Свет
Трамп го исмејуваше Бајден: Да бев јас претседател, ќе седев во првиот ред
Поранешниот американски претседател Доналд Трамп го коментира тоа дека Бајден седел во 14-тиот ред на погребот на кралицата Елизабета Втора, дека бил опкружен со лидери на земји од третиот свет.
Џо Бајден седеше во редот 14, седми ред одзади, во Вестминстерската опатија. По тој повод, Трамп на својата социјална мрежа Truth Social објави фотографија од собраните лидери со црвена стрелка, која покажува кон Бајден.
Тој тврди дека ако сè уште бил претседател, ќе седел на фронтот и дека сегашниот распоред на седиштата е показател за рејтингот на САД, кој верува дека е намален откако Бајден стана претседател.
„Ова ѝ се случи на Америка за само две години. Нема почит“, рече Трамп.
Тој додаде дека е добра можност актуелниот претседател подобро да се запознае со некои лидери на земји од третиот свет.
„Во недвижностите, како и во политиката и животот, ЛОКАЦИЈАТА Е СЀ!!!“, заклучи Трамп.
Инаку, според протоколот, лидерите на земјите од Комонвелтот беа поставени пред другите шефови на држави. Така, канадскиот премиер Џастин Трудо се најде девет реда пред американскиот претседател.
Џо Бајден и првата дама Џил седнаа до претседателот на Швајцарија, пред нив беше претседателот на Полска, а зад нив премиерот на Чешка. Кинескиот претставник беше во ист ред со Бајден.
Не е јасно на кого мислеше Трамп кога рече лидери од третиот свет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Тони Блер: Треба да донесеме трета страна за да ја завршиме војната во Газа
Поранешниот британски лидер Тони Блер денеска изјави дека треба да се донесе трета страна да управува со Газа за да се стави крај на војната во областа, истовремено изразувајќи ја поддршката за војната на Израел против либанското движење Хезболах.
Кога Блер беше британски премиер за време на војната меѓу Израел и Хезболах во 2006 година, тој го поддржуваше Израел и се спротивстави на повиците на неговата влада да воведе ембарго, пренесува „Политико“.
Тој ги поврза сегашните непријателства со кршењето на Хезболах на резолуцијата за прекин на огнот од 2006 година на Советот за безбедност на ОН, со која се повикува движењето да се повлече од границата со Израел и да се разоружа.
Регион
Бугарија до своите граѓани: Веднаш напуштете го Иран
Бугарија денеска ги повика своите граѓани веднаш да го напуштат Иран поради ескалацијата на тензиите на Блискиот Исток, јавува „Анадолија“.
На Бугарите им се препорачува строго да ги следат безбедносните упатства на локалните власти, да бидат информирани за ситуацијата и да избегнуваат посета на воени локации и масовни собири“, се вели во соопштението на бугарското МНР.
Се препорачува бугарските државјани во Иран веднаш да стапат во контакт со бугарската амбасада во Техеран за да дадат детали за своето место на живеење и планираното времетраење на престојот или со јавување во Амбасадата или преку е-пошта до Генералниот конзулат во Техеран.
Свет
Двајца белгиски новинари ранети во Бејрут, едниот има фрактура на лицето
Двајца новинари на белгиската телевизија ВТМ се повредени денеска во Бејрут додека известувале за воздушен напад врз центарот на либанската престолнина во време на отворен конфликт меѓу Израел и Хезболах, соопшти нивната редакција.
Воениот репортер Робин Рамаекерс доби фрактура на лицето, а камерманот Стијн де Смет си ја повреди ногата, така што и двајцата беа хоспитализирани. Нивната редакција телефонски разговарала со нив и било потврдено дека не се во животна опасност, изјави портпаролот на медиумската групација „ДПГ медија“, сопственик на ВТМ.
Седум лица беа убиени во израелски воздушен напад врз градот во четвртокот наутро, еден ден по убиството на осум израелски војници во судирите со Хезболах. Израел соопшти дека извршил прецизен воздушен напад врз Бејрут. Три проектили го погодија и јужното предградие Дахиџе, каде што минатата недела беше убиен лидерот на Хезболах, Хасан Насрала.
Белгиското Министерство за надворешни работи соопшти дека ќе ја следи состојбата на своите повредени новинари. Во Либан моментно има речиси 1.800 белгиски државјани, а стотина изразиле желба да ја напуштат земјата, соопшти белгиската дипломатија додавајќи дека ќе им помогне во тоа.