Свет
Северна Кореја не планира да седне на преговарачка маса со САД

Северна Кореја не планира да седне на преговарачката маса со САД, се вели во изјавата објавена од генерален директор на Одделот за американски работи при Министерството за надворешни работи на Демократска Република Кореја (КПРК), Квон Јонг Гун, пренесува Централната новинска агенција (КЦНА).
Претходно, првиот заменик-министер за надворешни работи на Северна Кореја, Чое Сон-хуи, во коментар за извештаите за потенцијалниот самит со САД изјави дека Пјонгјанг не треба да одржува разговори со САД.
„Некои луѓе прават самоцентрично толкување на изјавата на нашиот прв заменик-министер за надворешни работи дека тоа е порака со која ги повикува САД да дејствуваат и еден вид барање за поголема отстапка. Повторно експлицитно кажувам дека немаме намера да седнеме да разговараме со САД“, рече Квон Јонг Гун.
Оваа изјава беше упатена до силите во Јужна Кореја, кои понудија помош наводно за решавање на односите ДРПК-САД, кои стануваат сè покомплицирани.
Првиот самит меѓу САД и Северна Кореја се одржа на 12 јуни 2018 година во Сингапур. Претседателот на САД, Доналд Трамп, и лидерот на Северна Кореја, Ким Јонг-ун, потпишаа заеднички документ во кој Пјонгјанг се обврза да го денуклеаризира Корејскиот Полуостров за возврат за американските безбедносни гаранции.
Сепак, вториот билатерален самит во Ханој не даде резултат. Двајцата лидери одржаа и кус состанок во Панмуџом, село на границата меѓу двете Кореи, на 30 јуни 2019 година и се согласија да продолжат разговорите на работно ниво, но следната средба на работните групи во Стокхолм беше залудна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
(Видео) Медицински сестри во ковид-болница во Хрватска играат оро и се веселат

На интернет се појави скандалозна снимка на која се гледа како медицински сестри играат и се веселат со жива музика во најголемата ковид-болница во Хрватска.
Снимката ја објави РТЛ. Како што наведуваат хрватските медиуми, веселбата се случила на почетокот на овој месец, а била доставена до РТЛ од вработена во болницата.
На прославата се присутни медицински сестри и помошен персонал, кои пејат и играат со жива музика, без да се придржуваат до епидемиолошките мерки, без физичка дистанца и без маски.
На снимката се гледа и хармоника наредена со пари.
Тоа ги налути дел од нивните колеги во болницата во Дубрава. Една од нив вели дека во преку 20 години работен стаж не доживеала вакво нешто.
„Во вакви ситуации се срамам што сум медицинска сестра. Во 20 години стаж ова не сум го доживеала. Непочитувањето на епидемиолошките мерки, алкохол, тамбури, песни и игри. И сето тоа во просторот на болницата во режија на вработените. Не знам кој дозволил бенд во болницата и дали знаел за тоа, но очекувам санкции за актерите на овој настан. Мислам дека со ова се фрли грда слика на останатите вработени, кои си ја работат својата работа како што треба. Време е да се одговара за тоа и да се спречат вакви настани во иднина. Се бориме против вирусот а сами го шириме. Лута сум и разочарана“, напиша една сестра.
Директорот на болницата, Ивица Лукшиќ, рече дека не е запознаен со случајот.
„За првпат го гледам видеото и изненаден сум. Изненаден сум, но мора да знаете дека луѓето работат напорно во болницата и дека морам да ги видам сите околности што доведоа до тоа“, рече тој.
Засега е непознато колку вработени дежурале да се грижат за пациентите во времето на оваа забава, а колку останале по завршувањето на нивната работа. Не е познато која е причината за прославата.
Свет
(Видео) Џонсон со предупредување: Новиот вид коронавирус посмртоносен од претходниот

Британскиот премиер Борис Џонсон вечерва предупреди дека според најновите податоци новиот вид на Ковид-19 може да биде посмртоносен од другите видови.
Како што пренесе Би-би-си, податоците ги анализирале научници од советодавното тело „Советодавна група за закани за нови и респираторни вируси“, кое ја известило владата на земјата. Сепак, како што се наведува, овие докази сè уште се во прелиминарна фаза. Според британските медиуми, некои студии веќе покажале дека новиот вид на коронавирус се шири многу полесно од оригиналната „верзија“.
„Покрај побрзото ширење, постојат докази дека новиот сој е поврзан со поголема стапка на смртност“, рече Џонсон на прес-конференција.
Вакцините што ги користиме во моментов се ефикасни и против новите варијанти, рече Џонсон, нагласувајќи дека токму новиот вид е причината поради која британското здравство е под силен притисок.
Советникот на британската влада, Патрик Валанс појасни дека нема разлика во смртноста кај пациентите заразени со различните видови на вирус.
„Сепак, кога се гледаат податоците за секој што е позитивен, постојат докази дека постои зголемен ризик кај оние кои се заразени со новата варијанта на вирусот“, рече Валенс.
Тој додаде дека доказите сè уште не се силни и дека сите податоци сè уште не се целосно потврдени.
„Понатаму сме загрижени дека мутираните вируси можат да бидат поотпорни на вакцините“, рече тој, додавајќи дека се потребни „повеќе клинички истражувања“ на новите видови.
Англија и Шкотска на 4 јануари најавија нови ограничувања со цел да се запре ненадејното зголемување на болеста, стимулирана од крајно преносливата нова варијанта на коронавирусот, што доведе до рекорден број на дневни смртни случаи и инфекции овој месец.
До денес, повеќе од 3,5 милиони луѓе се заразени во Велика Британија, додека близу 96.000 луѓе починаа.
Регион
Трнливиот пат на Мира Фурлан, од секс-симбол до предавница, келнерка и холивудска ѕвезда

По веста за смртта на познатата филмска и театарска актерка Мира Фурлан, која почина на 65-годишна возраст, јавноста се потсетува на нејзината биографија во која има многу подеми и падови. За нејзиниот живот се пишуваше и се зборуваше многу во последните децении. Никогаш не го криеше фактот дека напуштањето на родната земја и на професијата во даден миг го гледаше како единствено решение за време на немирите што го зафатија регионот.
Патот до славата беше трнлив
Родена е во Загреб, а во 1991 година Мира се пресели во Америка, каде што започна целосно нов живот.
Сепак, на нејзиниот пат кон успехот му претходеа немили настани. Нејзината мајка починала од рак кога актерката имала само 16 години, што за неа било пресилен удар, поради специфичната врска што ја имале. Тие често се карале, а Мира по смртта на мајка ѝ ги напишала своите писма во кои се извинува.
Во 1986 година Мира се сретнала со српскиот режисер Горан Гајиќ, со кого наскоро започнала врска. Бидејќи од љубов живеела на релација Белград-Загреб, хрватските медиуми ја обвинија дека се приклонува кон Србија во раните 90-ти и објавија текстови во кои ја нарекуваа предавница.
Како ја освоил режисерот?
„Тој се искачи на јарболот на бродот што нè однесе од Хвар до Вис. Гледајќи го како се држи до тој неописливо висок јарбол со една рака, сфатив дека тој е човек кој не се плаши. Конечно, си реков. Моите претходни средби со луѓето од спротивниот пол беа претежно средби со целосно преплашени мажи. Паничниот страв од жените е исто така извор на насилство врз жените, што ја карактеризира оваа област. Овој страв и омразата што произлегува од тоа беа, исто така, според мене причина за линчувањето на моето детство во раните деведесетти “, изјавила Фурлан за медиумите.
Станот ѝ бил одземен, работела како келнерка
Често посетувала психијатар, поради што била изложена и на јавни осуди. Откако ја отпуштиле од Хрватскиот народен театар, станот што го наследила од нејзината баба и` бил одземен, а таа добивала по 50 смртни закани на ден.
Мира и Горан биле принудени да се преселат во Белград во 1991 година, од каде што заминале во САД. Тие таму направиле сè за да преживеат. Горан работел како доставувач, асистент и уредник, а Мира како келнерка, продавачка и преведувач. Тие се заколнале на вечна љубов и добиле син кого го крстиле Марко Лав.
Во периодот од 2004 до 2008 година таа глумела во американската серија „Изгубени“, која постигна планетарен успех, а беше и исклучително популарна во Србија.
Наскоро постигнала исклучителна репутација во Америка, а во 2014 година добила понуда да предава на филмската академија во Лос Анџелес, а потоа и на филмската академија во Њујорк.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот