Свет
Трамп за жестокиот напад на Киев: Владимире, престани!

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска ги осуди најновите руски напади врз Киев на платформата Truth Social и го повика рускиот претседател Владимир Путин да ги запре.
„Не сум задоволен од руските напади врз Киев. Тие не се потребни и доаѓаат во многу лошо време. Владимире, престани! 5.000 војници умираат неделно. Ајде да го завршиме мировниот договор!“, напиша Трамп.
Реакцијата доаѓа откако руските сили го извршија најтешкиот напад врз главниот град на Украина од летото минатата година. Киев синоќа беше цел на комбинирани напади со беспилотни летала и проектили, при што загинаа најмалку девет лица, а беа повредени повеќе од 70, меѓу кои шест деца. Нападите предизвикаа пожари и урнаа згради во пет градски кварта, а спасувачките тимови сè уште трагаат по преживеани под урнатините.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја прекина официјалната посета на Јужна Африка и најави враќање во својата татковина. За време на состанокот со јужноафриканскиот претседател Кирил Рамафоса, Зеленски повтори дека Украина нема да се согласи на мировен договор кој вклучува територијални отстапки, вклучувајќи го и Крим.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Папата Лaв: Светот гори поради вооружените конфликти и глобалното затоплување

Папата Лав денес го прекина двонеделниот одмор за да одржи посебна миса со која ги повикува католиците да се грижат за создадениот свет, за справување со глобалните климатски промени.
„Светот гори поради вооружените конфликти и глобалното затоплување“, рече папата.
„Мора да се молиме за многу луѓе кои сè уште не ја гледаат итноста од грижата за нашиот заеднички дом“, рече папата.
Новиот папа рече дека Црквата со 1,4 милијарда члена е посветена да зборува за ова прашање, „дури и кога е потребна храброст за да се соочиме со деструктивната моќ на владетелите на овој свет“.
Мисата вклучуваше молитва за жртвите од поплавите во Тексас, каде што до вторникот загинаа најмалку 109 луѓе.
Кардиналот Мајкл Черни, висок функционер на Ватикан, кој помогна во организирањето на мисата, за „Ројтерс“ изјави дека одлуката на папата да го скрати својот одмор е знак за важноста што ќе ја придаде на еколошките прашања.
Свет
Орбан ѝ порача на Фон дер Лајен: „Време е за заминување“

Унгарскиот премиер Виктор Орбан ѝ порача на претседателката на Европската комисија дека е време да си замине. Орбан објави фотографија од Урсула фон дер Лајен со натпис „Време е да си замине“.
Утре, Европскиот парламент ќе разгледа и ќе гласа за недоверба на Фон дер Лајен.
Иницијативата е поврзана со одлуката на Европскиот суд, кој ги прогласи процедурите на Европската комисија за нетранспарентни откога одби да ја предаде преписката меѓу Фон дер Лајен и директорот на компанијата „Фајзер“ на новинарите.
За време на пандемијата ЕУ купи вакцини против коронавирусот од оваа компанија.
Аналитичарите од Брисел се сомневаат дека ќе биде потребно мнозинство за да се гласа за разрешување на шефот на Европската комисија.
Свет
Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика вулкански ерупции

Топењето на глечерите во целиот свет може да предизвика долго неактивните вулкани да се разбудат под мразот, проценија научниците на конференцијата „Голдсмит 2025“ во Прага.
Ново истражување открива дека масивните ледени покривки ги потиснувале ерупциите илјадници години создавајќи подземен притисок. Но, како што оваа ледена тежина исчезнува, може да предизвика бран експлозивни ерупции, особено на места како Антарктикот, објавува „Сајенс дејли“.
На конференцијата, која се одржува од 6 до 11 јули во Прага, научниците истакнаа дека оваа неочекувана вулканска закана не само што претставува регионален ризик туку може да ги забрза и климатските промени.
Научниците сугерираа дека топењето на глечерите може да ослободи моќни вулкански ерупции со отстранување на тежината што ја држи магмата заробена длабоко под земјата. Антарктикот, велат тие, може да содржи стотици од овие експлозивни темпирани бомби. Топењето на глечерите може тивко да ги постави темелите за поексплозивни и чести вулкански ерупции во иднина, според студија на шест вулкани во чилеанските Анди, објавува „Танјуг“.
Студијата, презентирана на конференцијата во Прага, сугерира дека стотици неактивни вулкани во целиот свет, особено на Антарктикот, би можеле да станат поактивни поради климатските промени што го забрзуваат повлекувањето на глечерите.
Врската помеѓу повлекувањето на глечерите и зголемената вулканска активност е позната на Исланд уште од 70-тите, но ова е една од првите студии што го истражуваат феноменот во континенталните вулкански системи.
Истражувачите откриле дека за време на врвот на последната ледена доба дебелата ледена покривка го потиснува бројот на ерупции и дозволува голем резервоар на магма богата со силициум да се акумулира 10-15 км под површината.
„Со текот на времето кумулативниот ефект од повеќекратни ерупции може да придонесе за долгорочно глобално затоплување поради акумулацијата на стакленички гасови“, рече Морено-Јегер, пренесува „Танјуг“.