Свет
Се укинуваат мерките за влез во Германија во текот на летото

Германскиот министер за здравство Карл Лаутербах денеска изјави дека владата планира да ги укине епидемиолошките правила во текот на летото, според кои на патниците за влез во Германија им треба потврда за вакцинација против Ковид-19, негативен резултат од тестот или доказ за прележан ковид.
Лаутербах изјави за медиумската група „Функе“ дека правилата што важат за сите луѓе постари од 12 години, без разлика од каде доаѓаат во Германија, ќе бидат суспендирани од 1 јуни до крајот на август, пренесува АП.
Од почетокот на март Германија повеќе нема список на „зони со висок ризик“.
Бројот на нови случаи на коронавирус во Германија постојано се намалува, а повеќето рестриктивни мерки се укинати. Сепак, владата најави дека ќе обезбеди дополнителни 830 милиони евра за набавка на вакцини кои ќе помогнат да се сузбијат можните варијанти на коронавирусот наесен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Гувернерот на Доњецк до цивилите: Евакуирајте се, доаѓаат Русите

Гувернерот на Доњецк повика 350.000 цивили да се евакуираат од тој источен украински регион поради претстојната руска офанзива.
Повикот дојде еден ден откако рускиот претседател Владимир Путин прогласи победа во соседниот регион Луганск, кој целосно падна во руски раце оваа недела. Се верува дека Доњецк е следната цел на Русите, поради што властите ги повикаа цивилите да се евакуираат.
Гувернерот на Доњецк, Павло Кириленко, изјави дека евакуацијата на 350.000 цивили е „неопходна за да се спасат животи“ и „да и се овозможи на украинската армија полесно да ги брани градовите од руската офанзива“.
„ Во Доњецк ќе се решава судбината на целата земја. Кога цивилите ќе бидат евакуирани од регионот, армијата ќе може да се концентрира на непријателот“, најави Кириленко.
Вчера руските сили силно го бомбардираа Славјанск, град во Доњецк за кој се верува дека заедно со Краматорск е клучна цел на руските сили. Градоначалникот на Словјанск, Вадим Лика преку Фејсбук ги повика жителите да се евакуираат.
Регион
Сопругата на хрватскиот претседател вршела притисок да му ги поправат оценките на син ѝ

Хрватското Министерство за образование и наука отвори инспекциска постапка во училиштето во кое учи синот на хрватскиот претседател Зоран Милановиќ откога неговата сопруга, како што тврди „Јутарњи лист“, извршила притисок врз директорот на училиштето да му ги смени веќе заклучените оценки на син ѝ, и тоа од четворки во петки.
Според весникот, Сања Мусиќ-Милановиќ на 24 јуни испратила имејл до директорот на училиштето на син ѝ, класниот раководител и до училишниот психолог наведувајќи ги неправилностите во наставата по математика како причина за промената на оценките.
Ова предизвика бран реакции во медиумите поради наводниот притисок на сопругата на претседателот да му ги зголеми оценките на синот, така што просекот на сите негови оценки би бил пет, пренесуваат хрватските медиуми.
Според „Хина“, Милановиќ денеска изјавил дека не знаел за писмото на сопругата до училиштето и дека тој немало да го напише. Милановиќ исто така ја нападнал и компанијата „Ханза медија“, сопственик на „Јутарњи лист“, поради објавување напис на оваа тема.
„Не знаев. И јас не би бранел нешто само затоа што жена ми го направила. Кога се занимаваш со ваква работа, тоа всушност ништо не значи, но, според мене, тука е многу помалку важно од начинот на кој криминалната организација „Ханза медија“ ја подготвила“, рече Милановиќ.
Тој додаде дека со тоа писмо неговата сопруга оставила „бразда длабока три метри“.
„Да ми го направеше тоа мајка ми кога имав 17,5 години, ќе полудев“, изјави Милановиќ. „ Но, мама е мама, сега мама остави пишан белег“, рече Милановиќ.
Хрватскиот претседател смета и дека цел на текстот во весникот не е неговата сопруга, туку лично тој.
Свет
Уште еден руски милијардер пронајден мртов во базен со прострелна рана во главата

Рускиот милионер Јуриј Воронов (61), шеф на логистичка компанија која имала профитабилни договори со „Газпром“ на Арктикот, е пронајден мртов во својот дом, во богатото предградие на Санкт Петербург.
Воронов вчера бил пронајден како лебди во базенот со прострелна рана во главата, а на дното од базенот биле пронајдени неколку патрони.
Рускиот истражен комитет ја истражува смртта на Воронов за која во моментот се сомневаат дека е предизвикана од спор со деловните партнери. Неговата сопруга наводно ѝ рекла на полицијата дека Воронов се жалел оти бил измамен од нечесни изведувачи и партнери за многу пари и дека неодамна почнал да пие многу.
Ова е само една во низата мистериозни смртни случаи на руски богаташи од почетокот на инвазијата на таа земја на Украина.
Александар Тулаков (61), висок функционер за финансии и осигурување на „Газпром“, беше пронајден мртов во својот дом во февруари. Инспекторите рекоа дека тој се самоубил, но локалните извештаи велат дека на неговото тело имало знаци на насилство, што укажува на тоа дека бесењето било наместено.
Три недели претходно 60-годишниот Леонид Шулман беше пронајден мртов, избоден во бањата. Шулман беше шеф на транспортот во „Газпром инвест“, филијала на енергетскиот гигант задолжен за инвестициски проекти.
Милијардерот Александар Суботин (43), поранешен висок функционер во енергетскиот гигант „Лукоил“, исто така беше пронајден мртов во мај. Една од теориите е дека тој бил отруен со отров што предизвикал срцев удар.