Свет
СЗО: Европските деца се изложени на ризик од проблематично користење на социјалните мрежи

Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека проблематичното користење на социјалните мрежи е во пораст кај децата во Европа и дека постои опасност кај нив да се развие зависност од онлајн игри.
„Потребна ни е итна и одржлива акција за да им помогнеме на адолесцентите да престанат со потенцијално штетната употреба на социјалните мрежи за кои се покажа дека доведува до депресија, малтретирање, анксиозност и слаби училишни резултати“, рече директорот на СЗО за Европа, Ханс Клуге.
Во 2022 година 11 проценти од адолесцентите (13 проценти од девојчињата и 9 проценти од момчињата) имале знаци на проблематично користење на социјалните мрежи, а четири години претходно имало седум проценти.
Податоците се добиени во истражување кое опфатило 280.000 деца на возраст од 11, 13 и 15 години од 44 земји во Европа, централна Азија и Канада.
Кај нив се забележани симптоми слични на оние на зависност, а тоа се неможноста да се контролира прекумерната употреба, чувството на повлекување и напуштање на другите активности во корист на социјалните мрежи и негативните последици од прекумерната употреба во секојдневниот живот.
Оваа појава е најраспространета кај романските адолесценти на возраст од 13 и 15 години, каде што погодува 28 отсто од нив, а најмалку е кај холандските адолесценти (3 отсто).
Причината за загриженост е тоа што една третина од адолесцентите играат онлајн секој ден, а 22 отсто од нив играат најмалку четири часа, покажуваат податоците на СЗО.
Речиси 12 проценти од адолесцентите имаат проблематично однесување поврзано со онлајн игрите, од кои 16 проценти се момчиња, а 7 проценти се девојчиња.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Обвинителство во БиХ: Мајката и детето најверојатно се убиени со гушење, се чека обдукција

Како што соопштија од Обвинителството на кантонот Тузла, дежурниот обвинител и истражителите од секторот за криминалистичка полиција при МВР на кантонот Тузла синоќа извршиле увид на лице место во семеен стан во Калесија, каде во вечерните часови биле пронајдени две безживотни тела, 37-годишна жена и нејзиниот 13-годишен син.
Осомничениот за двојното убиство моментално е во бегство и по него се трага.
„Најверојатно жената и синот се убиени од задушување. Денеска ќе биде издадена наредба за обдукција на телата на починатите за да се утврдат точните причини за смртта. Во тек се сите потребни истражни дејствија кои по наредба на обвинителството ги спроведуваат истражителите за утврдување на сите околности поврзани со двојното убиство“, соопшти Обвинителството, пренесе „Кликс“.
Европа
(Видео) Зеленски му воведе санкции на Порошенко, причината може да е велепредавство, објави Форбс

Советот за национална безбедност и одбрана на Украина воведе санкции за Петро Порошенко, објави поранешниот претседател во соопштението.
Претседателот Володимир Зеленски рече дека официјалната уредба ќе биде објавена на 13 февруари, но не го спомна Порошенко по име, пишува Киев Индипендент.
Порошенко во својата видео изјава не прецизираше какви ограничувања ќе му бидат наметнати, но санкциите би можеле да бидат поврзани со наводно „велепредавство“, објави Форбс Украина, повикувајќи се на два извори.
„Советот за национална безбедност и одбрана штотуку донесе неуставна, политички мотивирана одлука да воведе санкции против мене, Петро Порошенко, лидерот на опозицијата и петти претседател на Украина“, рече Порошенко во соопштението.
„Денес Зеленски му зададе силен удар на внатрешното единство до кое нашиот тим строго се придржува од февруари 2022 година и кое е нашето главно оружје во борбата против агресорот“, рече тој.
„Целата одговорност за негативните последици е директно на него“, додаде Порошенко.
Зеленски во вчерашното вечерно обраќање рече дека учествувал на седница на Советот за одбрана и дека нивните одлуки ќе бидат објавени следниот ден.
„Ние ја браниме нашата земја и ја враќаме правдата. Секој што ја уништи националната безбедност на Украина и и помогна на Русија мора да одговара за своите постапки“, рече Зеленски, без да прецизира кој точно би можел да биде казнет и што значи тоа.
Свет
Поранешен извршен директор на Гугл: Терористите би можеле да користат вештачка интелигенција

Поранешниот извршен директор на Гугл, Ерик Шмит, изјави дека е загрижен дека вештачката интелигенција би можела да биде искористена од терористи или непријателски држави за да им наштетат на невини луѓе.
„Вистинските стравови што ги имам не се оние за кои повеќето луѓе зборуваат со вештачката интелигенција, јас зборувам за екстремен ризик“, изјави Шмит за Би-Би-Си.
Технолошкиот милијардер, кој беше на високи позиции во Гугл од 2001 до 2017 година, рече дека „Северна Кореја, или Иран, па дури и Русија“ би можеле да ја усвојат и злоупотребат технологијата за создавање биолошко оружје.
Со оглед на тоа дека развојот на вештачката интелигенција е воден од приватни компании, Шмит повика владите внимателно да ги следат и регулираат тие процеси.
„Навистина е важно владите да разберат што правиме и да не држат под надзор“, рече тој.