русија протера петмина хрватски дипломати

Русија прогласи за непожелни пет хрватски дипломати во хрватската амбасада во Москва, а на хрватскиот амбасадор му беше врачена нота.
Според соопштението на Министерството, прогласувањето на дипломатите за персона нон грата е одговор на „непријателските чекори“ што Загреб претходно ги презеде за да го намали бројот на членови на руската дипломатска мисија.
На хрватскиот амбасадор му беше врачен остар протест во руското Министерство поради, како што се наведува, неоснованите обиди на хрватските власти да ја обвинат Русија за воените злосторства во Украина и за воената помош на Киев.
Хрватска протера 24 руски дипломати во април поради руската воена интервенција против Украина.
Свет
Најбогатиот човек во Украина и сопственик на „Азовстал“ ќе ја тужи Русија

Најбогатиот човек во Украина и сопственик на фабриката за челик „Азовстал“, Ринат Ахметов, вели во Мариупол дека планира да ја тужи Русија за загуба од 17 до 20 милијарди долари, објавија локалните медиуми. Челичарницата на Ахмет е тешко оштетена. На Путин му порача дека е воен злосторник, а акциите на Русија во Украина ги нарече геноцид.
Ахметов, за разлика од другите украински бизнисмени, не ја напушти Украина на 23 февруари. За украинскиот портал mrlp.city вели дека не си заминал бидејќи тоа би било срамно и недозволиво. Тој најави и дека ќе ја тужи Русија.
„Ќе ја тужиме Русија и ќе бараме компензација за сите загуби и изгубени работни места“, изјави Ахметов. Освен во фабриката за челик ‘Азовстал’, штета претрпе и железарницата ‘Иљич’, која е дел од неговиот холдинг СЦМ, откри Ахметов.
Индексот на милијардери на „Блумберг“ го проценува богатството на Ринат Ахметов на 6,93 милијарди долари. Поради руската инвазија на Украина, износот на неговото богатство е намален 40 отсто.