Свет
Сноуден се заколна на верност на Русија и доби руски пасош

Едвард Сноуден доби руски пасош откако се заколна на верност на земјата која го штити од американските власти од 2013 година. Веќе во септември оваа година, Сноуден доби руско државјанство со декрет потпишан од рускиот претседател Владимир Путин.
Информацијата дека 39-годишниот шпион го добил пасошот денеска ја потврди и неговиот адвокат Анатолиј Кучерена.
„Тој положи заклетва“, рече Кучерена и додаде дека Сноуден е среќен бидејќи неговото руско државјанство ја спречува неговата екстрадиција, пренесува „Гардијан“.
„ Се разбира, тој е среќен и благодарен на Руската Федерација за неговото државјанство, тој сега е полноправен државјанин на Русија. И што е најважно, според рускиот устав, тој не може да биде предаден на странска земја”, рече адвокатот на Сноуден. Не се објавени фотографии или снимки од церемонијата.
Поединците кои добиваат руско државјанство со закон се обврзуваат да „го почитуваат уставот и законодавството на Руската Федерација, правата и слободите на нејзините граѓани, да ги исполнуваат должностите на државјанин на Руската Федерација во корист на државата и општеството, да ја заштитат слободата и независноста на Руската Федерација, да бидат лојални на Русија и да ја почитуваат нејзината култура, историја и традиција“.
Според информациите, и сопругата на Сноуден поднела барање за руско државјанство. Двајцата живеат на непозната локација со нивните два сина, кои се родени во Русија.
„По години разделба од нашите родители, јас и мојата сопруга немаме желба да се разделиме од нашите синови. По две години чекање и речиси 10 години егзил, малку стабилност значи многу за моето семејство. Барам приватност за нив и за сите нас“, напиша Сноуден во септември.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Повторно пукање во Ерусалим, има повредени

Најмалку две лица се повредени во пукање во археолошкиот локалитет Давидов град во Ерусалим, Израел.
Како што наведоа од полицијата, напаѓачот бил неутрализиран.
Престрелката се случува за помалку од 24 часа по терористичкиот напад на синагога во населбата Неве Јаков во Ерусалим, во која загинаа седум лица.
Регион
Дачиќ: ЗСО останува главната точка на сите наши договори за Косово

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ изјави дека Заедницата на српските општини (ЗСО) останува главната точка на сите договори за Косово и дека таа мора да биде формирана според договорените принципи.
„Во бриселскиот договор од 2013 година јасно пишува што е ЗСО, уште подетално е регулирано во договорот од 2015 година, а ние го потпишавме затоа што е добро за нашата заедница на Косово“, изјави Дачиќ за „Политика. “.
„Договорот не е идеален, но во услови во кои го преговаравме е максимумот што можевме да го постигнеме“, рече Дачиќ.
Тој изјави дека овие договори се круна на учеството на Србија во дијалогот со посредство на Европската Унија, која самата се обврза да ги спроведе потпишаните.
Според неговото мислење, никогаш немало причина да не се спроведе договорот, освен упорното одбивање на Приштина да го спроведе и неограничената толеранција на западните посредници за нивно уништување.
Свет
Се урнаа два воени авиони во Индија

Два индиски воени авиони се урнаа денеска во близина на Морена, во индиската држава Мадја Прадеш, соопштија воени претставници.
Наредена е истрага за да се утврдат причините.
Двајцата пилоти се катапултирале и се здобиле со полесни повреди, пренесува „Индија тудеј“