Свет
Сателитите ја преплавуваат орбитата: Хабл и другите телескопи сè потешко ја снимаат вселената
Експоненцијалното зголемување на бројот на сателити во ниската Земјина орбита донесе напредок во телекомуникациите, вклучително и пристап до широкопојасен интернет до руралните и оддалечените области во целиот свет, но исто така предизвика и пораст на светлосното загадување во вселената, што го загрозува работењето на астрономските опсерватории во орбитата.
Нова студија на НАСА, фокусирана на четири вселенски телескопи – два оперативни и два планирани – проценува дека голем процент од фотогтафиите што овие опсерватории ќе ги направат во текот на следната деценија би можеле да бидат контаминирани од светлината емитирана или рефлектирана од сателитите со кои ја делат ниската Земјина орбита.
Научниците пресметале дека 40-ина проценти од фотографиите направени од вселенскиот телескоп Hubble на НАСА и речиси 96 проценти од оние направени од опсерваторијата SPHEREx на американската вселенска агенција би можеле да бидат контаминирани од светлината од сателитот. Тие исто така пресметале дека 96 проценти од фотографиите од планираната опсерваторија ARRAKIHS на Европската вселенска агенција и планираниот телескоп Xuntian на Кина би можеле да бидат слично засегнати.
Тие додадоа дека Хабл ќе биде помалку засегнат поради неговото тесно видно поле.
Орбиталните телескопи се клучен дел од истражувањето на вселената. Тие може да набљудуваат поширок опсег на електромагнетниот спектар од телескопите на земјата, а недостигот на атмосферски пречки им овозможува да создаваат поостри фотографии од универзумот, што овозможува директно снимање далечни галаксии или планети надвор од нашиот Сончев систем.
„Иако досега поголемиот дел од светлосното загадување доаѓаше од градовите и возилата, порастот на констелации на телекомуникациските сателити бргу почнува да влијае на астрономските опсерватории во целиот свет“, рече астрономот Алехандро Борлаф од истражувачкиот центар „Ејмс“ на НАСА во Калифорнија, главен автор на студијата објавена во списанието „Натура“.
„Додека телескопите ѕиркаат во вселената обидувајќи се да детектираат далечни галаксии, планети и астероиди, сателитите понекогаш минуваат пред нивните камери оставајќи траги од светлина што влијаат на слабиот сигнал што го примаме од вселената. Ова беше познат проблем за телескопите на Земјата. Но досега се сметаше дека вселенските телескопи – многу поскапи и поставени на навидум недопрени точки на гледање во вселената – се практично ослободени од светлосно загадување предизвикано од човекот“, рече Борлаф.
Драматично зголемување на бројот на сателити
Во 2019 година имаше речиси 2.000 сателити во ниската Земјина орбита. Сега има приближно 15.000. Борлаф рече дека индустриските планови предвидуваат 560.000 сателити во ниската Земјина орбита во текот на следната деценија.
„За да добиете претстава за тоа колку се зголемил тој број неодамна, да речеме само дека лансиравме повеќе сателити во ниската Земјина орбита во последните четири години – од 2021 до 2025 година – отколку во претходните седум децении вселенски летови заедно“, рече Борлаф.
Можно решение
Еден начин да се реши овој проблем би бил поставување сателити во орбити пониски од оние во кои работат телескопите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Руте по разговорите со Трамп: Безбедноста на Арктикот во фокусот
Главниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави во четвртокот дека за време на неговата средба со Доналд Трамп во Давос воопшто не било спомнато американско сопствеништво над Гренланд и дека новата позиција на американскиот претседател не ја смета за пресврт, пренесе Си-Ен-Ен. „Не разговаравме за тоа“, рече Руте во интервју за Скај њуз во четвртокот. „Синоќа не беше спомнато.“
„Она што можам да го кажам е дека разговаравме за неговата идеја, неговата визија“, рече Руте, појаснувајќи дека тој и Трамп се фокусирале на тоа како НАТО може „да го спаси Арктикот од Русите и Кинезите“.
По средбата со Руте во средата, Трамп на социјалната мрежа Трут соушл објави дека се откажува од претходната закана за воведување царини за европските земји поради наводното попречување на американското преземање на Гренланд.
На прашањето на Скај њуз дали вознемиреноста предизвикана од коментарите на Трамп за Гренланд претставувала пречка за сојузниците во НАТО, Руте не се согласи и дури му припиша заслуги на Трамп за „спасувањето на НАТО“.
„Мислам дека е во право што ја покрена оваа расправа“, рече Руте. „Како можеме да го заштитиме Арктикот? Како можеме да обезбедиме Арктикот да биде безбеден? И би рекол дека, откако го спаси НАТО, тој сега е тој што ги предводи напорите за да се осигураме дека колективно ќе го спасиме арктичкиот регион.“
Свет
Шпанскиот министер повика на создавање единствена европска армија
Шпанскиот министер за надворешни работи, Хозе Мануел Албарес, изјави дека Европа треба да има своја армија.
„Мислам дека е време Европа да ја земе својата судбина и својот суверенитет во свои раце“, изјави Албарес на маргините на Светскиот економски форум.
Тој објасни дека ова значи отстранување на сите бариери за единствениот пазар и обезбедување сигурни трговски партнери во време на сè почести дискусии за царините. Тој додаде дека Европа мора да има и своја одбрана – да ја земе безбедноста во свои раце, да ги поврзе одбранбените индустрии и да се движи кон создавање европска армија.
Свет
Спречен напад врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц
Германската полиција спречила напад на еколошки активисти врз приватниот авион на германскиот канцелар Фридрих Мерц во еден хангар во градот Арнсберг, соопшти државното обвинителство.
Според соопштението, „полицијата во ноќта од среда кон четврток спречила три лица во обид да го оштетат приватниот спортски авион на претседателот на германската влада“.
Во соопштението на групата која ја презела одговорноста за обидот за напад се наведува дека три лица, на возраст од 23, 28 и 56 години, неовластено влегле во просторот на аеродромот Арнсберг-Менден, но полицијата спречила оштетување на авионот кој се наоѓал во еден од хангарите.
Меѓу приведените активисти е и познатата германска климатска активистка Ања Виндл. По акцијата, со соопштение се огласи и групата „Отпор колектив“, која ја презеде одговорноста за обидот за напад.
„Ние се обидовме, во рамки на протест, да го оневозможиме приватниот авион на канцеларот Фридрих Мерц. Додека климатската криза ескалира, германскиот канцелар се движи наоколу со приватен авион“, стои во соопштението на групата.

