Европа
Трамп: Ништо нема да ме спречи повторно да се кандидирам за претседател

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека ништо нема да го спречи повторно да се кандидира за претседателските избори во 2024 година, пренесуваат светските медиуми.
„Ништо нема да ме спречи. Треба повторно да ја зајакнеме нашата земја, која отиде во пеколот. Работите бргу се влошија. Ја сакам нашата земја и ќе го направам она што е правилно за неа“, изјавил Трамп за „Њуз макс“ одговарајќи на новинарско прашање за тоа што може да го спречи да се кандидира.
Според анкетите минатата недела, како што пишуваат медиумите, повеќето Американци се подготвени да гласаат за поранешниот американски претседател.
На прашањето како би гласале доколку изборите се одржат тој ден, 42 отсто изразиле поддршка за актуелниот претседател Џозеф Бајден, а 44 отсто за Трамп, пренесуваат агенциите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Во Австрија петцифрен број заразени од коронавирус

Во Австрија бројот на новозаразени од коронавирус изминативе денови се зголемува и повторно достигна петцифрена бројка.
Во последните 24 часа регистрирани се нови 10.898 позитивни ковид-случаи, а тој број последен пат беше евидентиран во април годинава.
Во изминатото деноноќие како последица од вирусот починале шест луѓе.
Тамошниот министер за здравје рече дека овој број е очекуван. Тој не најави нови мерки, рече дека смета на самоодговорноста на граѓаните.
Во Виена моментно има 3.569 новозаразени.
Европа
Руски хеликоптер влезе на територијата на НАТО, тврди естонското Министерство за одбрана

Естонското Министерство за одбрана соопшти дека руски хеликоптер „ми-8“ минатата сабота на две минути влегол во областа на регионот Коидула, пренесува „Бизнис инсајдер“.
Практично, тоа значи дека рускиот хеликоптер се нашол на територијата на НАТО.
Кусти Салм, висок претставник на Министерството, рече дека Русија симулира ракетни напади врз Естонија и додаде дека заканата за земјата е на највисоко ниво во историјата, објави „Скај њуз“.
Упадот на хеликоптерот во естонскиот воздушен простор се случил само десет дена пред големиот самит на НАТО во Мадрид, кој е закажан за 29 јуни.
Земјите членки на НАТО ќе разговараат за тоа како да ја зајакнат алијансата по руската агресија против Украина.
Во меѓувреме, растат и тензиите на релација Москва – Литванија.
Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, денеска изјави дека одговорот на Москва на литванската забрана за транзит на стока до ексклавата Калининград ќе биде не само дипломатски туку и практичен.
„Едно од главните прашања беше дали одговорот ќе биде чисто дипломатски. Одговорот е не“, рече Марија Захарова на неделниот брифинг. „Одговорот нема да биде дипломатски, туку практичен“, додаде таа.
Европа
Пензиониран полковник, кој некогаш чувал руски нуклеарен куфер, се обидел да се самоубие

Пензиониран полковник на руската Федерална служба за безбедност, кој неодамна беше обвинет за примање мито, вчера бил пронајден со прострелна рана во својот стан во селото Нови кај Москва.
Пензионираниот полковник Вадим Зимин пиел алкохол со својот брат, а во еден момент отишол во друга соба. Тој потоа се обидел да се самоубие, според првичните резултати од официјалната истрага објавени од руските медиуми.
Брат му повикал брза помош, а Зимин преживеал и во тешка состојба бил префрлен на интензивна нега.
Во декември 2021 година Зимин беше уапсен под сомнение дека зел мито од претприемачи во износ од 10 проценти од секоја зделка склучена со државен договор. Тој бил разрешен од должноста во Централната царинска управа и во текот на истрагата му бил одреден домашен притвор.
Тој бил задолжен за чување на куферот за контрола на руските нуклеарки додека на власт бил поранешниот руски претседател Борис Елцин. Зимин потоа продолжил да работи во службата за безбедност, а во времето на Владимир Путин бил унапреден во чин на полковник.
Во јавноста има само една фотографија од Вадим Зимин.
Во Русија има три куфери, кои содржат предаватели што може да иницираат нуклеарен напад доколку се активираат во исто време. Едната актовка е до претседателот на Русија, а другите две се кај други двајца високи функционери.