Свет
Трагедија кај либискиот брег – испливаа тела на 27 мигранти, меѓу кои и бебе

Тела на 27 мигранти, меѓу кои едно бебе и две жени, испливаа во близина на брегот на западниот дел на Либија, соопшти либиската Црвена полумесечина.
Телата се пронајдени доцна синоќа на две одвоени локации во близина на крајбрежниот град Хомс, додаде Црвената полумесечина. Тројца мигранти се спасени, а потрагата по останатите е во тек, пренесе АП.
Црвената полумесечина објави фотографии на кои се гледаат тела како лебдат во Медитеранот, како и работници на таа организација како ги ставаат во црни кеси, додава АП.
Мигрантите најверојатно се удавиле во неодамнешниот бродолом во близина на брегот на Либија, од каде многумина се обидуваат да стигнат до Европа.
Според податоците на Агенцијата за мигранти при Обединетите нации, годинава во бројни несреќи на море во централниот дел на Медитеранот се удавиле околу 1.500 мигранти.
Претходно овој месец, повеќе од 160 мигранти се удавија во два одделни бродоломи во близина на северноафриканската земја, соопшти Меѓународната организација за миграција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Францускиот парламент го поддржа владиниот план за нуклеарна обнова: Клучната точка е изградбата на шест нови реактори

Еден ден откако француската влада тесно го преживеа гласањето за недоверба поради најавената пензиска реформа, францускиот парламент со големо мнозинство го поддржа планот на владата за инвестирање во нуклеарната енергија.
Планот за нуклеарна обнова, чија клучна точка е изградбата на шест нови нуклеарни реактори, беше одобрен вчера во францускиот парламент со 402 гласа за и 130 против, пренесува „Ројтерс“.
„По Сенатот минатиот месец, Долниот дом со големо мнозинство гласаше за планот за нуклеарна обнова, кој е резултат на заедничката работа во борбата против климатските промени и го гарантира нашиот енергетски суверенитет“, рече премиерката Елизабет Борн.
На вчерашното гласање за недоверба на француската влада, 278 пратеници го поддржаа предлогот на опозицијата за изгласување недоверба, а уште девет пратеници, односно 287 од нив, гласаа против соборувањето на владата на Борн.
Регион
„Бугарија е приоритет“ – ЕУ издвојува 600 милиони евра за зајакнување на бугарската граница со Турција

Европската унија ќе одвои 600 милиони евра за зајакнување на границата на Бугарија со Турција, изјави денеска државниот секретар во бугарското МВР, Петар Тодоров.
Тој рече дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во ја информирала Владата на Бугарија дека Комисијата одржала состанок за нов стратешки пристап за заштита на надворешната граница на ЕУ и оти Бугарија е приоритет.
„За зајакнување и техничка изградба на нашата граница ќе бидат издвоени повеќе од 600 милиони евра. Таму имаме над 110 километри технички необезбедена граница, а има што да се направи и на другите 200 километри“, посочи тој.
Според него, парите ќе бидат потрошени за опрема, камери, сензори и автомобили.
Во првите три месеци приливот на мигранти е зголемен за 43 отсто во однос на лани, а како што се наведува, лицата кои се занимаваат со нелегална трговија доаѓаат од сите слоеви.
Европа
Русија распореди ракетни системи на Курилските Острови

Русија денеска објави дека дел од нејзиниот противракетен одбранбен систем Бастион е распореден на Парамушир, еден од Курилските Острови во северниот дел на Тихиот Океан.
Јапонија смета дека некои од овие острови се нивна територија.
Овој потег е дел од поширокото зајакнување на руската одбрана во нејзините огромни региони на Далечниот Исток, рече министерот за одбрана, Сергеј Шојгу, делумно како одговор на, како што ги нарече, американските напори да ги задржат Русија и Кина.
Шојгу разговараше со највисоките руски воени лидери еден ден откако претседателот Владимир Путин и кинескиот лидер Ши Џјинпинг го зацементираа своето партнерство без задржување на разговорите во Кремљ со договори за подлабока енергетска и воена соработка.
„За да ги држат Русија и Кина, Соединетите Американски Држави значително го зголемуваат своето воено присуство во Азиско-пацифичкиот Регион, ги зајакнуваат политичките и воените врски со сојузниците продолжувајќи да создаваат нова американска безбедносна архитектура во регионот“, рече Шојгу.
Шојгу рече дека системот „Бастион“ ќе ја зајакне руската безбедност околу Курилските Острови.
Јапонија, близок сојузник на САД, тврди дека четирите јужни Курилски Острови биле заземени од советските сили на крајот на Втората светска војна, пренесе „Индекс.хр“.