Европа
Украина за заробениците осудени на смрт: Тие се наши војници, пресудата е безвредна

Од украинското Министерство за надворешни работи пристигна реакција на денешната пресуда за смртна казна изречена од страна на меѓународно непризнатиот суд на самопрогласената Донецка Народна Република (ДНР), за двајца Британци и еден Мароканец кои во април беа заробени од руските сили во Мариупол.
Украинското Министерство наведува дека сите тројца се активни припадници на вооружените сили на Украина и треба да ги имаат сите права што им припаѓаат на воените заробеници.
„Според меѓународното хуманитарно право, тие имаат правен статус на воени затвореници“, изјави Олех Николенко, портпарол на украинското министерство.
„На непријателот му е забрането да ги злоупотребува, заплашува и нехумано да постапува со нив“, додаде тој.
„Таканареченото ‘судење’ на нашите војници на окупираната територија на Украина е безвредно“, рече Николенко, додавајќи дека судењето ги става интересите на пропагандата над законот и моралот.
„Украинската влада ќе продолжи да прави сè што е можно за да ги ослободи сите украински бранители“, истакна тој.
Ваквите реакции од украинските власти следуваат откако претходно беше објавено дека еден од осудените Британци е Ејден Ајслин (28), родум од Њуарк. Според објавените информации, тој наводно се преселил во Миколаев во Украина во 2018 година. Истата година, станал маринец во украинската армија и се оженил со Украинка.
Вториот осуден Британец е Шон Пинер, кој има 48 години и доаѓа од Бедфоршир. Неговото семејство вели дека тој бил истакнат член на британската армија пред да се пресели во Украина во 2018 година, каде што го искористил своето претходно искуство за обука на украинските војници.
„Шон ужива во украинскиот начин на живот и ја сметa Украина за свој втор дом во последните четири години. Во тој период запозна Украинка со која се ожени, а која е фокусирана на хуманитарна работа во својата земја”, изјавија од неговото семејство.
Руската новинска агенција РИА Новости, пак, јавува дека досега не е извршена ниту една смртна казна изречена од судот во т.н. ДНР, повикувајќи се на извори од судот на таа самопрогласена парадржава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Путин: Мојата внука течно зборува кинески

Рускиот претседател Владимир Путин рече дека неговата внука течно зборува кинески бидејќи нејзината дадилка е од Пекинг. Путин се обидуваше да ги нагласи блиските врски меѓу Москва и Пекинг.
„Споменав дека некои од моите блиски роднини учат кинески, мислев на мојата внука, чија дадилка е од Пекинг. Таа течно зборува кинески со неа“, рече Путин за време на состанокот со странски новинари во Санкт Петербург.
„Русите покажуваат зголемен интерес за учење кинески јазик како што се продлабочуваат економските врски меѓу двете земји. Годишната трговија достигнува 240 милијарди долари“, истакна тој.
Забелешката на Путин понуди редок поглед во личниот живот на рускиот претседател и ги илустрираше блиските врски меѓу двете земји.
Кина не се придружи на меѓународните санкции што ја погодија Русија по нејзината инвазија на Украина во 2022 година, туку се позиционираше како клучен трговски партнер.
Европа
Зеленски назначи нов командант на копнените сили

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денес го назначи Генадиј Шаповалов за нов командант на Копнените сили, откако неговиот претходник поднесе оставка поради рускиот напад на полигон за обука.
Шаповалов, чие назначување беше објавено со претседателски декрет, претходно беше офицер за врска во координативниот центар на НАТО во Германија.
Претходно ги водеше силите на Оперативната команда „Југ“.
Шаповалов го заменува Михаило Драпатиј на функцијата врховен командант на Копнените сили, кој поднесе оставка овој месец поради смртоносен напад на полигон за обука во југоисточна Украина.
Зеленски го премести Драпатиј на функцијата командант на здружените сили како дел од воената реконструкција.
Европа
Шпанскиот премиер му пиша на шефот на НАТО: не сака да троши 5 проценти од БДП за одбрана

Шпанскиот премиер Педро Санчез побара од НАТО да го исклучи од својата цел за зголемување на трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП, според писмото испратено до генералниот секретар на алијансата, Марк Руте, во кое Ројтерс имал увид.
Санчез побара „пофлексибилна формула“ што или ќе го направи постигнувањето на целта доброволно или ќе ја ослободи Шпанија од неа.
„Посветувањето на целта од 5 проценти не само што би било неразумно, туку и контрапродуктивно, бидејќи дополнително би ја оддалечило Шпанија од оптимално трошење и би ги нарушило сегашните напори на Европската унија за зајакнување на нејзината безбедност и одбрана“, напиша Санчез во писмото.
Тој додаде дека новата цел, предложена од САД, е „некомпатибилна со шпанската држава на благосостојба и шпанскиот поглед на светот“. „Мадрид проценува дека ќе треба да потроши 2,1 процент од својот БДП за да ги задоволи воените потреби на Шпанија“, рече Санчез.