Европа
Трагично заврши потрагата по 24-годишниот хрватски фудбалер, шпанската полиција тврди дека тој не бил убиен

Трагично заврши потрагата по 24-годишниот хрватски фудбалер Јаков Јелкиќ, кој исчезна рано наутро во саботата во Аликанте на источниот брег на Шпанија. Шпанската полиција го пронашла неговото тело на пристаништето Аликанте, со што се остварени најлошите стравови на семејството и пријателите.
По неколкудневна неизвесност, властите го открија телото на Јелкиќ во водата, а нуркачите од Цивилната гарда го извлекоа на брегот. Официјално е потврдено дека телото е пронајдено на крајот на едно од пристаништата. Во присуство на истражители процесот на извлекување на телото беше завршен вчера нешто пред 18.30 часот по локално време.
Иако резултатите од обдукцијата сѐ уште се чекаат, според полициски извори, прелиминарната истрага сугерира дека смртта е последица на несреќен случај и дека нема вмешаност на трето лице.
Исчезнувањето на Јаков Јелкиќ во саботата било пријавено во шпанската полиција откога му се изгубила секаква трага во ноќниот клуб „Упикум“ кај плоштадот Габриел Миро во Аликанте. Јелкиќ, кој имаше двојно швајцарско и хрватско државјанство, пристигна во градот еден ден порано со соиграчите од швајцарски фудбалски клуб од пониска лига.
Според неговите пријатели, по едно вечерно излегување, тој се вратил во клубот барајќи ја јакната што ја оставил таму, но никој од нив повеќе не го видел потоа. Следното утро, кога забележале дека не се вратил во хотелот, пријателите ја известиле полицијата, која почнала интензивна потрага.
Во рамките на истрагата прегледани се снимките од безбедносните камери од локации во надлежност на Градот, комплексот „Панорамис“ и Капетанијата на пристаништата. На снимката се гледа дека Јелкиќ се движи сам кон областа Дистрито Дигитал, дел од зоната на пристаништето во Аликанте. Набргу потоа му се изгубил сигналот од мобилниот телефон во оваа област, околу три часот наутро, пишува „Дијарио Аликанте“.
Кога истражителите ги утврдија последните познати движења на исчезнатиот млад човек, потрагата беше интензивирана, вклучително и снимки од воздушни дронови и пребарување на тимови со нуркачи. Клучен момент во истрагата се случил кога истражител од полициската управа во Аликанте забележал тело во водата, на речиси два метра под површината, на крајот на пристаништето, јавуваат шпанските медиуми.
Телото е идентификувано како Јаков Јелкиќ, а по наредба на дежурниот суд во Аликанте, била спроведена официјална постапка на извлекување.
Телото е пренесено во Институтот за судска медицина во Аликанте, каде што денеска ќе биде извршена обдукција. Се очекува резултатите да ги разјаснат околностите на смртта и да потврдат дали станува збор за несреќен случај.
Оваа трагедија е втора смрт забележана во пристаништето Аликанте изминатиот викенд, што предизвика загриженост кај локалните власти и граѓаните. Имено, во неделата во пристаништето било пронајдено тело на жена што претходниот ден била пријавена за исчезната.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Кокаин вреден 10 милиони евра запленет во близина на Неапол

Италијанската полиција заплени повеќе од 80 килограми кокаин од камион во близина на Неапол, јави денеска италијанската новинска агенција АНСА.
Полицијата уапси 33-годишник и 47-годишник, кои беа фатени како пренесуваат 81,7 килограм кокаин, поделени во 70 дела, од камион во помало комбе во северните предградија на Неапол, јави АНСА.
Проценетата улична вредност на дрогата е речиси 10 милиони евра.
Полицијата вели дека ова е значаен удар врз организираниот криминал, пренесува италијанската агенција.
Европа
Во Минхен нема руска делегација, велат организаторите на конференцијата

Иако американскиот претседател Трамп најави средба меѓу американската и руската делегација во Минхен, организаторите на конференцијата потврдија за Би-би-си дека нема руска делегација присутна во германскиот град.
Според Би-би-си, можно е средбата да биде планирана на друго место во градот, но претставници на конференцијата за Би-Би-Си велат дека е малку веројатно германската влада да и даде визи на руската делегација.
Европа
Унгарскиот министер за надворешни работи: Студентските протести се обид за дестабилизација на Србија

Унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека гледа „обиди за дестабилизација“ на Србија во студентските протести во Србија, кои траат по уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад.
„Гледам обид за дестабилизација на Србија и колку што јас разбирам, тој доаѓа не само од внатре, туку и од надвор“, рече тој во интервју за РТС.
Според него, во интерес на Унгарија е Србија да остане стабилна.
„Ова е добро за Унгарците кои живеат во Србија и за Унгарија поради соработката меѓу двете земји“, додавајќи дека Будимпешта „има доверба во владејачката коалиција во Србија и се надева дека обидот за дестабилизација нема да успее“.
Тој рече дека Србија е најсилната земја на Западен Балкан и дека Унгарија смета дека е во интерес на Европската унија Србија да биде нејзина членка.
„Тоа би била добра вест за Унгарија“, рече тој.