Свет
СЗО: Вакцинацијата на деца не е приоритет

Водечката експертка за вакцини на Светската здравствена организација Кејт О’Брајан рече дека вакцинацијата на децата против коронавирус од гледна точка на СЗО не е голем приоритет, со оглед на исклучително ограниченото глобално снабдување со дози на вакцини.
О’Брајан рече дека вакцинацијата на деца не треба да биде во фокусот на програмата за вакцинација против Ковид-19, иако сè поголем број на богати земји одобруваат вакцина против коронавирус за деца на возраст од 12 до 15 години, пишува „Еј-би-си“.
Имајќи предвид дека ризикот од развој на тешка форма или смрт од ковид кај деца е исклучително низок, целта на нивната вакцинација за време на пандемијата е генерално да се запре пренесувањето на болеста, рече О’Брајан, педијатар и директорка на одделот за вакцини на СЗО.
„Исто така, имајќи предвид дека сега сме во ситуација кога нема доволно резерви на вакцини за сите луѓе во светот, вакцинирањето деца не е приоритет во моментот“, рече таа.
Таа смета дека во овој момент е клучно да се гарантира вакцинирање на здравствени работници, стари лица или пациенти кои веќе страдаат од одредени болести и дека тие насекаде во светот треба да се вакцинираат пред тинејџерите и децата.
О’Брајан смета дека децата треба да се вакцинираат во догледно време, кога снабдувањето со вакцини на пазарот значително ќе се зголеми. Таа додаде дека смета дека децата не треба да се вакцинираат пред да започнат повторно со училиште, сè додека се вакцинирани возрасните кои биле во контакт со нив.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Вучиќ: Знаевме дека снајперистот е за мене, ама надлежните служби си ја завршија работата

„Знаеме дека ја кажуваше вистината, затоа што луѓето забораваат, тој сега не е криминалец што може да лаже нешто за себе. Не смее да лаже, тој е обвинет соучесник. Тоа е единствената причина“.
Вака српскиот претседател Александар Вучиќ го коментираше вчерашното сведочење на соработникот на обвинетиот Срѓан Лалиќ, кој на судењето на озлогласениот клан на Вељко Беливук и Марко Миљковиќ изнесе тврдења во кои изјави дека Беливук и Миљковиќ му кажале дека Звицер обезбедил 5 милиони евра, а рече дека ќе има уште „колку и да е за убиството на српскиот претседател Александар Вучиќ“.
„Сите останати смеат да лажат и да кажуваат што сакаат, а тој е единствениот што не смее да лаже, бидејќи ако се согласи, ја губи можноста за соработка и договорот што го постигна со Обвинителството. И постигна договор да одлежи 18 години, и вака ќе треба да лаже, не е старец, уште 45, 50 или 60 години. Се спасува кажувајќи ја вистината“ – вели Вучиќ.
Друга работа, вели тој, е што ги урива сите лаги и невистини што некои ги кажуваа претходните години, а не само тоа.
„Ова покажува каква кампања и криминализација на власта се вршеше цело време, а колку невистини имаше. Што се однесува до мене, знаев дека е тој ден, знаевме и дека снајперистот е за мене, не беше тајна, а надлежните служби си ја завршија работата, за разлика од тие што не го направија тоа во 2003 година“ – рече Вучиќ.
Како што додава, интересна е уште една работа.
„Рече дека имало многу инволвирани од српските служби, а уште многу од црногорската АМБ и нашите служби и Обвинителството ќе мора многу да се занимаваат со тоа“ – изјави тој.
Регион
Маж од Малезија скокнал од Стариот мост во Мостар и не испливал

Синоќа малезиски државјанин скокнал од Стариот мост во Мостар и не испливал. За ова била известена полицијата во Мостар, потврди Министерството за внатрешни работи на Херцеговско-неретванскиот кантон, пренесува „Кликс“.
Портпаролот на МУП на ХНК, Људевит Мариќ за „Klix.ba“ вели дека полицајците веднаш по пријавата излегле на терен.
На местото на настанот дознале дека е малезиски државјанин, но не нашле никакви документи.
Од таму објаснуваат дека било ноќ и условите не дозволувале потрага, но дека денеска истата ќе може да се спроведе.
Европа
Кремљ: Помошта од САД за Киев директен пат кон зголемена тензија и ескалација

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, изјави дека нема планови за разговори меѓу рускиот претседател, Владимир Путин, и американскиот претседател, Џозеф Бајден.
„Засега нема планови за разговори меѓу Путин и Бајден. Нашата главна цел е да ја продолжиме специјалната воена операција, односно да ги исполниме нашите задачи поставени од шефот на државата“, изјави Песков за новинарите.
Тој го коментира и новиот пакет-помош од САД за Киев, кој го карактеризира како директен пат кон зголемена тензија и ескалација, но додаде дека тоа нема да го промени текот на настаните.
„Да, тоа е директен пат кон зголемување на тензијата, зголемување на степенот на ескалација, го гледаме тоа, бара дополнителни напори од нас. Сепак, уште еднаш, тоа нема да го промени текот на настаните, специјалната воена операција ќе продолжи“, нагласи Песков.
Претходно, агенцијата „Ројтерс“, повикувајќи се на двајца неименувани американски функционери, објави дека САД подготвуваат пакет воена помош за Украина во вредност од 2,2 милијарди долари, а првпат може да вклучи и ракети со двојно поголем дострел од досегашните испорачани.