Свет
Северна Кореја лансира интерконтинентална балистичка ракета, прва таква од 2017 година

Северна Кореја денеска истрела можна интерконтинентална балистичка ракета (ИЦБМ), објавија армиите на Јужна Кореја и Јапонија, што ќе биде прво вакво лансирање во целиот опсег на најголемите ракети од 2017 година.
Балистичката ракета заврши во водите источно од Корејскиот Полуостров, соопшти кабинетот на јапонскиот премиер.
Јужна Кореја исто така го пријави лансирањето, велејќи дека сè уште се обидува да утврди колку точно проектили биле лансирани. Јапонските власти наведуваат дека проектилот паднал на 170 километри од границата, пишува „Франс прес“.
Јужнокорејскиот началник на здружените сили изјави дека се смета за проектил со долг дострел, можеби интерконтинентална балистичка ракета (ICBM), објави Јонхап.
Јужна Кореја свика состанок на Советот за национална безбедност за севернокорејското прашање во врска со последното лансирање. Јужнокорејското Министерство за одбрана не можеше веднаш да потврди дали се работи за ICBM. Северна Кореја нема тестирано вакви ракети од 2017 година.
Претходните извештаи велеа дека Северна Кореја се подготвува да ја лансира најголемата ракета до сега. САД и Јужна Кореја предупредија дека Пјонгјанг се подготвува да лансира интерконтинентална балистичка ракета во полн дострел за прв пат од 2017 година, што е кршење на резолуциите на Советот за безбедност на ОН.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Советот за безбедност ќе одлучува за проширување на санкциите против Северна Кореја

Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе гласа за предлогот на САД за заострување на санкциите кон Северна Кореја.
Сакаат да се заострат санкциите поради лансирањето балистички ракети, но Кина, која има право на вето, соопшти дека резолуцијата нема да реши никакви проблеми.
Гласањето ќе се одржи еден ден откога Пјонгјанг лансира три проектили, вклучително и една за која се верува дека е најголемата интерконтинентална балистичка ракета, потсетува „Ројтерс“.
Ова е само последната во серијата балистички ракети лансирани оваа година од севернокорејскиот полуостров, што беше забрането од Советот за безбедност.
Нацрт-резолуцијата „дополнително ќе ја ограничи способноста на Северна Кореја да развива нелегално оружје за масовно уништување и програми за балистички ракети, ќе ги поедностави санкциите и ќе помогне во испораката на хуманитарна помош до оние на кои им е потребна“, рече американскиот функционер.
Кина и Русија претходно повикаа на олеснување на санкциите кон Пјонгјанг од хуманитарни причини.
За да се усвои резолуцијата, потребни се девет гласа „за“, а Франција, Русија, Кина, Велика Британија и САД да не стават вето.
Европа
Кличко: Главна цел на Русија останува освојувањето на Киев

Виталиј Кличко, градоначалникот на Киев и поранешен светски шампион во бокс, им се обрати на собраните на Светскиот економски форум (СЕФ), кој се одржува во Давос, Швајцарија.
Тој рече дека Русија сè уште се надева оти ќе го преземе главниот град на Украина.
„Јасно е дека не станува збор за специјална воена операција, како што тврди Русија, туку за војна, една од најголемите по Втората светска војна. Илјадници луѓе загинаа, меѓу кои и многу деца, а на истокот на земјата се води голема битка“, рече Кличко.
Тој рече дека не е тајна оти окупацијата на цела Украина и понатаму е приоритет на Русија, „а нејзината главна цел е главниот град, срцето на земјата“, додавајќи дека „целиот свет виде докази за воени злосторства преку сателитските снимки на Буча“.
„Сите разбираат дека ова не е специјална операција, туку геноцид врз украинскиот народ“, рече Кличко мислејќи на човечкото страдање во Украина, пренесуваат медиумите.
Европа
Украина: Двајца руски војници се изјаснија за виновни за воени злосторства

Двајца руски војници, кои беа заробени од украинските сили, денеска, за време на второто судење за воени злосторства во војната во Украина, ја признаа вината за гранатирањето на град во источниот дел на таа земја.
За време на судењето во Окружниот суд во Котелевск во централна Украина, државните обвинители побараа казна од 12 години затвор за Александар Бобикин и Александар Иванов за, како што наведоа, кршење на законот за војна, пренесува „Ројтерс“.
Бобикин и Иванов признаа дека биле дел од артилериска единица, која од областа Белгород во Русија гаѓала цели во областа Харков.