Европа
Со какви санкции му се заканува ЕУ на Путин?

Главните европски сојузници на Украина ја повикаа Русија на безусловно 30-дневно примирје и се заканија со нови санкции, според заедничкото соопштение објавено на 12 мај. Министрите за надворешни работи на Франција, Германија, Италија, Полска, Шпанија и н аВелика Британија, заедно со високата претставничка на ЕУ, Каја Калас, се состанаа во Лондон на состанокот „Вемаир+“, на кој се дискутираат прашања за евро-атлантската безбедност и за руската агресија врз Украина.
„Заедно со Украина повикуваме на итен, целосен и безусловно 30-дневен прекин на огнот за да се отвори простор за разговори за праведен, сеопфатен и траен мир“, изјавија официјалните лица по состанокот.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха им се обрати на учесниците преку видеоврска и потврди дека руските сили не го почитувале прекинот на огнот што требаше да стапи во сила на 12 мај. Украина и нејзините клучни сојузници ја предупредија Москва на 10 мај дека доколку одбие прекин на огнот, ќе воведат уште построги санкции.
Удар за руските приходи и енергија
Во својата изјава министрите ги наведоа конкретните мерки што планираат да ги преземат.
„Се договоривме за посилни чекори за понатамошно ограничување на способноста на Русија да води војна – ќе ги намалиме приходите на Кремљ, ќе го спречиме работењето на нивната флота во сенка, дополнително ќе го заостриме ограничувањето на цените за нафтата и ќе продолжиме да го намалуваме увозот на руска енергија“, се вели во соопштението.
Тие додадоа дека руските државни средства остануваат блокирани сè додека Москва не ја запре својата агресија и не ја надомести штетата што ја предизвикала. Покрај економските мерки, сојузниците повторија дека ќе продолжат да ја зајакнуваат украинската армија, да обезбедуваат безбедносни гаранции и да градат силен НАТО-сојуз.
Путин нуди преговори, но под стари услови
Како одговор на овој притисок, рускиот претседател Владимир Путин ја покани Украина на директни преговори во Истанбул, кои треба да почнат на 15 мај. Како што објасни неговиот советник Јуриј Ушаков, преговорите ќе се базираат на разговорите од Истанбул во 2022 и на актуелната ситуација на бојното поле.
Претседателот Володимир Зеленски изјави дека е подготвен да оди во Турција и да се сретне со Путин, но сепак инсистира на целосно и безусловно примирје.
Неименуван украински функционер за „Аксиос“ изјави дека Зеленски, дефинитивно, ќе биде во Турција на 15 мај, без оглед на тоа дали Москва се согласува на прекин на огнот. На прашањето на „Киев индепендент“ дали претседателот ќе патува, дури и ако Русија го отфрли предлогот, извор близок до неговиот кабинет рече: „Подготвени сме за сите опции. Но, чекаме одделно одговор за примирјето“.
Путин сè уште официјално не го потврдил своето пристигнување во Истанбул.
Нов бран санкции најавен за 14 мај
Германија јасно стави до знаење дека ќе воведе дополнителни санкции против Русија доколку прекинот на огнот не се почитува до крајот на 12 мај. Извори од ЕУ исто така најавија нова рунда европски санкции за 14 мај.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Украина и Русија ја спроведоа третата размена на затвореници оваа недела

Украина и Русија спроведоа уште една размена на затвореници, трета оваа недела, потврдија денес двете страни.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека неколку „сериозно ранети и сериозно болни војници“ се вратиле дома. „На сите им е потребен третман и дефинитивно ќе им биде пружена потребната помош“, напиша Зеленски на Телеграм.
Руското Министерство за одбрана, исто така, ја потврди размената, која следува по договорот постигнат во Истанбул претходно овој месец.
Според штабот на украинските воени заробеници, некои од вратените војници биле држени повеќе од три години откако пружиле отпор во југоисточниот пристанишен град Мариупол. Останатите биле помлади од 25 години или се водат како исчезнати.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека предавањето се случило на белоруско-украинската граница и дека ослободените руски војници биле транспортирани во Русија.
Размената беше договорена за време на директните разговори меѓу Киев и Москва во Истанбул на 2 јуни, каде што секоја страна се согласила да ослободи 1.200 затвореници.
Тоа беше единственото конкретно поместување во мировните преговори. Украина се спротивставува на целосна руска инвазија повеќе од три години.
Европа
(Видео) Путин зборуваше за бесмртноста на Денот на Русија

На Денот на Русија, кој се слави денес, рускиот претседател Владимир Путин одржа средба со учесниците на програмата „Време на херои“ во Кремљ, каде што упати порака за бесмртноста на рускиот народ и државноста. Говорот, кој го пренесе руската државна агенција ТАСС и е објавен на Икс, привлече големо внимание поради толкувањето на Путин за националниот идентитет и историската улога на Русија.
За време на средбата, Путин ги сподели своите мисли што претходно ги имал со рускиот писател и идеолог Александар Проханов.
„Ми кажа една многу интересна работа што би сакал да ја споделам со вас. Тој рече: ‘Дали знаете која е главната идеја на денешниот ден за Русија? Бесмртност’. И можеби ова се однесува не само на денешницата, туку и на Русија воопшто. Бесмртноста на рускиот народ и Русија, нашиот мултиетнички народ и нашата илјадагодишна државност“, истакна Путин.
Putin told 'SMO heroes' that the power of the Russian people lies in immortality and that this immortality is expressed in Russia's victories.
The 1 million Russian losses reached today will be happy to know that. pic.twitter.com/0lw44u9TfH
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) June 12, 2025
Путин нагласи дека бесмртноста на Русија и нејзиниот народ се манифестира преку победите што земјата ги постигнува и покрај тешките искушенија низ историјата.
„Нашата земја од време на време поминува низ многу тешки искушенија. А бесмртноста се изразува во победите на нашата земја“, рече тој. Путин особено го истакна придонесот на учесниците во специјалната воена операција во Украина, наведувајќи дека токму тие и нивните другари на фронтовската линија ја градат иднината на Русија.
Програмата „Време на херои“, насочена кон поддршка и интеграција на учесниците во „специјалната воена операција“ во граѓанското општество, според Путин, ја симболизира поврзаноста на иднината на Русија со херојството и жртвата на нејзините бранители. Путин ги повика собраните да се сетат на „оние кои сега се на фронтовската линија“ и го предложи традиционалниот воен извик „ура“ во нивна чест.
Александар Проханов, со кого Путин разговараше за бесмртноста, е познат како еден од главните идеолози на рускиот национален патриотизам и поборник на концептот на „петта империја“ што би ги обединила сите епохи од руската историја.
Европа
(Видео) Германија се уште одбива да и испорача ракети со долг дострел „Таурус“ на Украина

Германија во моментов не разгледува испорака на ракети „Таурус“ со долг дострел, кои се способни да погодат цели на растојание до 500 километри, на Украина, изјави германскиот министер за одбрана Борис Писториус за време на брифингот со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Писториус беше прашан дали Германија размислува за испраќање ракети „Таурус“ во Украина. „Ме прашавте дали го разгледуваме тоа, а мојот одговор е – не“, рече германскиот министер за одбрана.
❗️No Taurus missiles for Ukraine:
Q: "Given the intensification of shelling of all Ukrainian cities, and Kyiv in particular, over the past week, are you considering supplying Taurus missiles to us?"
German Defence Minister Pistorius: "In response to your question about whether… https://t.co/6XIC2BA35c pic.twitter.com/hjlAUMqXCE
— Anton Gerashchenko (@Gerashchenko_en) June 12, 2025
Украина веќе добива ракети со долг дострел од Франција, Обединетото Кралство и САД. Сепак, Германија досега останува воздржана во врска со ваквите испораки.
Иако канцеларот Фридрих Мерц јавно го поддржа испраќањето ракети „Таурус“ во Украина, сè уште не се случиле такви испораки.
Кон крајот на минатиот месец, на 27 мај, германскиот таблоид „Билд“, повикувајќи се на владини извори, објави дека сè уште не е донесена одлука за испорака на ракети „Таурус“ на Украина.
Во исто време, украинскиот претседател Володимир Зеленски, по средбата со Мерц, изјави дека сè уште се работи на можен трансфер на германски ракети, но тој и канцеларот се согласија да не разговараат јавно за оваа тема.