Свет
Три дози од вакцината на „Астра зенека“ ефикасни против омикрон-сојот

Три дози од вакцината на „Астра зенека“ се ефикасни против соевите на омикрон, соопшти денеска фармацевтската компанија повикувајќи се на податоци од лабораториска студија на Универзитетот во Оксфорд.
Студијата, која допрва треба да биде објавена во медицинско списание, покажа дека нивоата на антитела против омикрон, по засилената доза, се значително повисоки отколку кај луѓето што биле подложени на Ковид-19, објави „Ројтерс“.
По три дози од оваа вакцина, нивото на неутрализирачки тела против омикрон-сојот е слично на она што се создава против делта-сојот по две дози, соопшти компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Лавров: Европа го избра патот на војната

Европа го избра патот на војната со Русија, а Москва мора да ги постигне своите цели, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
За време на неговата посета на руската воена база во Душанбе, тој рече дека целите на Русија се поблагородни од европските и дека Европејците го сакаат она што не им припаѓа, додека Москва го сака тоа што е нејзино, пренесе ТАСС.
„Што се однесува до Европа, нашиот Концепт за надворешна политика вели, едноставно кажано, дека Европа го избрала патот на војната против нас. Се разбира, во секој случај ќе мора да живееме меѓу себе, но кога има војна, мора да ги постигнеме нашите цели, кои се многу поблагородни од оние на Европејците. Тие го сакаат она што не им припаѓа, додека ние го сакаме она што е наше“, нагласи Лавров.
Регион
ОБСЕ има план од девет точки за смирување на тензиите во Северно Косово

Косовската канцеларија на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) објави план од девет точки за деескалација на тензиите на северот на Косово и враќање на двете страни на преговарачка маса за нормализирање на односите во услови на намалена доверба во ЕУ, пренесува „Еурактив“.
Планот има за цел постигнување траен мир и стабилност на северот од Косово и враќање на косовските Срби во тамошните демократски институции и процеси.
ОБСЕ прво ги повикува Косово и Србија да ја потврдат својата посветеност на претходните договори направени како дел од тековниот дијалог предводен од ЕУ, вклучително и Охридскиот протокол.
Интересно е инсистирањето на договорите со оглед на тоа дека Косово сè уште не ја формираше Заедницата на српските општини (ЗСО), за која вели дека е неуставна, а Србија продолжува да лобира против признавањето на Косово и неговото членство во меѓународните организации и да се меша во косовските избори.
Второ, Косово треба да ги повлече специјалните полициски сили кои беа присутни во регионот за да го одржуваат редот, а Србија треба да ја намали борбената готовност на вооружените сили, кои беа ставени во готовност пред десет дена.
Трето, на косовската полиција, заедно со силите на КФОР и ЕУЛЕКС, треба да ѝ се овозможи целосно да се грижи за редот и безбедноста на земјата.
Под четврто, ОБСЕ бара да се прекинат протестите за општинските служби да се стават во функција за нормално функционирање на општествениот живот, а во исто време, на вработените треба да им се овозможи пристап до општините.
Во точка пет се вели дека неодамна избраните албански градоначалници треба да поднесат оставки до летово, со што се отвора патот за предвремени општински избори, кои, според точката шест, треба да се одржат годинава.
Во седмата точка се посочува дека ОБСЕ ќе го поддржи изборниот процес преку техничка поддршка на косовските власти кои ќе ги организираат изборите, зајакнувајќи го легитимитетот и довербата меѓу заедниците.
Според точка осум, ОБСЕ ќе ги ангажира младите во програмите и процесите за помирување, а според точка девет, ОБСЕ ќе го поддржи спроведувањето на договорените одредби во рамките на тековниот дијалог.
Ова е првиот формален и јавно достапен акционен план за да се поправи ситуацијата на северот од Косово.
Поранешната министерка за надворешни работи, Мелиза Харадинај неодамна изјави дека ЕУ го изгубила својот кредибилитет и дека САД треба да го преземат водството во тековниот дијалог со Србија.
Харадинај отиде дотаму што сугерираше дека Косово треба да направи стратешка ревизија на своето учество во дијалогот со ЕУ и на тоа како ЕУ го третира Косово во споредба со Србија.
„Косово не треба да биде заложник поради структурните и политичките прашања на ЕУ за да се постигне траен мир и взаемно признавање. Веќе не гледам смисла Косово да учествува во дијалогот предводен од ЕУ, така што ова може да се постигне со посредство на САД бидејќи САД ги признаваат и Косово и Србија како држави и тоа се непристрасни“, истакна таа.
Европа
НАТО: Експлозијата на браната во Украина ја покажува бруталноста на руската војна

Уништувањето на браната Нова Каховка во јужна Украина ја покажува бруталноста на руската војна во Украина, изјави генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Уништувањето на браната Каховка денеска става во опасност илјадници цивили и предизвикува голема штета на животната средина“, напиша Столтенберг во објавата на Твитер.
„Ова е безобразен чин, кој уште еднаш ја покажува бруталноста на руската војна во Украина“.
Висок украински безбедносен функционер рече дека уништувањето на браната е нова фаза на руската агресија.
Олексиј Данилов, секретар на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, рече дека Русија преминала од обидот да ја оправда својата инвазија на Украина со, како што ги нарече пропагандни митови, до отворено објавување на своите вистински цели – „да се уништи Украина, да се убијат Украинците, да се уништи економијата и цивилни „структури за одржување на животот“.
Русија претходно секогаш негираше дека целта и биле цивили. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека руските сили ја разнеле хидроцентралата Каховка одвнатре. „Во 2 часот и 50 минути вечерва руски терористи извршија внатрешна детонација на објектите на ХЕ Каховска. Околу 80 населени места се во зоната на поплавите“, напиша тој на Телеграм.
Уништувањето на браната не претставува директна закана за снабдувањето со електрична енергија на земјата, соопшти украинското Министерство за енергетика.
„Експлозијата не влијаеше директно на состојбата на енергетскиот систем на земјата. Нема закана за стабилноста на снабдувањето со електрична енергија“, се вели во соопштението. Произведената електрична енергија е доволна за потребите на потрошувачите.
Руската државна новинска агенција ТАСС, повикувајќи се на локалните проруски власти, јави дека е прогласена вонредна состојба во областа Новаја Каховка во делот на украинската провинција Херсон, која е под контрола на Русија по пробивањето на браната.