Свет
Столтенберг: „Војната во Украина можеше да се избегне“
Поранешниот генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, откри дека руската инвазија на Украина можеше да се спречи, но дека поддршката на алијансата дојде како „премногу мала, предоцна“.
Зборувајќи во интервју за РСЕ/РЛ на 7 ноември, тој исто така вели дека за време на мандатот се плашел дека НАТО може да се распадне.
Столтенберг се присети на напнатиот телефонски повик што го добил од украинскиот претседател Володимир Зеленски во февруари 2022 година додека руските тенкови се приближуваа кон Киев.
„Зеленски ми се јави од бункерот. Побара НАТО да го затвори небото и да ги запре руските авиони, беспилотните летала и хеликоптерите. Ми рече: ‘Знам дека НАТО може да го направи тоа, вие веќе го направивте тоа’“, рече Столтенберг.
Како што истакна, ако го стореа тоа, ќе почнаа целосна војна меѓу НАТО и Русија.
„Ќе моравме да ги уништиме руските системи за воздушна одбрана во Белорусија и Русија и да собориме руски авиони. Како што рече тогаш претседателот Бајден – „нема да ризикуваме трета светска војна поради Украина“, додаде Столтенберг.
Столтенберг, кој го водеше НАТО од 2014 до 2024 година, ги опиша раните реакции на алијансата на инвазијата како длабоко конфликтни.
„На 24 февруари 2022 година донесовме две одлуки: да ја зголемиме поддршката за Украина и да спречиме ширење на војната надвор од нејзините граници. Овие цели беа фундаментално контрадикторни. Ако нашата единствена цел беше победата на Украина, ќе испраќавме војници и авиони. Не го направивме ова за да избегнеме директна војна меѓу НАТО и Русија“, рече Столтенберг.
Столтенберг верува дека посилната воена поддршка за Украина по руската анексија на Крим во 2014 година би можела да го одврати Путин од почнување инвазија од големи размери.
„Нашата поддршка дојде предоцна и беше премногу слаба. Се плашевме да ја провоцираме Русија, но Русија сепак изврши инвазија“, додаде тој.
Сега, како норвешки министер за финансии, Столтенберг истакнува дека Русија може да се согласи на преговори само со зајакнување на Украина на фронтот.
„Не можеме да го предомислиме Путин, тој сака контрола врз Украина. Но, можеме да ја промениме неговата пресметка. Ако цената стане превисока, тој би можел да седне на преговарачка маса. Зеленски понуди разговори за прекин на огнот, но Путин ги отфрли. Мораме да ја направиме Украина посилна на бојното поле“, додаде Столтенберг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски му одговори на Трамп: „Секогаш сум подготвен за избори“
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес изјави дека е „секогаш подготвен за избори“, одговарајќи на претходната изјава на американскиот претседател Доналд Трамп дека „Киев ја користи војната за да избегне избори“.
„Секогаш сум подготвен за избори“, изјави Зеленски за италијанската „Република“, во кратка изјава додека го напушташе хотелот на пат кон Палатата Киџа, каде што треба да се сретне со италијанската премиерка џорџа Мелони.
Зеленски додаде дека „и верува на Мелони во преговорите“ што се водат според американскиот мировен предлог за прекин на војната во Украина.
Порано денес, Трамп изјави за „Политико“ дека е време да се одржат избори во Украина.
„Тие ја користат војната за да не одржат избори, но мислам дека украинскиот народ треба да има таков избор. И можеби Зеленски би победил. Не знам кој би победил. Но, тие немале избори долго време. Знаете, тие зборуваат за демократија, но таа достигна точка каде што повеќе не е демократија“, рече Трамп.
Фото: депозитфотос
Регион
Вучиќ: Нема да го менувам Уставот за да останам претседател, но би можел да станам премиер
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека нема да го менува Уставот за да остане претседател, но ја остави отворена можноста да стане премиер, за што, вели тој, му е потребна јавна поддршка. Тој додаде и дека е уморен и би сакал некој друг да ја преземе таа работа во иднина, пишува Blic.rs.
Вучиќ на форумот „Beltalks: Економски разговори во Белград“ изјави дека почнал да размислува за своето наследство и нагласи дека промената на Уставот нема да се случи.
„Можам да бидам премиер, но за тоа ви е потребна јавна поддршка, а јас треба да ја донесам таа одлука. И не е лесно за ниту едно прашање. Како што секогаш им велам на моите соработници, не бидете оптимисти, не го потценувајте вашиот противник. Но, јас сум уморен и исцрпен, и би сакал некој друг да ја заврши таа работа во иднина“, рече Вучиќ.
Тој, исто така, се осврна на достигнувањата за време на неговата влада, нагласувајќи ја стабилната економска состојба.
фото/депозитфотос
Свет
Мерц вели дека Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз, Кремљ му одговари
Кремљ денес соопшти дека европските тврдења дека рускиот претседател Владимир Путин сака да го обнови Советскиот Сојуз се погрешни и дека тврдењата дека тој има намера да нападне членка на НАТО се целосна бесмислица.
Путин, кој е роден во СССР, го опиша распадот на таа земја во 2005 година како најголема геополитичка катастрофа на 20 век, бидејќи десетици милиони Руси беа осиромашени, а самата Русија беше загрозена од распад.
Критичарите тврдат дека Русија под Путин се враќа кон апсурди и репресии споредливи со периодот кога Леонид Брежњев беше лидер на СССР. Западните лидери велат дека Путин, ако победи во Украина, еден ден ќе го нападне НАТО.
Путин постојано негира дека има намера да ја нападне алијансата и рече дека таков потег би бил глупав.
Германскиот канцелар, Фридрих Мерц, изјави дека Путин сака да го обнови стариот Советски Сојуз и дека Европа мора да се одбрани од, како што рече, јасните намери на Русија, наведени во официјалните руски доктрини, да го нападне НАТО.
„Тоа не е вистина“, одговори портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на новинарско прашање за тврдењата на Мерц. „Владимир Путин не сака да го обнови СССР затоа што тоа е невозможно, а тој самиот го кажал тоа многу пати“.
„Зборувањето за тоа не е внимателно кон нашите партнери“, рече Песков. „Очигледно, г-дин Мерц не го знае тоа“, додаде тој. „А што се однесува до подготовката на напад врз НАТО, тоа е целосна бесмислица“, рече тој.
фото/депозитфотос

