Свет
Советот за безбедност на ОН едногласно го осуди Пјонгјанг за лансирањето проектил

Советот за безбедност при Обединетите нации едногласно ноќта кон вторникот по средноевропско време ја осуди Северна Кореја поради тестирањето на балистичкиот проектил во неделата и се закани дека ќе „бидат преземени нови значителни мерки“ против Пјонгјанг.
Петнаесетте постојани и непостојани членки на Советот за безбедност на ОН, вклучително и Кина, една од петте постојани и со право на вето а која е сојузничкана комунистичкиот режим во Северна Кореја, го прифатија текстот кој го предложија САД во кој се предупредува дека тестирањето на проектилот претставува „тешко нарушување“ на резолуциите на Обединетите нации.
„Време е Северна Кореја да ги израмни сметките, не со зборови туку со дела“, порачуваат од светската организација.
Советот за безбедност итно се состана на барање на САД, Јапонија и Јужна Кореја, ден откако Северна Кореја тестираше балистички проектил чија цел била, за како што сметаат јужнокорејските власти, да се тестира реакцијата на новиот американски претседател Доналд Трамп.
Челникот на САД, пак, вети дека ќе даде одговор. „Северна Кореја, секако, е еден голем голем проблем. Решително ќе се позанимаваме со тоа“, порача Трамп.
Ситуацијата на Корејскиот полуостров ескалираше по 6-ти јануари 2016 година кога Северна Кореја го изведе четвртиот нуклеарен тест, а потоа на 7-ми февруари лансираше сателит со помош на балистичка ракета којашто може да се користи за нуклеарен напад на цели на оддалеченост од 12.000 километри. Како одговор на прекршувањето на меѓународните забрани за вакви тестирања, Советот за безбедност при ОН донесе резолуција со којашто се заоструваат санкциите кон Пјонгјанг, кои доведоа на натамошна економска изолација на Северна Кореја.
Резолуциите на ОН ѝ забрануваат на Северна Кореја секакви нуклеарни или балистички програми. Од 2006 година, кога го изведе првиот нуклеарен тест, на Пјонгјанг му се наметнати шест кругови санкции, но тоа не ги увери севернокорејските власти да се откажат од своите нуклеарни воени амбиции./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Татко на едно од децата му попречил на возачот на автобусот, па се превртеле во каналот?

Еден од патниците во автобусот, кој доцна попладнево се преврте во канал на автопатот „Тракија“ во Бугарија, за „bTV“ изјавил дека во автобусот патувале 36 деца и 13 возрасни.
Тие се од Белград и учествувале на фолклорниот фестивал во Сончев Брег.
Според сведокот Наташа Радовановиќ, несреќата се случила откако таткото на едно од децата побарал да седне напред, на седиштето покрај возачот на автобусот, бидејќи не се чувствувал добро.
Во тој момент вниманието на возачот било одвлечено, тој го свртел воланот надесно и автобусот излетал од патот.
Автопатските ленти биле влажни бидејќи непосредно пред несреќата во тој дел врнел силен дожд, пренесуваат бугарските медиуми.
„Еден од родителите во автобусот сакаше да седне на предното седиште до возачот. Се сврте да го отвори седиштето и така се заврте воланот“ – ги пренесува „Нова.бг“ зборовите на Радовановиќ.
Бугарските медиуми јавуваат дека најмалото хоспитализирано дете има 6 години, а највозрасното 17 години.
„Од примените деца, четири се испратени на скенирање. Едно од постарите повредени има сериозна повреда на ногата и најверојатно ќе треба ампутација“ – потврдил директорот на Универзитетската болница во Стара Загора, проф. Јовчо Јовчев.
Регион
Исповед на Светлана Бориловиќ, мајката на монструмот од Цетиње: Подобро што и тој е мртов

Два дена по масакрот во Црна Гора, Светлана Бориловиќ, мајката на Вук Бориловиќ, жителот на Цетиње кој уби десетмина сограѓани не може да поверува дека нејзиниот син во крвавиот пир убил 10 луѓе, меѓу кои и две деца на своите станари, а на крајот и самиот паднал од куршум.
Во изјава за српски „Телеграф“ скршена од болка, таа посочува дека е подобро е тој повеќе да го нема кога веќе направил злодела.
Таа изјави дека Вук имал прекин во филмот и дека направил се несвесен за страшните последици.
Несреќната жена во солзи вели дека ништо не навестувало трагедија и дека нејзиниот син е подготвен да убие дури и еден маж, а камоли десетици возрасни сограѓани и две момчиња, негови станари, кои брутално ги застрелал.
„Без душа сум и не знам дали ќе ја преживеам оваа голгота. Како може ова од моето дете да ми се случи, цел град и држава да го зацрнам?! Зошто, синко, постојано се прашувам, а одговорот никогаш нема да го добијам“ – вели Светлана.
Додава дека Вук не бил проблематичен, дека бил мирен човек кој изгледа „пукнал“ поради малтретирањето на работа.
„Трпеше притисок четири-пет години, а работеше како шеф на обезбедувањето во Националниот парк Ловќен. Ќе признаам, забележав дека е понервозен во последно време, но не правеше проблем. Беше примерен и како татко на семејство и како сосед“ вели таа.
Едвај наоѓајќи зборови, Светлана нагласува дека нејзиниот син не бил во конфликт со ниту една од жртвите.
„Нашите станари Мартиновиќи се вселија пред само два месеци. Тој немал никаков конфликт со главата на тоа семејство, Милош. Мојот син не се тепаше со сопругата или со некој од семејството. Имаше хармоничен брак и прекрасни деца. Сите овие луѓе ги уби во момент на нервен слом, па трагедијата и маките се уште поголеми“ изјави Бориловиќ.
Монструмот од Цетиње, како што го нарекоа медиумите, масакрот го извршил додека, според некои информации, сопругата и децата биле на море (наводно во Херцег Нови), а никој од поширокото семејство не бил сведок како ја напушта куќата со оружје во своите раце.
„Бев на работа. Ме донесоа дома кога се беше готово и кога и тој беше мртов, дури подоцна дознав што се случило, проклета да бидам. Подобро е да го нема кога го изврши злосторството. Никој не може да знае како е мојата внатрешност со оваа болка, која ме направи несреќна“ – заклучила Светлана за српски „Телеграф“.
Таа одбила да каже каде биле на одмор сопругата на Вук, Линда и децата пред една недела, бидејќи полицијата во меѓувреме ја известила јавноста дека неговото семејство не е на територијата на Херцег Нови, како што се наведува во првичните информации.
„Нема да зборувам за тоа. Полицијата може да ме испраша и јас ќе им кажам се што знам, но не можам ништо повеќе јавно да кажам“ изјавила Светлана.
Регион
(Видео) Автобус со деца од Србија се преврте во Бугарија

Автобус со деца од Србија се преврте во канал на автопатот „Тракија“ кај градот Стара Загора, изјави за Нова ТВ, Станимир Станев, заменик главен секретар на бугарското МВР.
Автобусот со српски регистрации, во кој се превезувале 48 деца, излетал на автопатот, а информациите се дека има многу повредени. Според бугарските медиуми, несреќата се случила нешто по 20 часот на 216. км во правец на Софија.
Голем дел од автомобилите што минувале застанале, а на повредените им помогнале десетици луѓе. Според првичните информации 10 деца се тешко повредени.
Децата биле учесници на фестивал во Несебар, јавија српски медиуми.
Полицијата и пожарникарите се на терен, а сообраќајот на овој дел од автопатот е ограничен.
Децата од Србија се враќале од одмор на бугарското крајбрежје.
Засега нема информации за загинати, јавуваат локалните медиуми, повикувајќи се на полициски информации.