Свет
СЗО: Ако богатите земји продолжат да трупаат вакцини наместо да споделуваат, ќе се случат три големи проблеми

Богатите земји, кои се расправаат за вакцината против Ковид-19, мора да ја разгледаат состојбата во посиромашните делови на светот, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО) предупредувајќи дека со собирањето дози вакцини во затворен круг се одржува пандемијата во живот.
Изјавата на СЗО следува откога Европската комисија соопшти дека ќе го ограничи извозот на вакцини од Европската Унија, вклучувајќи ја и Велика Британија, со изговор дека тоа морала да го стори за да си обезбеди сопствени резерви.
ЕУ, чии земји членки се далеку зад Израел, Велика Британија и Соединетите Американски Држави во однос на вакцинацијата, се обидува да се снабди со резерви додека најголемиот западен производител на вакцини ја забавува испораката на вакцините до Унијата поради проблеми со производството.
„Ако натрупаме вакцини наместо да ги споделуваме, ќе се случат три големи проблеми. Првиот, како што реков, ќе биде катастрофален морален неуспех, вториот, пандемијата сепак ќе биде жива и, трето, глобалното економско закрепнување ќе биде многу бавно“, рече на виртуелен брифинг генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус.
„Изборот зависи од нас и се надевам дека ќе го направиме вистинскиот избор“, рече тој.
Мајк Рајан, главен експерт за итни случаи на СЗО, рече дека луѓето исто како нив треба да мислат на колегите што се во првите редови во борбата против заразата.
Тој ги осуди земјите што се борат за колачот, а здравствените работници во сиромашните земји немаат ниту пристап до трошки.
Организацијата минатата недела соопшти дека постигнала договор со „Фајзер“ и „Бионтек“ за 40 милиони дози вакцини и дека треба да почне со дистрибуција на вакцини за сиромашните земји, како и за оние со пониски примања како дел од програмата „Ковакс“ следниот месец.
СЗО се надева дека ќе добие итно одобрување за употреба на вакцината на „Астра зенека“ во рок од две недели, изјави Соумја Сваминанатан, главен научник на СЗО.
Маријангела Симао, помошник-генерален директор задолжен за пристап до лекови и здравствени производи, рече дека СЗО минатиот петок одржал состанок со руските производители на вакцини, а треба да се одржат повеќе состаноци додека чекаат дополнителни информации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фаучи: Во март почнуваме тестирање на вакцината на „Модерна“ против јужноафриканскиот вид

Во средината на март во САД почнуваат испитувања на вакцините развиени од лабораторијата на „Модерна“ против јужноафриканскиот вид на коронавирусот, изјави Ентони Фаучи, советник во Белата куќа.
„Испитувањата почнуваат во средината на март“, рече имунологот на прес-конференција одржана во Белата куќа.
Засега, додаде Фаучи, нема да се прочува ефикасноста, туку само безбедноста и имуногеноста на производот, т.е. неговата способност да предизвика имунолошки одговор.
Тој рече дека првата фаза од испитувањето ќе се спроведе кај мал број луѓе.
Јужноафриканската варијанта според научниците е најзагрижувачка бидејќи покажа дека може делумно да се спротивстави на имунолошката заштита развиена по инфекција со вирусот или по примањето на вакцината.
Регион
Брнабиќ: Луѓето се опуштија и мислат дека е готово, апелираме до сите да станат сериозни

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, посочи дека луѓето се опуштиле и дека тоа може да се забележи според бројот на заразени. Таа додаде дека Србија продолжува со вакцинацијата и е прва по бројот на лица што примиле по две дози.
„Опуштени сме. Она што се случува се случува и во Израел. Луѓето се опуштија и мислат дека е готово. Апелираме до сите да станат сериозни и да вложат последни напори за да бидат безбедни“, рече Брнабиќ.
Таа исто така посочи дека мерките за викенд се заострени како потсетник на граѓаните дека треба да станат сериозни.
Во Србија во последните два дена се потврдени по повеќе од 3.000 нови случаи на коронавирус.
Европа
Во Шпанија помладите од 55 години што прележале Ковид-19 ќе добијат по една доза вакцина

Шпанија ќе им даде само една доза вакцина на лица помлади од 55 години што биле заразени од коронавирус, соопшти денеска Министерството за здравство во најновата промена на стратегијата за вакцинација.
„Времетраењето на отпорноста кон вирусот по инфекцијата е непознато, но истражувањата покажуваат дека единечна доза кај овие луѓе го зголемува имунитетот“, се вели во упатството.
Франција воведе слична политика претходно овој месец и италијанските политичари размислуваат да го следат истиот пат.
Шпанија веќе ги советуваше луѓето што немале тешка форма на Ковид-19 да чекаат шест месеци од дијагностицирањето пред да бидат вакцинирани.
Во Шпанија се вакцинирани околу 2,2 милиона граѓани од приоритетните групи, како што се корисници и вработени во домови за стари лица, лица над 80 години и медицински персонал во првите редови во борбата против коронавирусот. Од нив, 1,2 милиона добиле две дози.
- Книги2 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника3 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Свет4 недели
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер