Свет
Трамп: Јапонците се разгалени, толку многу им треба ориз, но нема да го земат
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изрази сомнежи за можноста за постигнување трговски договор со Јапонија, еден ден по заканите со повисоки царини за јапонскиот извоз во САД тврдејќи дека земјата одбива да купува американски ориз.
„Склучуваме договори со Јапонија. Не сум сигурен дека ќе склучиме договор, се сомневам“, им рече Трамп на новинарите во авионот. „Тие и другите се толку разгалени откога нè искористуваа 30 или 40 години, што им е навистина тешко да склучат какви било договори сега“.
Како што се приближува 9 јули, кога истекува 90-дневната пауза во реципрочните царини на Трамп, американските трговски партнери, вклучително и Јапонија, се обидуваат да постигнат договори за кои се надеваат дека ќе го задоволат американскиот претседател. Јапонскиот извоз во САД беше погоден од царина од 24 % кога Трамп почна глобална царинска офанзива на 2 април пред да направи тримесечна пауза.
Трамп рече дека нема планови да го продолжи замрзнувањето на царините по 9 јули. „Не размислувам за продолжување“, рече тој кога новинарите го прашаа дали размислува за дополнителен простор за тргување. „Некои земји, дури и нема да може да тргуваат со нас. Но во повеќето случаи, ние ќе го одредиме износот“, додаде тој осврнувајќи се на нивото на царините.
Во понеделникот Трамп првпат се огласи на социјалните мрежи за да ја обвини Јапонија дека не купува американски ориз. Сепак, тоа тврдење не е точно. Според Бирото за попис на САД, Јапонија минатата година увезла ориз во вредност од 298 милиони долари од САД. Од јануари до април оваа година купила ориз во вредност од 114 милиони долари, анализираат медиумите.
Сепак, Трамп го повтори ова тврдење во вторникот. „Им треба толку многу ориз, а нема да го земат“, рече тој. Додаде дека Јапонците не купуваат американски автомобили тврдејќи: „Не им продадовме ниту еден автомобил во последните десет години“.
Според Здружението на увозниците на автомобили во Јапонија, Јапонија минатата година увезла 16.707 американски возила. „Она што ќе го направам е – ќе им напишам писмо со благодарност и ќе им кажам дека знаеме дека не може да го сторат она што го бараме, па затоа ќе платат 30 проценти, 35 проценти или што и да одлучиме“, рече Трамп.
Заменик-главниот секретар на јапонската влада, Казухико Аоки, рече дека преговорите со американската страна продолжуваат. Тој рече дека владата е свесна за тврдењата на Трамп, но одби да ги коментира. „Јапонија ќе продолжи да води сериозни и искрени разговори за да постигне договор што ќе биде во заемен интерес“, рече тој.
Трговските преговори меѓу Јапонија и САД се заглавени првенствено поради царините за автомобили, кои се клучни за јапонската економија. Јапонија се надеваше дека САД ќе ја намалат својата царина од 25 проценти за автомобили, но Трамп остана на својот став. Кон средината на јуни јапонскиот премиер Шигеру Ишиба се сретна со Трамп на маргините на самитот на Г7. Тие се согласија да продолжат со преговорите, но средбата не доведе до никаков конкретен напредок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

