Свет
Трамп: САД се повлекуваат од нуклеарниот договор, ги враќаме санкциите кон Иран
Американскиот претседател, Доналд Трамп, денеска соопшти дека САД ќе се повлечат од нуклеарниот договор со Иран. Тој додаде дека САД ќе ги вратат санкциите кон таа земја, како што рече, на највисок степен.
„Објавувам дека САД ќе се повлечат од договорот“, рече Трамп на конференцијата во Белата куќа која светот ја очекуваше со денови. Тој исто така изјави дека, покрај Иран, би можеле да бидат санкционирани и други земји.
„Јасно е дека САД не можат да спречат иранска нуклеарна бомба со сегашниот договор“, изјави Трамп.
Според него, доколку се дозволи да остане во сила договорот со Иран, набргу ќе започне трката за нуклеарно оружје на Блискиот Исток. Нуклеарниот договор со Иран, рече американскиот претседател, требаше да ги заштити САД и сојузниците, но му дозволи на Иран да продолжи да го збогатува ураниумот.
Договорот од 2015 година меѓу Иран и водечките светски сили го намали бројот на нуклеарни активности на Техеран и според Обединетите нации го создаде најмоќниот систем за ревизија во светот. Со овој договор Техеран се обврза дека ќе ја суспендира нуклеарната програма во замена за укинување на санкциите.
Повлекувањето на САД од договорот ќе ги промени работите во однос на нуклеарната контрола наметната од ОН, односно нивното следење на нуклеарните активности на Иран. Главната цел на договорот потпишан од САД, Русија, Кина, Германија, Франција и од Велика Британија е да се осигури дека Иран би бил најмалку една година зад собирањето доволно нуклеарен материјал за изработка на бомба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
