Европа
Се јави руски милијардер кој тврди дека е вистинскиот сопственик на „палатата на Путин“

Милијардерот Аркадиј Ротенберг, близок до претседателот Владимир Путин, денеска изјави дека тој е сопственикот на палатата на Црното Море за која затворениот опозициски лидер Алексеј Навални тврди дека ја користел рускиот претседател.
„Пред неколку години, успеав да постигнам договор со доверителите и станав корисник на таа зграда“, тврди Аркадиј Ротенберг во соопштение кое го пренесе неговата канцеларија за печат. Тој додава дека има намера зградата да ја претвори во хотел.
„Сè е направено професионално и се надевам дека ќе го завршиме хотелот за неколку години“, вели бизнисменот, кој бил поранешен партнер на Путин за џудо.
Опозицискиот лидер Алексеј Навални го обвини Владимир Путин во филм објавен на „Јутјуб“, а досега прегледан над 100 милиони пати, дека користи огромна и раскошна палата на брегот на Црното Море, чија изградба чинела повеќе од милијарда евра.
Путин ги негираше обвинувањата, за кои тврди дека имаат за цел „перење на мозокот“ на Русите и нивно поттикнување на протести.
Руската државна телевизија објави снимки од зградата на кои се гледа дека и натаму траат работите и дека е далеку од луксузот што го опишува Навални, што пак го наведуваат како доказ за неговите манипулации.
Сојузниците на опозицискиот лидер тврдат дека работата на резиденцијата е во тек поради градежни пропусти и дека Владимир Путин е нејзиниот вистински корисник.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Бразилскиот вид на вирусот потврден и во Австрија

Првиот случај на инфекција со бразилскиот вид на коронавирусот е потврден во австриската прокраина Салцбург.
Сомнежот се појавил на 23 февруари, кога примерокот бил испратен на секвенционирање, што покажало дека станува збор за бразилски вид.
По британскиот и јужноафриканскиот вид на вирусот, бразилскиот вид е третата мутација потврдена на австриско тло.
Видот наречен B.1.1.28 најпрво беше откриен во декември во Бразил, а потоа и кај група патници кои патувале од Бразил за Јапонија.
Првите студии покажуваат дека овој вид е далеку поинфективен од другите.
Бразилскиот сој веќе е откриен во неколку европски земји како Италија и Германија, а денеска го потврди и Словенија.
Европа
Двајца германски политичари дадоа оставки поради аферата со набавка на заштитни маски

Двајца германски политичари денеска објавија дека ги напуштаат своите партии и се повлекуваат од сите позиции под притисок на јавноста и партиските лидери во врска со скандалот со мито, поврзан со набавка на заштитни маски во пандемија на коронавируси, пишуваат германските медиуми.
Политичарот на владејачката Христијанско-демократска унија, ЦДУ, Никола Лобел, денеска поднесе оставка од сите политички должности, и се повлекува од своето место во Бундестагот поради оваа афера.
„Со цел да спречам понатамошно оштетување на мојата партија, решив да го повлечам пратеничкиот мандат“, соопштија од неговата канцеларија.
Претходно, неколку лидери на ЦДУ, вклучувајќи го и новиот претседател на партијата Армин Лашет, предложија Лобел да поднесе оставка.
По првите обвинувања за мито, 34-годишниот Лобел најави дека ќе го повлече пратеничкиот мандат дури на крајот на август.
Политичарот на ЦДУ е обвинет дека минатото лето добил 250.000 евра како сопственик на посредничка компанија за медијација при набавка на поголема количина медицински заштитни маски.
Адвокатот Георг Нуслeјн од сестринската партија на ЦДУ, Христијанско социјалната унија ЦСУ, исто така беше обвинет за примање мито во врска со набавка на големи количини заштитни маски. Тој веќе поднесе оставка од сите позиции во Бундестагот, а неговиот адвокат денеска објави дека Нуслејн се повлекува од политиката на покраинско ниво.
И кај овој баварски политичар станува збор за провизија во висина од 250.000 евра а
Минатата година, за време на првиот пандемиски бран, Германија се обиде на секој можен начин да добие што е можно повеќе маски на глобалниот пазар. Според германските медиуми, по тој повод биле склучени многу зделки на штета на даночните обврзници.
Европа
Евростат: Жените во ЕУ имаат просечно 14,1 процент пониски плати од мажите

Во 2019 година жените во ЕУ имаа просечно 14,1 процент пониска бруто-плата по час од мажите, покажуваат податоците на Европскиот завод за статистика.
„Постои нерамнотежа во приходот на жените и мажите“, констатира Евростат, истакнувајќи ја разликата во просечната бруто-плата по час.
Податоците од компаниите со повеќе од 10 вработени покажуваат дека во 2019 година, жените имале во просек 14,1 процент пониска бруто-плата по час од мажите, откриваат статистичарите.
Најголемата разлика во 2019 година е забележана во Естонија, Летонија, Австрија, Германија и Чешка, каде што жените примале петтина пониска бруто-плата по час од мажите.
Во групата спаѓаат и Чешка, Словачка и Унгарија, каде што бруто-платата по час на жените била во просек од 18,4 до 18,2 проценти помала од онаа на мажите.
Во Луксембург, Романија, Италија и Белгија, разликата е многу мала, со просечна бруто-плата по час на жените за 1,3 до 5,8 проценти помала од онаа на мажите.
Во Словенија просечната плата на жените за 7,9 проценти е помала од онаа на мажите, во Полска за 8,5 проценти, додека жените во Кипар, Грција и Португалија можат да сметаат на 10,1 до 10,6 проценти помала плата од мажите.
Хрватска е исто така блиска, со просечна бруто-плата по час на жените во 2019 година за 11,5 проценти пониска од онаа на мажите.
Во групата спаѓаат и Ирска, Шведска, Малта и Шпанија, каде жените во 2019 година добивале од 11,3 до 11,9 проценти помала бруто-плата по час од мажите, утврди Евростат.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа2 недели
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Економија3 недели
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“