Свет
Трамп одбива да го врати погрешно депортираниот човек и покрај одлуката на Врховниот суд

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп и претседателот на Ел Салвадор, Наиб Букеле, јасно ставија до знаење за време на состанокот во Овалната соба дека мажот од Мериленд, кој неправедно беше депортиран во Ел Салвадор, нема да биде вратен во Соединетите држави.
Иако американскиот Врховен суд одлучи дека американските власти мора да го „олеснат“ враќањето на Килмар Армандо Абрего Гарсија, претставници на Белата куќа тврдат дека одлуката за неговото враќање зависи исклучиво од Ел Салвадор.
Запрашан директно од новинарката Кејтлан Колинс од Си-ен-ен дали ќе го врати, Букеле рече дека идејата е апсурдна:
„Се надевам дека не ми сугерирате да прошверцувам терорист во Соединетите држави. Како можам да прошверцувам терорист во САД? Се разбира, нема да го сторам тоа. Самото прашање е апсурдно“, рече Букеле.
Високи претставници на администрацијата ја оспоруваат одлуката на судот, тврдејќи дека судот не може да интервенира во водењето на надворешната политика. Врховниот суд не ја поништи одлуката на понискиот суд, но рече дека владата мора да го олесни враќањето доколку се согласи Ел Салвадор, но дека не е обврзана самата да го спроведе.
Иако Трамп претходно изјави дека го почитува Врховниот суд и дека ќе го врати доколку тоа му биде наредено, тој вчера избегна да даде јасен одговор.
На состанокот во Овалната соба, Трамп го повтори ставот на неговата администрација, повикувајќи ги државниот секретар Линда Мекмахон, државниот обвинител Пем Бонди и советникот Стивен Милер да потврдат дека САД немаат овластување да го вратат Абрего Гарсија без согласност на Ел Салвадор.
„Ако Ел Салвадор сака да го врати, ќе олесниме – на пример, ќе обезбедиме авион“, рече Бонди.
Абрего Гарсија илегално влегол во САД околу 2011 година, но судијата за имиграција во 2019 година пресудил дека не треба да биде депортиран бидејќи го гонела банда во Ел Салвадор која му се заканувала со смрт поради бизнисот на неговото семејство.
И покрај таа одлука, тој беше депортиран, а сега администрацијата на Трамп одлучи да не го враќа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Медведев: Русија нема да дозволи историјата да се прекројува

Заменик-претседателот на Советот за безбедност и лидер на партијата Единствена Русија, Дмитриј Медведев, денес изјави дека Русија нема да дозволи обиди за препишување на историјата од Втората светска војна и изедначување на агресорите со ослободителите.
„Благодарение на нашите херои јасно гледаме како историјата ги казнува оние што не ги научиле лекциите, оние што се обидуваат да ги ревидираат резултатите од Втората светска војна. Нема да дозволиме историјата да се прекројува“, рече Медведев за време на отворањето на меѓународната патриотска кампања „Диктатот на победата“, објави „РИА новости“.
Зборувајќи за современиот контекст, Медведев истакна дека денес Русија повторно се соочува со нацизмот, но под нов плашт.
„Нашата земја е повторно на фронтовската линија против истиот нацизам. Војниците и офицерите на специјалната воена операција, како и сите што работат во заднина и му помагаат на фронтот, ја продолжуваат работата на своите големи претходници“, рече тој.
Кампањата „Диктатот на победата“ се одржува на повеќе од 35.000 локации во Русија и во повеќе од 90 земји од целиот свет.
Учесниците, меѓу кои ученици, студенти, членови на јавни организации и други граѓани, имаат 45 минути да одговорат на прашања за големата патриотска војна и тековните воени настани, пренесува „Танјуг“.
Регион
(Видео) Еколошка катастрофа – нафта истече во Јадранското Море

Големи количини гориво истекоа во Јадранското Море на островот Хвар во Хрватска. Неофицијално, инцидентот се случил кога пукнал резервоар на танк на бензинската пумпа ИНА, објави „Далмација данас“.
Полицијата е на терен и се истражува како се случил инцидентот.
„Утрово, околу 9.30 часот, е примена информација дека во градот Хвар, заливот Крижна Лука, имало загадување со нафта во морето. Припадници на Полициската станица Хвар и Поморската полициска станица, пожарникари, Хрватската крајбрежна стража и припадници на Капетанијата на пристаништата се на местото на настанот. Покрај спроведувањето на постапката за санирање на штетите, ќе се спроведе и постапка за утврдување на сите факти и околности на настанот“, соопшти сплитската полиција.
Свет
Орбан: Пристапувањето на Украина во ЕУ може да ја уништи унгарската економија и да донесе војна

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека Унгарија не може да го поддржи пристапувањето на Украина во Европската Унија бидејќи, како што изјави, „достигнувањата што се постигнати досега мора да бидат заштитени“.
Во интервју за јавното радио Орбан објасни дека проширувањето на Европската Унија во минатото било корисно за постојните членки, како што е Унгарија, но дека приемот на Украина во блокот би бил штетен за Унгарија, објави МТИ.
„Зошто да губиме кога би можеле да имаме корист или барем да го заштитиме она што сме го постигнале“, праша Орбан.
Тој изјави дека слободниот проток на украинска работна сила може да го загрози целосното вработување во Унгарија, што го смета за најголемо достигнување во последните 15 години.
Тој исто така истакна дека членството на Украина во Европската Унија би можело целосно да ги промени финансиските основи на европското земјоделство, што би ги оставило унгарските земјоделци без средства и би ги ставило стотици илјади семејства во многу тешка положба.
Орбан предупреди дека ако Украина стане членка на Европската Унија, во Унијата ќе влезе војната.
„Доколку го одобриме пристапувањето на Украина, во Европската Унија, која беше создадена како сојуз за мир, ќе има војна“, рече Орбан повикувајќи членството на Украина да биде отфрлено.
Тој додаде дека брзото членство на Украина може да ја уништи унгарската економија и дека неговата земја може да банкротира.
Орбан потсети дека граѓаните на Унгарија имаат право да одлучат за датумот на пристапување на Украина, но дека е многу тешко да се поддржи тој процес.
Тој ја критикува и одлуката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која објави дека Украина мора да биде примена во Европската Унија до 2030 година нагласувајќи дека, според него, „процесот не може да се запре кога ќе стигне до последната фаза“.