Контакт

Свет

(Видео) Турција: воен авион се урна на автопатот Измир-Истанбул, пилотот загина

Објавено пред

Турски воен авион Ф-16 се урна рано утрово за време на лет во западната провинција Баликесир, а пилотот загина во несреќата, објави турското Министерство за национална одбрана.

Според соопштението, инцидентот се случил на автопатот Измир-Истанбул, а авионот се урна кратко по полетувањето.

„Во 00:56 часот по локално време, радио-контактот и локацијата на нашиот ловец Ф-16, кој полета од 9-тата воздухопловна база во Баликесир, беа изгубени. Како резултат на веднаш започнатите операции за пребарување и спасување, беше утврдено дека нашиот авион се урна и неговите остатоци беа пронајдени. Нашиот пилот загина“, објави турското Министерство, пренесува Анадолу.

Истрагата за причината за несреќата е во тек, се додава во соопштението, пренесува Танјуг.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа

ЕУ ги менува правилата за патниците во авионскиот сообраќај

Објавено пред

По 13 години преговори, Европската унија постигна договор за промена на правилата со кои се регулираат правата на патниците во воздушниот сообраќај. Новите правила имаат цел да донесат поголема заштита за патниците, поголема транспарентност на цените и појасни услови за багажот.

Европскиот парламент ги усвои ревидираните правила, со кои се задржуваат постојните права на патниците за надомест при големи доцнења и откажани летови.

Остануваат обештетувањата до 600 евра за доцнење и откажување летови

Според новите правила, патниците ќе имаат право на финансиски надомест доколку летот до крајната дестинација доцни повеќе од три часа или ако е откажан помалку од 14 дена пред полетувањето.

Висината на надоместоците останува непроменета:

– 250 евра за летови до 1.500 километри;
– 400 евра за летови во рамки на ЕУ подолги од 1.500 километри и други летови меѓу 1.500 и 3.500 километри;
– 600 евра за сите останати летови.

Авиокомпаниите ќе бидат обврзани електронски да ги информираат патниците за нивните права и можноста за поднесување барање за надомест најдоцна 96 часа по пристигнувањето.

Патниците ќе имаат девет месеци за поднесување барање, а авиокомпаниите ќе мора веднаш да го потврдат приемот и во рок од 30 дена или да исплатат надомест или детално да образложат зошто барањето е одбиено.

Се забранува практиката „no-show“

Со новата регулатива се забранува таканаречената „no-show“ практика, според која авиокомпаниите можеа да му го ускратат повратниот лет на патник кој не го искористил првиот дел од патувањето.

Новите правила предвидуваат и поголема транспарентност при прикажувањето на цените на билетите.

Познати димензии за бесплатна лична торба

За првпат се утврдуваат точни димензии за бесплатниот личен предмет што патникот може да го внесе во авионот – како мала торба, ранец или торба за лаптоп.

Максималните дозволени димензии ќе бидат 40 × 30 × 15 сантиметри.

Авиокомпаниите ќе мора уште при резервацијата јасно да прикажат која цена вклучува рачен багаж, за патниците полесно да ги споредуваат понудите.

И понатаму ќе можат да постојат поевтини тарифи за патници кои патуваат без рачен багаж.

Поголема заштита за деца, трудници и лица со намалена подвижност

Новите правила предвидуваат дополнителна заштита за лицата со инвалидитет и намалена подвижност, децата, трудниците и малолетниците кои патуваат без придружба.

Трудниците, децата под 14 години и семејствата со лица со намалена подвижност ќе имаат право да седат заедно без дополнителна наплата.

„Рајанер“ ги критикува новите правила

Авионската индустрија реагираше негативно на новата регулатива, предупредувајќи дека дополнителните обврски може да доведат до повисоки трошоци за патниците.

Меѓу најгласните критичари е нискобуџетната авиокомпанија „Рајанер“, која новите правила за транспарентност на цените ги нарече „лоша регулатива“.

Од компанијата и од здруженијата на авиопревозници предупредуваат дека обврската рачниот багаж да биде вклучен во јасно прикажаната цена може да ја отежни понудата на најевтини билети.

Експерти: Новите правила ќе ја намалат конфузијата за патниците

Експертите за воздушен сообраќај оценуваат дека Европската унија и досега имала еден од најразвиените системи за заштита на патниците, но дека проблем биле различните правила кај авиокомпаниите и тешкотиите при остварување на правата.

Според нив, најголема промена ќе биде унифицирањето на правилата за рачен багаж и дополнителните трошоци, особено кај патниците кои комбинираат летови со различни авиокомпании.

Новите правила треба да донесат помалку скриени трошоци и поголема сигурност за патниците, иако останува прашањето како авиокомпаниите ќе ги распределат дополнителните трошоци што ќе произлезат од новите обврски.

Прикажи повеќе...

Свет

(Видео) Кина евакуираше над 600.000 луѓе поради тајфунот Бави

Објавено пред

Кина евакуираше повеќе од 600.000 луѓе пред налетот на тајфунот Бави, кој во саботата се приближи кон источниот дел на земјата и кон градот Венџоу, јавија кинеските државни медиуми.

Тајфунот претходно донесе обилни врнежи и силни ветрови во јужниот јапонски островски синџир Сакишима, а помина и покрај северниот дел на Тајван.

Над половина милион евакуирани во провинцијата Џеџијанг

Иако Бави постепено забавува и слабее додека се движи кон северозапад преку постудени морски области, метеоролозите предупредуваат дека сè уште претставува опасност поради огромната количина влага што ја носи во своите дождовни појаси.

Според проценките, облачниот систем на тајфунот зафаќа површина приближно колку Франција.

Се очекува Бави да стигне до копното во раните утрински часови во недела, во близина на Венџоу – град со околу 10 милиони жители.

Од кинеската провинција Џеџијанг, каде што се наоѓа Венџоу, биле евакуирани повеќе од 500.000 луѓе, додека во соседната провинција Фуџијан уште над 100.000 жители биле преместени на побезбедни локации.

Жителите се снабдија со резерви

Жител на Венџоу, 50-годишниот Хуанг Ксингхуан, изјавил дека е загрижен, но верува дека градот ќе го помине невремето без поголеми последици.

„Веќе поминавме низ многу тајфуни. Ќе го надминеме и овој“, рекол тој додека купувал намирници пред затворањето на локалните пазари.

Хуанг додал дека неговото семејство обезбедило вода и резерви за два до три дена, но дека нема потреба од паника и прекумерно складирање храна.

Без жртви во Јапонија и Тајван, 17 загинати на Филипини

Засега нема пријавени смртни случаи во Јапонија и Тајван поради последиците од тајфунот.

Тајванските противпожарни служби соопштија дека 87 лица биле повредени, најчесто поради падови од велосипеди и мотори, лизгање или удари од предмети носени од силниот ветер.

На Филипините, пак, 17 лица загинаа поради последиците од обилните дождови предизвикани од засилениот југозападен монсун, кој бил дополнително влошен под влијание на Бави.

Властите во погодените региони продолжуваат со следење на состојбата, а жителите се предупредени да избегнуваат движење во најризичните периоди додека трае невремето.

Прикажи повеќе...

Свет

(Видео) Украина тврди дека погодила најмалку 21 руски танкер во Азовското Море

Објавено пред

Украинските одбранбени сили соопштија дека во ноќта меѓу 10 и 11 јули извршиле напад врз руски пловила во Азовското Море, при што бил погоден 21 руски танкер што, според Киев, се користел за транспорт на нафта и нафтени деривати.

Според Генералштабот на вооружените сили на Украина, танкерите биле дел од логистичката мрежа преку која Русија ги заобиколува меѓународните санкции и обезбедува приходи за финансирање на воените операции во Украина.

Погодени и други бродови

Украинската војска соопшти дека во нападот биле погодени и четири влечни бродови, два товарни брода за сув товар и еден багер-јаружар.

Според украинските власти, овие пловила се користеле за воена логистика, транспорт на товар и одржување на пристанишната инфраструктура.

Засега не се познати последиците од нападот, ниту степенот на оштетување на пловилата.

Украински командант тврди дека бројката е поголема

Командантот на украинските сили за беспилотни системи, Роберт „Маѓар“ Бровди, подоцна изјави дека во нападот биле погодени вкупно 28 руски пловила.

Претходно, аналитичарите од ОСИНТ-групата CyberBoroshno објавија анализа во која наведуваат дека во нападите врз руската нафтена инфраструктура биле погодени пловила од таканаречената „флота во сенка“, како и пристаништа и една рафинерија за нафта.

Русија ја запре пловидбата низ каналот Дон–Азов

По украинските напади, Русија ја прекинала пловидбата низ каналот Дон–Азов, кој ја поврзува реката Дон со Азовското Море.

Според украинските извори, руските власти привремено ја суспендирале и обработката на барањата за премин низ Керчкиот Теснец, кој ги поврзува Азовското и Црното Море.

Независна потврда за бројот на погодените пловила и за обемот на штетата засега нема.

Прикажи повеќе...

Најново

Европа10 минути

ЕУ ги менува правилата за патниците во авионскиот сообраќај

По 13 години преговори, Европската унија постигна договор за промена на правилата со кои се регулираат правата на патниците во...

Македонија15 минути

(Фото) Пожар на тешко достапен терен кај Валандово, општината се сомнева на намерно подметнување

Пожар денеска во 12:37 часот е пријавен на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово. Веднаш по...

Црна хроника35 минути

МВР: Лишени од слобода 15 возачи за „безобѕирно управување возило“, 10 возеле без положен возачки испит

Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 15 возачи поради „безобѕирно управување...

Македонија2 часа

(Видео) Штерјова: Во Чаир законите не важат, со амин на ВМРО, ВЛЕН без Бадентер менува имиња на улици

Советничката од редовите на СДСМ во Советот на Град Скопје, Кети Штерјова, денеска ја обвини владејачката коалиција дека во Општина...

Свет2 часа

(Видео) Кина евакуираше над 600.000 луѓе поради тајфунот Бави

Кина евакуираше повеќе од 600.000 луѓе пред налетот на тајфунот Бави, кој во саботата се приближи кон источниот дел на...

Македонија2 часа

Николоски: Градиме бројни капитални проекти во Охрид

Многу капитални проекти во Охрид – објави на својот фејсбук профил, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар...

Македонија2 часа

(Видео) Мицкоски повикува на договор за Изборниот законик, Филипче: Нема да дозволиме „изборен грабеж“

Премиерот Христијан Мицкоски и претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и денеска излегоа со спротивставени ставови околу измените на Изборниот законик,...

Наука2 часа

Научниците открија нов вид диносаурус во Тајланд: имaл врат долг 20 метри и живеел пред 150 милиони години

Палеонтолози од Тајланд тврдат дека откриле нов вид диносаурус по анализата на фосили пронајдени во провинцијата Каласин, во североисточниот дел...

Свет3 часа

(Видео) Украина тврди дека погодила најмалку 21 руски танкер во Азовското Море

Украинските одбранбени сили соопштија дека во ноќта меѓу 10 и 11 јули извршиле напад врз руски пловила во Азовското Море,...