Европа
Стотици луѓе се под театарот во Мариупол, спасувањето трае веќе два дена

Спасувачите сè уште копаат во урнатините за да стигнат до сите преживеани по нападот на театарот во Мариупол, кој се случи во средата. Досега се извлечени околу 200 лица и се верува дека сите преживеале. Се верува и дека повеќе од 1.000 луѓе се засолниле во објектот.
„Скај њуз“ пишува дека властите не сакаат да зборуваат или да проценат за какви бројки би можело да се работи.
Градоначалникот на Мариупол, Вадим Бојченко, изјави дека спасувачките операции и натаму се во тек.
„Потребно ни е повеќе време да дадеме процени за жртвите и преживеаните. Градот сè уште е нападнат и тоа ја отежнува нашата спасувачка операција“, рече тој.
Украинскиот пратеник Дмитриј Гурин во Мариупол изјави дека неговите родители се заробени во градот.
„Таму сè е во урнатини. Засолништето под театарот има три зони и не знаеме точно каква е состојбата во секоја зона. Се чини дека ниедна не е оштетена, но луѓето не може да излезат бидејќи не може бргу да се расчисти областа поради постојаните напади. Ситуацијата е многу опасна“, изјави пратеникот Гурин.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Објавена снимка од предавањето на украинските борци од „Азовстал“

Руското Министерство за одбрана соопшти дека по предавањето на последните украински војници целосно ја ослободило фабриката за челик „Азовстал“ во Мариупол. Објавено е и видео на кое се гледа предавањето на последните украински борци од „Азовстал“.
На видеото се гледа како руски војници ги проверуваат украинските борци. Некои од борците ги покажаа своите тетоважи пред камера на барање на руските војници.
Портпаролот на руското Министерство за одбрана Игор Конашенко изјави дека 2.439 украински припадници на одбраната се предале во фабриката за челик „Азовстал“ од 16 мај, oд кои последните 500 во петокот.
Европа
Британска министерка: Мора и Молдавија да ја опремиме со модерно оружје, амбициите на Путин не запираат

Лиз Трас, британската министерка за надворешни работи, откри дека Велика Британија започнала разговори со своите меѓународни сојузници за испраќање модерно оружје во Молдавија за да ја заштити од Русија.
Таа рече дека земјата, која се наоѓа југозападно од Украина, сака да биде опремена според стандардите на НАТО.
Молдавија во моментот не е членка на НАТО и постои загриженост дека земјата би можела да биде идна цел на Путин, по конфликтот во Украина.
„Путин беше целосно јасен за неговите амбиции да создаде голема Русија – и само затоа што неговите обиди да го заземе Киев беа неуспешни, не значи дека тој ги напушти таквите амбиции“, рече Трас за „Телеграф“.
Европа
Москва ги стави Каспаров и Ходорковски на списокот на странски агенти

Поранешниот светски шампион во шах, Гари Каспаров и олигархот Михаил Ходорковски, двајца противници на рускиот претседател Владимир Путин во егзил, денеска се ставени на списокот на „странски агенти“ во Русија, соопшти руското Министерство за правда.
Терминот „странски агент“, налик на етикетата „непријател на народот“ од советската ера, нашироко се користи во Русија против опозиционерите, новинарите и активистите за човекови права обвинети дека спроведуваат политички активности финансирани во странство.
Со назначувањето за странски агент, едно лице или ентитет подлежи на голем број ограничувања и процедури под закана од строги казни. Меѓудругото, тие треба да го наведат статусот на сите свои објави.
Во ажурираниот список објавен на веб-страницата на министерството се наведува дека Михаил Ходорковски (58) и Гари Каспаров (59) имаат извори во Украина за да ги финансираат своите активности.
Каспаров долго време му се противи на Владимир Путин и речиси десет години живее во егзил во САД. Ходорковски беше еден од најмоќните руски бизнисмени во текот на 90-тите пред да му се спротивстави на Кремљ кога Путин дојде на власт во 2000 година. Тој мина десет години во затвор, меѓу 2003 и 2013 година и оттогаш живее во егзил. Со години ја финансираше опозициската организација Отворена Русија, која се самораспушти во мај 2021 година поради растечките репресии во земјата.