Свет
Тунберг му одговори на Трамп: И ти страдаш од проблеми со агресија
Шведската активистка Грета Тунберг одговори на советот на американскиот претседател Доналд Трамп до неа да „бара помош“ за нејзините проблеми со агресијата, велејќи му дека и тој „страда од нив“.
Трамп ја нарече Тунберг (22), демонстрантка против климатските промени, која неодамна беше уапсена на брод што беше дел од „флотила“ што се обидуваше да ја пробие блокадата на Газа, луда проблематична личност која „треба да добие помош“ за нејзините проблеми со агресијата.
„Мислам дека треба да посети лекар. Таа е млада личност и е толку лута, луда е“, рече Трамп.
Одговор на Грета Тунберг
„Го видов Доналд Трамп повторно како ги изразува своите приватни, ласкави мислења за моето здравје и ја ценам неговата загриженост за моето ментално здравје“, напиша Тунберг на Инстаграм.
„До Трамп: Ги ценам сите препораки што ми ги дадовте за справување со овие таканаречени „проблеми со агресијата“ затоа што се чини дека и вие – со оглед на вашата импресивна историја – страдате од нив.“
Тунберг пристигна во Грција во понеделникот откако беше уапсена од Израел со стотици други активисти, а потоа депортирана поради обид за доставување хуманитарна помош во Газа.
„Сакам да бидам многу јасна. Таму се случува геноцид“, изјави Тунберг пред толпата на аеродромот во Атина.
„Нашите меѓународни системи ги разочаруваат Палестинците. Тие не се во можност да ги спречат дури ни најлошите злосторства“, рече таа.
„Она што се обидовме да го направиме со глобалната флотила беше да интервенираме кога нашите влади не успеаја да ја исполнат својата законска обврска“.
Фото: принтскирн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Се бараат оставки поради трагедијата во Домот за пензионери
Голем број граѓани на Тузла денеска излегоа на улиците на градот и одржаа протест, изразувајќи го своето незадоволство поради трагедиите и скандалите што го погодија Тузланскиот кантон.
Пожарот што избувна во вторникот во Домот за пензионери во Тузла однесе 13 животи, а 12 пациенти сè уште се наоѓаат во болница. Како што беше утврдено, жртвите починале од труење со јаглерод моноксид.
Една седмица претходно, Тузланскиот кантон го потресе случајот со подведување малолетнички, за што се осомничени полициски службеник и еден професор. Нивното подведување траело неколку месеци во текот на минатата и оваа година.
Присутните граѓани од Тузла, но и оние кои допатуваа од други градови на Босна и Херцеговина, денеска побараа оставки од надлежните.
Свет
Три девојки планирале терористички напад во Париз
Девојки на возраст од 18, 19 и 21 година, беа уапсени и обвинети за терористичка завера и планирање напад во Париз, соопштија денеска истражните органи.
Како што е наведено, тие неколку недели планирале насилен терористички напад врз кафуле или концертна сала во Париз, јави РТЛ.
Апсењето и обвинението против трите жени е резултат на истрагата на Националното обвинителство за борба против тероризмот, која беше успешно завршена пред 10-годишнината од смртоносниот терористички напад на 13 ноември 2015 година во Париз.
Свет
Се запали магацин за парфеми во Турција, загинаа шест лица
Најмалку шест лица загинаа, а две се повредени во пожар што утрово избувна во магацин за парфеми во градот Диловаси, во северозападниот дел на Турција.
Според снимките што ги емитуваше турскиот канал НТВ, изгореле два ката од зградата во која се наоѓале магацинот и работилницата за производство на парфеми.
Засега нема информации за тоа што го предизвикало пожарот.

