Европа
Советникот на Зеленски: Украина не заслужува ‘босанско сценарио’ за членството во ЕУ

Доколку Брисел не успее да се договори и да и’ даде на Украина статус кандидат за членство во ЕУ подоцна овој месец, тоа за Русија ќе биде знак на европска слабост.
Ова го изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за надворешни работи, Игор Жовква. Тој додаде дека тоа може да го поттикне Киев засекогаш да биде во чекалната за проширување.
Тој, исто така, посочи за „Еуроактив“ дека Украина не е заинтересирана за статусот на потенцијален кандидат, мислејќи на Босна и Херцеговина, а исто така ги отфрли сите други алтернативни модели на процесот на проширување на ЕУ.
„Ние не бараме членство, ние го бараме првиот чекор“, рече Жовква по ненадејната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Киев во саботата.
Тој рече дека ЕУ не бара дополнителни информации од украинската влада и оти се надева дека тоа е знак дека Комисијата ќе биде „задоволна од сработеното и од дадените информации“ (во прашалникот).
„Оптимисти сме кога е во прашање одлуката на Европската комисија, но разбираме дека дебатата во Европскиот совет ќе биде важна“, рече Жовква.
Мислењето на Европската комисија за кандидатскиот статус на Украина се очекува на 17 јуни, така што лидерите на ЕУ имаат една недела да го разгледаат тој документ пред клучниот самит на ЕУ 23-24. јуни.
„Не велиме дека е 100 отсто направено во владеењето на правото или во некои други области и подготвени сме да работиме на тоа“, рече Жовква, додавајќи дека значителен дел од работата е направена со изготвување и исполнување на договорот за пристапување.
Украинскиот функционер рече дека Украина е свесна што треба да направи, но дека е тешко за време на војната и додаде дека се надева оти и институциите и членките на ЕУ ќе го признаат тоа.
„Но, ако зборуваме за кандидатски статус, дали достигнувањата треба да бидат 100 проценти? Дефинитивно не. Ниту една земја немаше 100 проценти пред да стане кандидат“, рече Жовква.
Жовква ги отфрли сите алтернативни модели во процесот на проширување на ЕУ, вклучително и нејасниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон, според кој Украина и другите земји ќе влезат во широка второстепена рамка без да добијат полноправно членство.
„Нема статус на ‘потенцијален’ кандидат, ние не го заслужуваме сценариото на БиХ“, посочи тој.
БиХ е потенцијален кандидат за членство во ЕУ од 2003 година. Оттогаш, постигнат е многу мал напредок.
„Нема потенцијален кандидат, нема кандидат за кандидат, нема полукандидат, само кандидат“, истакна советникот на украинскиот претседател.
Во последниве недели, високи украински функционери беа на турнеја низ европските метрополи барајќи статус на кандидат за ЕУ за земја во војна.
Некои членки, вклучително и Данска, Шведска, Холандија и Португалија, остануваат скептични околу доделувањето кандидатски статус на Украина, додека повеќето, вклучително и многу членки од Источна Европа и Италија, се за.
На прашањето дали очекува од земјите кои се двоумат да го сменат ставот, Жовква рече дека многумина кои биле резервирани на билатералните средби го чекаат мислењето на Комисијата.
Украинскиот функционер беше прашан и дали очекува рускиот претседател Владимир Путин да повлече „похрабaр воен потег“ во случај на позитивна одлука на Комисијата, на што одговори дека не треба да се стравува од тоа што Русија ќе направи или што нема по одлуката на Брисел.
Според него, членките на ЕУ не треба да се плашат од тоа „бидејќи цела Европа е цел на Путин“.
„Не треба да размислуваме за реакцијата на Русија. Треба да размислуваме за реакцијата на Украинците, што е поважно. Каква ќе биде реакцијата на украинските војници кои се борат во рововите, граѓаните“, додаде Жовква.
Украинскиот функционер рече и дека ако Украина не добие позитивен одговор во јуни, тоа ќе биде неуспех на целата ЕУ.
„Тоа би покажало дека не сте подготвени за клучни одлуки, премногу сте слаби, а тоа ќе биде и знак за Русија“, рече Жовква.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Ердоган за договорот со Финска и Шведска: Го добив она што го барав

Турција ќе побара од Шведска и Финска да екстрадираат 33 члена на движењето ПКК и на Фето, кои ги смета за терористи, најави министерот за правда, Бекир Боздаг. Барањето доаѓа еден ден по потпишувањето на меморандумот меѓу трите земји, што го отвора патот за Хелсинки и Стокхолм кон членство во НАТО.
„Како дел од новиот договор, ќе побараме од Финска да екстрадира шест члена на ПКК и шест члена на Фето, а од Шведска да екстрадира десет члена на Фето и единаесет члена на ПКК“, рече турскиот министер.
Вчера, пред отворањето на самитот на НАТО во Мадрид, Ердоган се сретна со финскиот колега Саули Ниинисто и со шведската премиерка Магдалена Андерсон. Турција го блокира влезот на двете земји во НАТО обвинувајќи ги за засолниште на милитантите на двете движења. На крајот на средбата во Мадрид беше презентиран меморандум на три земји, со кој се отвора пат за проширување на алијансата.
„Турција го доби она што го сакаше“, соопшти кабинетот на турскиот претседател мислејќи на целосната соработка на државите во борбата против тероризмот.
Ердоган денеска ги објави 7-те точки од договорот потпишан со Шведска и Финска.
1. Финска и Шведска нема да обезбедат поддршка за ПКК и Фето, а Турција за возврат ќе обезбеди целосна поддршка на земјите во борбата против заканите врз нивната национална безбедност. Финска и Шведска се согласија најостро да го осудат тероризмот во сите негови форми и манифестации.
2. Финска и Шведска се обврзаа да потврдат дека ПКК е забранета терористичка организација и се обврзаа да ги спречат активностите на групата и сите други терористички субјекти, како и активностите на поединци во поврзани и групи или мрежи поврзани со тие терористи организации.
3. Финска истакна неколку неодамнешни амандмани на својот кривичен закон, кои го проширија опсегот на кривичните дела, од кои последниот стапи во сила на 1 јануари 2022 година. Шведска, од своја страна, потврди нов, построг закон за кривични дела на тероризмот и дека владата се подготвува дополнително да го заостри законодавството за борба против тероризмот.
4. Турција, Финска и Шведска потврдија дека меѓу нив повеќе не постои национално ембарго за оружје. Шведска ја менува својата национална регулаторна рамка за извоз на оружје во однос на сојузниците во НАТО.
5. Турција, Финска и Шведска се обврзаа на следните конкретни чекори: трите земји се согласија да воспостават заеднички, структуриран механизам за дијалог и соработка на сите нивоа на власта. Финска и Шведска ќе се борат против тероризмот одлучно и во согласност со одредбите на релевантните документи и политики на НАТО обврзувајќи се да ги преземат сите неопходни чекори за дополнително заострување на домашното законодавство за таа цел. Финска и Шведска навремено и темелно ќе ги решат барањата на Турција за депортација или екстрадиција на осомничени за тероризам.
6. За спроведување на овие чекори, Турција, Финска и Шведска ќе воспостават постојан заеднички механизам, со учество на експерти од министерствата за надворешни работи, внатрешни работи и правда, како и разузнавачки служби и безбедносни институции.
7. Турција исто така ја потврди својата долгогодишна поддршка за политиката на отворени врати на НАТО согласувајќи се да ја поддржи поканата на Финска и Шведска да станат членки на НАТО на самитот во Мадрид во 2022 година.
Европа
Захарова: Западот вештачки ја одложува војната, Бугарија се користи за надмудрување на Русија

Официјалната претставничка на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, објави дека Западот вештачки ја одложува војната во Украина.
„Западот продолжува со ескалација на ситуацијата, вештачки одложувајќи ја специјалната воена операција обезбедувајќи му на Киев не само воена помош туку, се разбира, и политичка поддршка“, рече Захарова.
Напомена дека одлуката на самитот на Европската Унија да ѝ се додели на Украина статус на кандидат за членство во Европската Унија е уште еден пример за дејствата на западните режими за развој на територијата на Украина и користење на земјата како алатка за ограничување на Русија.
Одлуката на Бугарија да протера руски дипломати е донесена по барање на надворешни сили, тврди Захарова.
„Ова не е направено во интерес на Бугарија, ниту во интерес на граѓаните на Бугарија. Тоа е направено по наредба на надворешни сили“, рече Захарова.
Според неа, овие надворешни сили, под лажни изговори, се обидуваат да ги глумат земјите од Европа во конфликтот со Русија цинично манипулирајќи со независните влади и политичари.
Претходно, се дозна дека Бугарија протерува 70 руски дипломати и технички персонал на руската амбасада.
Европа
Северен Јадран преплавен со медузи

Медузите годинава го преплавија северниот дел на Јадранот.
Медузата може да предизвика болки како од изгореници и нејзиниот допир може да биде болен, особено за луѓето со чувствителна кожа и за децата“, вели доктор Тјаша Коговшек од Центарот за морски истражувања во Ровињ. Според неа, оваа година морето е променето и медузите полесно се приспособуваат на тие услови.
Како можна причина за појавата на голем број медузи ја наведува температурата, но не исклучува и некои други фактори.
На прашањето дали вака ќе биде цело лето, таа за загрепската телевизија N1 изјави дека медузите се присутни во текот на целата година и дека повеќето од нив и во зима.
Сега е сезоната на компас-медузите од февруари до јули. Потоа следуваат други видови, секој вид има своја сезона кога се појавува, објаснува таа.
Ги повика капачите да не ги допираат.