Европа
Си-ен-ен: Нордиските земји се прашуваат дали се следните на листата на Путин

Руската инвазија на Украина ја обедини Европа повеќе од кој било друг настан од крајот на Втората светска војна.
Неутралните држави испратија оружје во Украина, членките на НАТО поодговорно пристапија кон своите обврски кон алијансата, а земјите со силни економски врски со Русија ѝ воведоа строги санкции.
Поради единството на Западот во однос на воените и политичките акции и санкциите, многумина станаа пооптимисти за одржување на безбедноста во Европа. Ова особено се однесува на трите нордиски нации – Норвешка, Шведска и Финска – кои се најдоа во центарот на вниманието поради руската инвазија поради нивната единствена врска и односи со остатокот од Европа и Русија.
И Норвешка и Финска ги делат копнените граници со Русија. Норвешка, најзападната од трите земји, е членка на НАТО, но не и во Европската Унија, а Финска и Шведска се во ЕУ, но не и во НАТО. Сите три земји, поради нивната близина со Русија, поддржаа неутрален став кон таа земја. Исто така, сите три се членки на шенген-зоната на ЕУ, што значи дека патуваат меѓу себе, без да преминат граници.
Но, сега, среде кризата во Украина, се поставува прашањето: Како може да се води политика на неконфронтација ако се дели копнената територија во исто време со Русија?
Еден висок претставник на европската одбрана за Си-ен-ен изјави дека „ако Путин успее во Украина, тогаш се поставува прашањето кој е следен“. Иако до неодамна Шведска и Финска, за да не ја испровоцираат Русија, мавтаа со рака за влез во НАТО, сега и двете земји сериозно разговараат за влез во оваа воена алијанса.
„Ненадејната одлука на Финска и Шведска да стават крај на долгата традиција на неутралност и извоз на оружје и резерви во Украина беше голем шок за Европејците, а можеби и за Путин“, рече Чарли Салониус-Пастернак, експерт за глобална безбедност во Финскиот институт за надворешни работи.
Тој смета дека овие три земји би можеле да направат уште похрабри потези.
„Ако Норвешка, Шведска, Финска, Данска и Исланд испратат оружје и единици во други земји и ги координираат своите акции, тогаш имаме област на воена безбедност што се протега надвор од границите на ЕУ и НАТО, што навистина ќе го отежне животот за Русија“, рече Салониус-Пастернак.
Александар Стуб, поранешниот премиер на Финска, верува дека влезот на земјата во НАТО сега е поверојатен бидејќи Путин ја нарушил рамнотежата што Финска ја одржува со години.
„Стратешки, отсекогаш сакавме да ја оставиме можноста за влез во НАТО како резерва против потенцијалната руска агресија. Одржавме балансирана воена акција, постигнавме дека нашата армија е компатибилна со НАТО и не сме членки на алијансата“, рече Стуб. Постапките на Путин ја нарушија таа рамнотежа.
„Финска ја води она што јас го нарекувам рационален страв. Гледаме дека Русија е агресивна и не сакаме да останеме сами како во Втората светска војна“, додаде Стуб.
Хакон Лунде Сакси од Норвешкиот универзитет за одбрана смета дека „Финска и Шведска со години го ублажуваат фактот што не се во НАТО со зајакнување на врските со САД, Велика Британија и остатокот од трансатлантската заедница“.
Тој вели дека одбранбените организации како NORDEFCO го прават регионот побезбеден.
„Најмоќната порака во последните неколку недели беше единството. Првин Данска и Шведска испратија воена опрема во Украина, а потоа Финска и Норвешка. Поради кризата, таквата соработка се забрзува, што значи дека можеме да се заштитиме од секој непријател“, рече Сакси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавена снимка од предавањето на украинските борци од „Азовстал“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека по предавањето на последните украински војници целосно ја ослободило фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Објавено е и видео на кое се гледа предавањето на последните украински борци од „Азовстал“.
На видеото се гледа како руски војници ги проверуваат украинските борци. Некои од борците ги покажаа своите тетоважи пред камера на барање на руските војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенко изјави дека 2.439 украински припадници на одбраната се предале во фабриката за челик „Азовстал“ од 16 мај, oд кои последните 500 во петокот.
Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.