Свет
Уапсени тинејџери кои планирале вооружен напад врз училиште во Русија

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) уапсила двајца 14-годишни тинејџери кои планирале вооружен напад врз училиште во Саратов, изјави за ТАСС прес-службата на ФСБ.
„Осуетениот напад беше организиран од двајца руски државјани родени во 2005 година, кои учествувале во разни интернет-групи кои промовираат масовни убиства и самоубиства. Тинејџерите беа откриени во напуштена скривница во која чувале скратена сачмарка“, информираат од прес-службата.
Покрај тоа, според ФСБ, тинејџерите планирале да користат импровизирани поттикнувачи на пожари што ги направиле со упатства преку интернет. Еден од притворените тинејџери сакал да убие околу 40 лица како одмазда, изјавил неговиот соучесник.
Рускиот истражен комитет во регионот Саратов отвори кривична истрага според членовите 30.1 и 105.2 од рускиот Кривичен законик (заговор за убиство на две или повеќе лица).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Граѓаните на Турција бесни на властите: „Тука нема ниту еден човек, никој не помага“

Во Турција граѓаните се сè полути поради, како што велат, бавната и неадекватна реакција на владата на разорниот земјотрес, во кој досега загинаа повеќе од 8.000 луѓе. Спасувачите ги пребаруваа урнатините во текот на ноќта, а беа попречени од студот, уништените патишта и лошата инфраструктура.
На снимките од воздух се гледа како тие ги пребаруваат урнатините на куќите во селото Салќин во провинцијата Идлиб, барајќи жртви и преживеани. Турскиот претседател Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во 10 провинции. Но, некои жители на градовите погодени од земјотресот изразија гнев и очај поради бавниот одговор на властите на најсмртоносниот земјотрес што ја погоди Турција во последните децении.
„Овде нема ниту еден човек, никој не помага. Снег врне, бездомници сме, без ништо. Што да правам, каде да одам“, изјави за „Ројтерс“ Мурат Алинак, чиј дом се урна во Малатја.
Жителите на градот Газиантеп наведуваат дека 12 часа по земјотресот не пристигнала ниту една спасувачка екипа и дека морале сами да ги пребаруваат урнатините. Кога спасувачите конечно дошле во понеделникот вечерта, работеле само неколку часа, а потоа паднала ноќта, пишува „Гардијан“.
Многу Турци го изразија својот гнев на интернет поради, како што рекоа, невнимателниот одговор на итната состојба во најјужната провинција Хатај, при што многумина се жалат дека спасувачите не успеале да стигнат до областа. Во Хатај, земјотресот срамни со земја неколку владини згради, вклучително и локалниот огранок на турската агенција за помош при катастрофи, АФАД.
Свет
„Срамота“, францускиот Шарли Ебдо предизвика бес откако се потсмеваше со земјотресот во Турција

Францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо предизвика бес со карикатурата што ја објави за Турција по двата разорни земјотреси во кои загинаа илјадници луѓе, а десетици илјади беа повредени.
Карикатурата објавена на Твитер како „илустрација на денот“ прикажува срушени и оштетени згради, превртен автомобил и планина од урнатини.
Во горниот десен агол на карикатурата е напишано „Земјотрес во Турција“, а на дното „Нема потреба да се испраќаат тенкови“.
✏️Le dessin du jour, par #Juin pic.twitter.com/kPcEqZDocO
— Charlie Hebdo (@Charlie_Hebdo_) February 6, 2023
Корисниците на Интернет реагираа на оваа објава изразувајќи ја својата фрустрација и гнев.
Парискиот институт Босфор, кој работи на зајакнување на пријателството меѓу Франција и Турција, ја осуди карикатурата како „срамна, патетична и жална“.
„ Оваа карикатура не е ништо друго освен срам – изјави Франсоа Бургат, политиколог од францускиот Национален центар за научни истражувања.
Регион
Над 7200 загинати во Турција и Сирија, бројот постојано расте

Бројот на загинати во двата разорни земјотреси што вчера ги погодија јужна Турција и северозападна Сирија се искачи на повеќе од 7.200, а десетици илјади луѓе се повредени. Земјотресите оставија илјадници луѓе без покрив над главата, додека цели станбени блокови беа срамнети со земја.
Огромната спасувачка операција се уште трае. Студеното време ги попречува спасувачите во потрагата по преживеани. Во текот на утрото Турција беше погодена од два нови силни земјотреси – првиот беше со јачина од 5,6 степени според Рихтеровата скала, а вториот, кој се случи околу 08:50 часот, беше со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала.
Првиот земјотрес со јачина од 7,8 степени според Рихтеровата скала се случи ноќе на студено време во провинцијата Кахраманмарас на југоисток, на околу 60 километри воздушна линија од сириската граница. Следеа десетици послаби земјотреси, а попладнето исто така на југоистокот на Турција се случи уште еден со јачина од 7,5 степени.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган прогласи вонредна состојба во 10 погодени провинции. Ќе трае три месеци.