Европа
Состанок на министрите за надворешни работи на Г7 во Германија поради претстојната криза со храна

Министрите за надворешни работи на групата седум богати нации (Г7) денеска ќе се сретнат во германското летувалиште Вајсенхаус на Балтичкото Море за да разговараат за прашањето за ублажување на проблемите со безбедноста на храната бидејќи расте стравот дека војната меѓу Русија и Украина може да ја дестабилизира Молдавија.
На годишниот состанок, кој ќе трае до сабота, ќе се соберат највисоките дипломати од Велика Британија, Канада, Германија, Италија, Франција, Јапонија, САД и Европската Унија.
Во разговорите ќе доминира ситуацијата во Украина и начинот на управување со последиците од конфликтот, кој би можел да трае со месеци, ако не и подолго, пренесува „Ројтерс“.
На состанокот денеска ќе присуствуваат и министрите за надворешни работи на Украина и на Молдавија, на кој индустриски развиените западни земји треба да ја потврдат својата поддршка.
Војната во Украина доведе до раст на глобалните цени на житариците, маслото за јадење, горивото и вештачките ѓубрива, а агенциите на Обединетите нации предупредуваат дека зголемувањето на цените ќе ја влоши кризата со храна, особено во Африка.
Руската агресија против Украина, која почна во февруари, го наруши транспортот во Црното Море, главниот транспортен пат за жито и други стоки, и го задуши извозот од Украина и Русија, анализираат медиумите.
„Во украинското пристаниште Одеса моментно се блокирани 25 милиони тони жито, што значи храна за милиони луѓе во светот на кои им е итно потребна, особено во африканските земји и на Блискиот Исток. Затоа денеска испраќаме јасен сигнал „Ве гледаме, слушаме и ве поддржуваме“, изјави пред новинарите германската министерка за надворешни работи, Аналена Бербок.
Дипломатски извори велат дека состанокот има цел подобро да ги организира седумте земји за да најдат брзи и ефективни одговори на кризата со храна.
Иако американскиот државен секретар Ентони Блинкен нема да присуствува на состанокот бидејќи се заразил од коронавирус, преостанатите министри ќе се обидат да ѝ дадат поддршка на Молдавија, која се бори со приливот на бегалци од соседна Украина.
На денешниот состанок во Германија ќе се приклучи и индонезискиот министер за надворешни работи Ретно Марсуди, чија земја во моментот претседава со групата 20 индустриски и растечки економии (Г20), чиј член е Русија.
Француски функционер изјави дека ќе се постави прашањето за присуството на Русија на состанокот на шефовите на држави во ноември, пренесе „Ројтерс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
ЕУ издвојува една милијарда евра во 2022 година за зајакнување на сопствениот одбранбен фонд

Европската комисија денеска ја усвои годишната програма за работа на Европскиот одбранбен фонд, со која се предвидуваат 924 милиони евра за инвестиции и одбранбени капацитети на ЕУ за 2022 година.
Истовремено, планирани се дополнителни средства за одбранбени иновации од две милијарди евра со цел ЕУ да стане центар на иновации во одбранбениот сектор.
Денеска, решивме да мобилизираме една милијарда евра од буџетот на ЕУ за развој на заеднички одбранбени проекти, особено во вселената, сајбер-просторот и другите области со висока технологија.
Во нашиот нов безбедносен контекст тие инвестиции ќе придонесат за затворање на европскиот одбранбен јаз, велат претставниците на Европската комисија, пренесе „Танјуг“.
Европа
Русија ја укинува горната старосна граница за воен рок

Руската државна Дума денеска усвои предлог-закон за укинување на горната старосна граница за склучување на првиот договор за воена служба.
Во образложението се наведува дека законот сега предвидува првиот договор за воена служба да може да го склучат државјани на возраст од 18 до 40 години и странски државјани на возраст од 18 до 30 години, пренесува „РИА новости“.
Руската државна Дума денеска го усвои предлог-законот за укинување на горната старосна граница за отслужување воен рок, што на 20 мај го поднесоа пратениците на Единствена Русија, Андреј Картаполов и Андреј Красков.
Европа
Во Финска регистриран прв случај на мајмунска сипаница

Финска, најверојатно, го регистрирала првиот случај на мајмунска сипаница, соопшти денеска болницата во Хелсинки.
Светската здравствена организација во вторникот соопшти дека 131 инфекција со вирусот на мајмунска сипаница и 106 други сомнителни пациенти се потврдени по првиот откриен случај надвор од земјите, каде што инфекцијата традиционално се шири од 7 мај, пред сè, во Западна и Централна Африка, објави „Ројтерс“.
Потврдени се 131 инфекција со вирусот на мајмунска сипаница и 106 други сомнителни пациенти.