Вести
Трамп: Германија им должи огромни суми на САД и НАТО за одбраната
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата, ден по срдбата со германската канцеларка Ангела Меркел, изјави дека Германија им должи „огромни“ суми на НАТО и на САД за одбраната.
„Без разлика на тоа што сте слушнале преку лажните вести, имав одлична средба со германската канцеларка Ангела Меркел. Сепак, Германија должи огромни суми пари на НАТО и на Соединетите држави. Треба да се плати повеќе за моќната и многу скапа одбрана којашто ѝ ја овозможуваме на Германија“, напиша американскиот претседател Доналд Трамп на Twitter, што е негов вообичаен начин на утринска комуникација со јавноста.
На заедничката прес-конференција во петокот со канцеларката Меркел, американскиот претседател Доналд Трамп изјавил дека САД ќе ги почитуваат историските институции, но дека и другите држави треба да издвојуваат свој дел од средствата за НАТО. Трамп, рекол дека ѝ е благодарен заради „посветеноста на германската влада во издвојувањето за одбраната“ и работата на тоа да се достигне целта од барем два отсто од БДП за НАТО, пренесоа главните светски агенции. Тој уште додал дека е отворена можноста со Германија да се направи „уште подобра работа“.
САД го поднесуваат најголемиот дел од буџетот на НАТО. Трамп во повеќе наврати ја критикуваше Алијансата како застарена, и бараше сојузниците да бидат „фер“ и да ги зголемат своите трошоци за одбраната до 2 отсто од бруто домашниот производ (БДП)./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
