Свет
Трамп доби почесен црн појас во теквондо
Поранешниот американски претседател, Доналд Трамп, доби почесен црн појас, деветти дан во теквондо, иако никогаш во животот не се занимавал со овој спорт.
На Трамп му беше доделен сертификат за црн појас, што е највисоко признание во овој спорт, од претседателот на јужнокорејската теквондо-федерација, Ли Донг-суп, во куќата на Трамп во Мар-а-Лаго, Флорида.
„Чест ми е што го добив сертификатот за почесниот деветти дан и мислам дека теквондото е прекрасна борачка вештина за самоодбрана“, рече Трамп по добивањето на ова признание.
Trump receives honorary ninth-degree black belt in taekwondo https://t.co/eWeoH2zMze pic.twitter.com/ekqzceMMPF
— New York Post (@nypost) November 22, 2021
Сепак, претседателот на јужнокорејската теквондо-федерација не ја објасни причината за доделувањето на црниот појас на Трамп, но рече дека доделувањето на ова признание не е поврзано со никакви политички прашања.
Од друга страна, доделувањето на овој сертификат на Трамп сега значи дека тој има ист ранг како и рускиот претседател Владимир Путин, кој исто така го доби деветтиот почесен дан во 2013 година. Претседателот Путин исто така никогаш не тренирал теквондо.
Меѓутоа, во коментарите на социјалните мрежи голем број мајстори на оваа борачка вештина го осудија овој потег со оглед на тоа дека за да се дојде до таков ранг, треба да се вежба со години, па и со децении.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Америка го ограничи движењето на својот дипломатски персонал во Израел
САД го ограничија патувањето за персоналот на нивната амбасада во Израел и членовите на нивните семејства „од претпазливост“ по извештаите за израелски одмазднички напад врз Иран.
Амбасадата соопшти дека на персоналот им било кажано да не патуваат надвор од поширокиот регион на Тел Авив – вклучувајќи ги Херцлија, Нетања и Дури Јехуда – и областите Ерусалим и Беер Шева до понатамошно известување.
„Безбедносната средина останува сложена и може брзо да се менува во зависност од политичката ситуација и неодамнешните настани“, се вели во соопштението објавено утрово.
Свет
Си-Ен-Ен: Остин разговараше со Галант пред нападот на Иран, Вашингтон не ја поддржува оваа акција
Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти Пентагон.
Повикот бил упатен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад внатре на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува никаква дискусија за плановите на Израел за овој напад, пренесува Си-Ен-Ен.
Неименуван висок американски функционер изјави за Си-Ен-Ен дека Израел во четвртокот ја информирал Америка дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува оваа акција на Тел Авив.
Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран.
Новинската агенција „Фарс“ објави дека се слушнале „експлозии“ во близина на меѓународниот аеродром во Исфахан. Провинцијата Исфахан е дом на голема воздухопловна база, голем комплекс за производство на ракети и неколку нуклеарни локации, наведува Би-Би-Си.
Израелската војска соопшти дека „засега нема коментар“ за извештаите за експлозии во Иран. Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амирабдолахиан изјави неколку часа пред да се слушнат експлозиите дека доколку Израел преземе каква било воена акција, одговорот на Техеран ќе биде „веднаш и на максимално ниво“, пренесува Танјуг.
Свет
Трамп: Опстанокот на Украина е важен за САД
Доналд Трамп рече дека опстанокот на Украина е важен за Соединетите Американски Држави.
Поранешниот претседател поголемиот дел од својата објава на својата платформа „Truth Social“ го посвети на поплаките дека европските сојузници на САД не трошат доволно за поддршка на Украина. Некои десничарски републиканци ја протолкуваа најавата како сигнал дека тој се противи на сегашниот пакет помош, иако Трамп експлицитно не го кажа тоа.
Сепак, објавата се чини дека е едно од првите признанија на Трамп дека опстанокот на Украина е важен безбедносен интерес на САД, оценуваат тие. Минатата година, кога беше прашан за конфликтот во интервју за Си-Ен-Ен, Трамп одби да каже дали сака Украина да ја добие војната со Русија.
„Зошто Европа не може да даде иста сума пари колку што инвестираа САД за да и помогнат на земјата во очајна потреба“, напиша тој.
„Како што сите се согласуваат, опстанокот и силата на Украина треба да ѝ бидат многу поважни на Европа отколку на нас, но тоа е исто така важно за нас“, напиша тој.
Објавата на Трамп дојде еден ден откако ја пофали Полска, по средбата во кулата Трамп во Њујорк со полскиот претседател Анджеј Дуда. Поранешниот претседател и полскиот лидер разговараа за предлогот на Дуда членките на НАТО да трошат најмалку 3 отсто од својот бруто домашен производ за одбрана, изјави претставник на кампањата.
Во моментов од нив се бара да потрошат најмалку два отсто од БДП.
Републиканскиот претседател на Претставничкиот дом на САД, Мајк Џонсон, рече дека тие ќе гласаат за пакетот помош за Украина во сабота, и покрај жестоките приговори од десното крило на неговата пратеничка група.