Европа
Уапсен холандски политичар под сомнение дека планирал атентат врз премиерот
Лидерот на партијата за хашко единство, Арнод ван Дорн е уапсен под сомнение дека бил вмешан во организација на атентат врз холандскиот премиер Марк Руте, соопшти денеска безбедносната служба на премиерот.
Ван Дорн е ослободен по полициско сослушување, пренесе Би-би-си.
Во соопштението се наведува дека политичарот бил сомнителен бидејќи се наоѓал во истиот дел од градот каде што бил и премиерот.
Адвокатот на Ван Дорн, Анис Буманџал, за Би-би-си изјавил дека неговиот клиент не може да биде уапсен, бидејќи не постои основано сомнение дека е виновен.
„Полицијата не беше разумна во начинот на кој постапуваше по случајот. Беше многу драматично, го држеа 30 часа“, рече Буманџал.
Холандските медиуми вчера објавија дека премиерот Руте добил дополнително обезбедување поради шпекулации дека може да биде цел на напад или киднапирање.
Руте наводно бил следен од луѓе поврзани со криминална група која се занимава со трговија со дрога, објави претходно „Де Телеграф“.
Новинарот на тој весник, Мик ван Вели, за телевизијата НОС рече дека случајот се разгедува многу сериозно.
Телевизијата НОС го потврди извештајот, но холандските безбедносни служби и премиерот одбија да го коментираат.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Започнаа големи руски нуклеарни вежби: Лансирани балистички и крстосувачки ракети
Русија денеска започна тридневни нуклеарни вежби, вклучувајќи лансирање балистички и крстосувачки ракети, соопшти Министерството за одбрана. Белорусија, исто така, учествува во вежбите, што ги опфаќаат и подморниците, воздухопловните сили и копнените сили, објави Ројтерс.
Опсег и цел на вежбите
Во вежбите учествуваат 64.000 војници и 7.800 парчиња воена опрема, а целта е да се вежба „подготовка и употреба на нуклеарни сили во случај на агресија“, се вели во соопштението на министерството.
Вклучени воени сили
Министерството соопшти дека во вежбите учествуваат ракетните сили на Русија, Северната и Пацифичката флота, авијацијата со долг дострел и единици од Ленинградскиот и Централниот воен округ. Вклучени се повеќе од 200 ракетни лансери, 140 авиони, 73 воени бродови и 13 подморници, од кои осум се стратешки нуклеарни подморници.
Вклучена е и Белорусија
Вежбите ќе вклучуваат и обука за употреба на руско тактичко нуклеарно оружје распоредено во Белорусија, додаде министерството.
Европа
Пукање во јужна Шпанија: Двајца мртви, четворица повредени
Најмалку две лица се убиени, а четворица се повредени во пукање во јужниот шпански град Ел Ехидо во текот на ноќта, соопшти полицијата во вторник, додавајќи дека е уапсен еден осомничен.
Двете лица кои загинаа се роднини на осомничениот за пукањето, изјави портпарол на полицијата на Цивилната гарда, без да даде дополнителни детали.
Двајца од повредените се под 18 години, објави весникот „Ел Паис“.
Европа
(Фото/Видео) Масовен руски напад врз Украина: Лансирани повеќе од 500 дронови и десетици ракети
Русија ноќеска започна еден од најголемите напади во последните денови, насочен кон осум украински региони со десетици ракети и повеќе од 500 дронови. Според локалните власти, повеќе од дваесетина цивили, вклучувајќи три деца, биле ранети во нападите, објавува „Еуроњуз“.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека властите регистрирале најмалку 524 дронови „Шахед“ од иранско производство и речиси дваесетина балистички и крстосувачки ракети истрелани од Русија преку ноќ од понеделник до вторник. Според официјални лица, градот Днепар и околниот централен регион на Украина биле најтешко погодени.
Ескалација по краткото примирје
Нападот следува по неодамнешната серија напади со долг дострел кои се интензивираа по примирјето од 9 до 11 мај. Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во тоа време дека побарал од Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин да го почитуваат примирјето со надеж дека тоа може да доведе до долгорочен мир, но тоа имаше мал ефект.
И покрај американските дипломатски напори, нема индикации дека е на повидок мировен договор. Руските напади низ Украина во последните денови, главно насочени кон станбени области, убија десетици луѓе. Меѓу нив, според украинските власти, 24 лица загинале во станбена зграда во Киев.
Од друга страна, во еден од најголемите украински контранапади во последните денови, најмалку четири лица беа убиени во Русија, од кои три во близина на Москва, а десетина беа ранети, објавија руските власти во неделата.
