Свет
Се зголемува криминалот во Шведска, премиерот не ги обвинува мигрантите за тоа

Со зголемувањето на криминалот на бандите во Шведска, премиерот Стефан Лофвен сè уште одбива да ја обвини миграцијата за проблемот. Статистиката докажува дека греши, но во Шведска социјалната правда е очигледно поважна од вистинската правда, пренесува РТ.
Среде бран бомбашки напади и вооружени престрелки, Данска минатата недела ја затвори границата со Шведска повторно воведувајќи пасошки контроли и полициски проверки првпат од 50-тите години.
„Затегнувањето на безбедноста е неопходно за да ѝ се спротивставиме на заканата од сериозен, прекуграничен криминал“, рече министерот за правда на Данска, Ник Хекеруп.
Тринаесет експлозии и двојно убиство во Данска предизвикаа блокада, но во Шведска проблемот е уште полош. Минатата година имало 162 бомбашки напада, а 120 се случиле во првите седум месеци од 2019 година.
Десницата ги обвини бандите предводени од мигрантите за криминалниот бран, но премиерот Лофвен не го прифаќа тоа. Иако призна дека заканата од насилство на бандите е реална и се зголемува, тој во неделата за шведската ТВ-мрежа СВТ изјави дека извор на проблемот се сегрегацијата, сиромаштијата и невработеноста.
„Сегрегацијата се јавува затоа што има премногу висока невработеност во овие области. Но, ќе беше исто без оглед на тоа кој живее таму. Ако ставите луѓе родени во Шведска под исти услови, ќе го добиете истиот резултат. Поради економскиот јаз, социјалните неправди би биле исти“, рече тој.
Стапката на невработеност во Шведска достигна 8,6 отсто во 2010 година како резултат на големата рецесија. Сепак, Швеѓаните не почнаа да се навредуваат меѓусебно и следната година во земјата имаше само 17 убиства од огнено оружје. До 2018 година стапката на невработеност опадна на 6,3 отсто, а сепак беа убиени 43 луѓе. Сè на сè, убиствата се зголемиле повеќе од двојно меѓу 2008 и 2018 година, според владината статистика.
Сакал да признае Лофвен или не, врската меѓу мигрантите и криминалот не е само нешто од десничарската фантазија. Истрагата за 2017 година на весникот „Дагенс Нихтер“ откри дека мигрантите стојат зад 90 отсто од пукањата во Шведска. Според извештајот, мнозинството извршители на кривични дела со пукање биле мажи по потекло од Блискиот Исток или Северна Африка.
Нападите со гранати се чини дека се увезена појава. Во Шведска имаше мал број експлозии годишно до 2016 година кога во нападите биле искористени 39 рачни гранати. Се разбира, 2015 година беше годината кога Шведска прими повеќе од 160.000 мигранти и баратели на азил. Но, фактот дека нападите со гранати се зголемија речиси 40 пати во исто време кога Шведска беше преплавена со нови мигранти, едноставно може да биде случајност.
Ако вистинската причина е навистина невработеноста, како што сугерира Лофвен, тогаш проблемот повторно е поврзан со имиграцијата. Минатата година во владиниот извештај се утврди дека стапката на невработеност за лица со мигрантско потекло била речиси 20 отсто. Друг извештај минатиот месец откри дека до 90 отсто од барателите на азил што пристигнале во мигрантската криза во 2015 година се невработени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
ЕУ им се заканува на Србија и Косово: Ќе ве казниме ако се повтори насилството

Европската унија денеска се закани дека ќе воведе казнени мерки за Србија и Косово доколку не спречат повторување на насилството што беше насочено против меѓународните мировници по спорните локални избори за градоначалник. „Неуспехот да се деескалираат тензиите ќе доведе до негативни последици“, се вели во соопштението на ЕУ објавено во саботата.
Во соопштението за медиумите се повикува на итно воспоставување мир на северот на Косово, каде што на крајот на мај српските милитанти ги нападнаа мировниците на НАТО со запаливи средства и камења за време на протестот во селото Звечан. Ранети се 30 италијански и унгарски војници и повеќе од 50 Срби.
Како точно би можеле да изгледаат „одлучните мерки“ на кои се заканува ЕУ не беше објаснето. Можно е да се намали финансиската поддршка што ја добиваат двете земји како кандидати за влез во ЕУ. Соработката исто така може да биде ограничена. „Насилството можеше да се избегне и мора да се избегне во иднина“, се вели во изјавата што во име на ЕУ ја објави комесарот за надворешни работи Жозеп Борел.
ЕУ ги повика Косово и Србија да преземат итна и безусловна акција за деескалација на ситуацијата и „да престанат да користат реторика за поделби и да се воздржат од какви било понатамошни некоординирани акции“.
Неодамнешните протести се разгореа по изборот на нови градоначалници во северно Косово, политичари од албанско потекло кои победија на дополнителните избори, кои беа бојкотирани од Србите по налог на властите во Белград.
Uncategorized
Протести во Белград против насилството: Ако има дно, го допревме тој ден

Во 18 часот пред Собранието на Србија започна нов протест „Србија против насилството“, петти по ред по трагедиите во белградското основно училиште и во две села кај Младеновац. Намерата на демонстрантите е во поворката од српскиот парламент да го опколат квартот каде што се наоѓа седиштето на претседателот на Републиката.
Денешниот протест можеби е уште помасовен поради острите реакции во јавноста откако претставници на владејачката Српска напредна странка во српскиот парламент ги нарекоа „ѓубриња“ актерите кои ги поддржаа демонстрантите и нивните барања. Оваа недела актерите објавија проглас во кој оценките на претставниците на СНС ги нарекуваат насилство.
Актерот и режисер Драган Бјелогрлиќ вечерва рече дека мисли оти денес има повеќе демонстранти од кога било.
„Посебно сакам да им се обратам на младите во Србија, пред еден месец бевме опфатени со трагедија каква што нашите луѓе не помнат. Трагедија која никогаш нема да ја преболиме и не треба да ја преболиме. Сите наши порази и несреќи , сите злосторства што сме ги направиле на другите и самите нас го допреле дното, а ако има дно, го допревме тој ден“, рече Бјелогрлиќ. „Тоа што вие младите излеговте на улица, што не сакате да живееме во ова соголено општество, дава надеж дека ќе се издигнеме од тоа дно“, рече Бјелогрлиќ.
Регион
Ердоган положи заклетва за трет претседателски мандат

Реџеп Таип Ердоган денеска во парламентот на Турција положи заклетва за трет претседателски мандат, по победата во вториот круг на изборите, ветувајќи дека функцијата ќе ја извршува непристрасно, пренесуваат светските агенции.
По инаугурацијата во парламентот ќе се одржи свечена церемонија во претседателската палата во главниот град на земјата, Анкара, на која која ќе присуствуваат повеќе светски лидери.
Турскиот лидер победи во вториот круг на претседателските избори што се одржа на 28 мај, откако во првиот круг две недели претходно не успеа да освои 50 отсто од гласовите на турскиот електорат.
На изборите тој се соочи со кандидатот на моќната опозициска коалиција Кемал Киличдароглу. Ердоган успеа да победи на изборите и покрај незадоволството меѓу турските граѓани поради економската криза и гневот кон властите за нивната реакција по земјотресот кој во февруари ја погоди земјата и во кој загинаа повеќе од 50.000 луѓе.
Ердоган во вториот круг освои 52,18 отсто од гласовите, додека неговиот ривал Киличдароглу – 47,82 отсто, покажаа официјалните резултати.
„Како претседател, се колнам во мојата чест и интегритет, пред големата турска нација… ќе работам со сите сили за заштита на постоењето и независноста на државата… и ќе ја исполнам мојата должност непристрасно“, рече Ердоган во парламентот, пренесува регионалниот сервис на РСЕ.
По заклетвата тој доби овации од неговите поддржувачи во парламентот, додека некои пратеници од опозицијата одбија да станат.
Во својата заклетва, Ердоган вети и дека нема да отстапува од владеењето на правото и секуларните принципи на републиката основана пред 100 години од Мустафа Кемал Ататурк.
Меѓу странските лидери кои се очекува да присуствуваат на свечената церемонија по инаугурацијата се претседателот на Азербејџан Илхам Алиев, потпретседателот на Иран Мохамад Мохбар; премиерот на Унгарија Виктор Орбан и претседателот на Долниот дом на рускиот парламент Вјачеслав Володин.
На церемонијата, како што соопштија од неговиот кабинет ќе присуствува и ерменскиот премиер Никол Пашинјан, што преставува нов знак за затоплување на односите меѓу двете земји.
Решавањето на економските проблеми во земјата ќе биде првиот приоритет на Ердоган, кој треба да се справи со инфлација од 43,7 отсто, делумно поттикната од неговата неортодоксна политика на намалување на каматните стапки за да се стимулира растот.