Свет
СЗО: Потрагата за потеклото на пандемијата ќе трае со години

Член на тимот од Светската здравствена организација (СЗО) кој спроведува истрага во Вухан, кинескиот град каде што првично беше откриен коронавирусот, вели дека е изненаден од комплексноста на задачата да се открие потеклото на вирусот и дека истражувањето веројатно ќе трае со години.
Доминик Двајер, микробиолог и експерт за инфективни болести, вели дека кинеските власти го одобриле пристапот за истражувачкиот тим да ги испитува почетоците на пандемијата на коронавирусот во Вухан.
„Сите знаат дека пандемијата избувнала од пазарот Хуанан во Вухан, но клучно е да се открие што се случувало тогаш и претходно“, вели Двајер.
Потеклото на коронавирусот стана високо исполитизирано прашање по меѓународните критики кон Кина за недостиг на транспарентност во раните денови на епидемијата. Пекинг ја застапува теоријата дека вирусот потекнува од друго место.
Двајер, австралиски експерт за ХИВ, кој соработувал со СЗО за време на епидемијата на САРС и птичји грип, вели дека главната загатка со Ковид-19 е тоа што првите асимптоматски пациенти не знаеле дека носат вирус.
„Наивно е да мислиме дека ќе дојдеме до нултиот заразен“, вели Двајер. „Раните случаи беа забележани во ноември 2019 година, но најважно е што се случувало кратко пред тоа“, додава тој.
Двајер се согласува со Питер Дашак, зоолог и експерт за болести кај животните, исто така член на тимот, кој нагласува дека ќе биде многу тешко да се разбере потеклото на коронавирусот.
„На пример и со САРС и со ебола, имаме неколку издржани теории, но никој не е сигурен“, изјави Дашак за „Ројтерс“ во четвртокот. „Со ХИВ, не ги знаеме точните околности“, истакна тој.
Истражителите во Вухан досега посетиле болници, истражувачки центри и пазар на морска храна каде што бил пријавен првиот случај, но нивните контакти во градот се ограничени на посетите организирани од кинеските домаќини.
Двајер рече дека тимот завршил со обиколка на местата и се подготвува да ги презентира првите заклучоци што е можно поскоро, пред 28-дневната виза за членовите на истражувачкиот тим да истече кон крајот на следната недела.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата: Средбата со исламскиот водач беше мевлем за душа

Папата Франциско се врати во Ватикан по историското тридневно патување во Ирак. Тој пред новинарите изјави дека неговата средба со големиот шиитски ајатолах Али Систани била мевлем за душата.
Папата, голем поборник за директен разговор со претставници на исламот, го опиша состанокот со Систани како разговор во четири очи со скромен и мудар човек во чија близина се чувствува почестен.
„Тој никогаш не станува да поздрави посетител, но стана двапати да ме поздрави мене“, им рече папата на новинарите во авионот на пат кон Рим.
„Верувам дека ова е универзална порака“, додаде папата.
Ајатолахот Систани е највисокиот водач на шиитите, втората гранка на исламот, која е мнозинство во Ирак.
Папата нагласи дека ќе има и други чекори во дијалогот со муслиманите. Тој ги отфрли критиките на сметка на неговите потези.
„Некои критичари велат дека папата не е храбар, тој не е свесен дека прави чекори надвор од католичката доктрина и дека е на чекор од ерес. Овие одлуки се донесуваат преку молитва, во дијалог и барање совет. Тоа е размислување, не каприц“, заклучи тој.
Регион
Внукот на Тито осуден на затворска казна во Белград

Едвард Броз (70), еден од внуците на поранешниот претседател на СФРЈ, Јосип Броз Тито, е осуден во отсуство во Високиот суд во Белград на осум месеци затвор, објави „Танјуг“.
Тој е осуден за сообраќајна несреќа во 1992 година, во која загина негов пријател.
Едвард Броз е осуден во отсуство бидејќи тој е во бегство од 2008 година и наводно живее во Загреб.
Тој побегна во Хрватска веднаш по несреќата во Земун, но беше уапсен 16 години подоцна на 21 јануари 2008 година на граничниот премин Батровци кога се обиде да влезе во Србија.
По три дена, тој беше ослободен да се брани од слобода, но му беше одземен пасошот и му беше наредено да се јавува во полиција на 15 дена.
На крајот на март 2008 година Броз се појави на почетокот на судењето пред Високиот суд во Белград и ги презентира одбраната и каењето за смртта на својот пријател, но тој повторно избега.
Поточно, тој не се појави на рочиштата во мај, јуни и во септември 2008 година, па судот издаде меѓународна потерница за него во октомври истата година.
Случајот беше одложен во Високиот суд во Белград, но судењето почна во негово отсуство на почетокот на минатата година.
(Фото: „Танјуг“)
Европа
Бразилскиот вид на вирусот потврден и во Австрија

Првиот случај на инфекција со бразилскиот вид на коронавирусот е потврден во австриската прокраина Салцбург.
Сомнежот се појавил на 23 февруари, кога примерокот бил испратен на секвенционирање, што покажало дека станува збор за бразилски вид.
По британскиот и јужноафриканскиот вид на вирусот, бразилскиот вид е третата мутација потврдена на австриско тло.
Видот наречен B.1.1.28 најпрво беше откриен во декември во Бразил, а потоа и кај група патници кои патувале од Бразил за Јапонија.
Првите студии покажуваат дека овој вид е далеку поинфективен од другите.
Бразилскиот сој веќе е откриен во неколку европски земји како Италија и Германија, а денеска го потврди и Словенија.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија3 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа2 недели
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Економија4 недели
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“