Свет
Стејт департментот го осуди нападот во Техеран
Нападот врз иранскиот парламент и мавзолејот на имамот Хомеини го осудија денес француското Министерство за надворешни работи и американскиот Стејт департмент.
“Најостро ги осудуваме нападите насочени кон иранскиот парламент и мавзолејот на имамот Хомеини во Техеран”, се вели во соопштението на француското министерство. Во соопштението на Стејт департментот се вели дека “за тероризмот нема место во мирно и цивилизирано општество.”
Иранскиот претседател Хасан Рохани претходно изјави дека нападот на Техеран, во кој загинаа најмалку 12 лица,а 42 се повредени, ќе го обединат Иран.
“Со денечниот терористички напад Иран ќе биде уште порешителен во борбата против регионалниот тероризам, екстремизам и насилството”, рече Рохани во изјавата што ја пренесе државната новинска агенција.
“Исламска држава” (ИД) ја презеде одговорноста за нападите. Ова е прва акција на оваа организација во Иран, која денес најави уште напади. Според соопштението, таа им се заканува на шиитските муслимани во Иран велејќи дека “калифатот нема да ја пропушти шансата да ја пролее нивната крв” се додека не го применуваат шеријатскиот закон.
Претходно, Револуционерната гарда на Иран за нападот го обвини својот регионален ривал, Саудиска Арабија.Според нив,нападот се случил само една недела по состанокот на претседателот Доналд Трамп со саудиските лидери кои ги поддржуваат терористите, а фактот дека “Исламска држава” ја презеде одговорноста за нападот потврди дека Саудиска Арабија е вклучена во овој брутален напад.
Саудискиот министер за надворешни работи Адел ал-Џубеир, изјави во Берлин дека не знае кој е виновен и дека не постои доказ дека милитанти од Саудиска Арабија се вклучени во нападот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ОН: Речиси 70 проценти од убиените во Појасот Газа се жени и деца
Канцеларијата за човекови права на Обединетите нации соопшти дека речиси 70 отсто од жртвите што ги потврдиле во војната во Газа се жени и деца, велејќи дека го осудува систематското кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право. Наодите на ОН ги опфаќаат првите седум месеци од војната меѓу Израел и Хамас во Појасот Газа, која започна пред повеќе од една година.
Канцеларијата на ОН потврди 8.119 жртви во текот на првите седум месеци од војната. Но, оваа бројка е исклучително ниска во споредба со вкупниот број на загинати луѓе, над 43.000, во текот на 13-те месеци од војната, според палестинското Министерство за здравство.
Сепак, верификацијата на ОН за возраста и полот на жртвите ги поддржува палестинските тврдења дека повеќето од убиените во војната се жени и деца. Овие наоди укажуваат на „систематско кршење на основните принципи на меѓународното хуманитарно право“, се вели во соопштението на канцеларијата на ОН. Израел се уште не ги коментирал наодите од извештајот на ОН од 32 страници.
Свет
Ердоган: Администрацијата на Трамп може да стави крај на војната во Украина преку дијалог и дипломатија
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави денеска дека војната на Русија против Украина лесно може да заврши доколку американската администрација на Доналд Трамп следи пристап „заснован на решенија“, вклучувајќи дијалог и дипломатија.
„Ако во ерата на Трамп американската администрација пристапи на ова прашање од гледна точка на решенија, лесно можеме да ставиме крај на оваа војна. Повеќе оружје, повеќе бомби, повеќе хаос и конфликт нема да ја завршат оваа војна. Повеќе дијалог, повеќе дипломатија, повеќе помирување ќе ја отворат вратата на мирот“, рече Ердоган во разговор со новинарите по враќањето од Будимпешта, пренесува турскиот весник Јени Сафак.
Тој истакна дека Турција е „земја која успеа да ги доведе двете страни на иста маса“.
Свет
Фон дер Лајен: ЕУ може да го замени рускиот гас со поевтин американски гас
Европската унија би можела да ја разгледа можноста за увоз на течен природен гас (ТНГ) од САД наместо од Русија, изјави денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Сè уште добиваме голем дел од гас од Русија, а зошто да не го замениме со американскиот, кој ни е поевтин и ни обезбедува пониски цени на енергијата“, рече таа на прес-конференција, пренесува Ројтерс.
Според неа, пристапот на ЕУ кон трговската политика, кој ќе се применува кога Доналд Трамп повторно ќе ја преземе функцијата во јануари, ќе се заснова на ангажман, разгледување на заедничките интереси и преговарање.