Свет
Украина контролира 74 населени места на руска територија, рече Зеленски
Претседателот на Украина Володимир Зеленски денеска изјави дека неговата земја контролира 74 населени места на руска територија, каде што украинските сили минатата недела започнаа изненадувачка офанзива која принуди десетици илјади цивили да побегнат.
„И покрај тешките и интензивни борби, напредокот на нашите сили во областа Курск продолжува. Има 74 населени места под контрола на Украина,“ информираше Зеленски преку апликацијата „Телеграм.“
Зеленски додаде дека украинските сили напреднале за 1-3 километри во последните 24 часа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) Жена чекаше помош над поплавена зграда во Полска, пожарникарите ја спасија
Јужна Полска се соочува со големи поплави, при што многу жители чекаат до последен момент да ги напуштат своите домови, ризикувајќи го своето здравје и живот.
Пожарникарите деноноќно се на терен и им помагаат на жителите да се борат со водениот бран. Еден од драматичните моменти е снимен во Клоџко, Полска, каде што пожарникарите спасиле постара жена качувајќи се на покривот на поплавената зграда.
Имено, како што пренесуваат полските медиуми, на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како пожарникарите спасуваат лице од зграда чиј влез е целосно поплавен.
Во Клоџко ситуацијата е особено тешка бидејќи нивото на реката достигна 796 см, надминувајќи го рекордот од 1997 година. Ваквиот висок водостој претставува огромна закана и за жителите и за градската инфраструктура. Во некои делови од градот водата веќе стигнува до првиот кат од зградите.
Жителите на поплавените градови се соочуваат со сериозни последици, меѓу кои и губење на вода и можен прекин на снабдувањето со гас. Во некои градови веќе е најавена евакуација.
Свет
Бројот на жртвите од поплавите во Централна и Источна Европа се зголеми на 15
Бројот на жртвите од поплавите во Централна и Источна Европа што ги донесе циклонот Борис се искачи на 15, а тоа е најлошата поплава во последните две децении на подрачјето од Австрија до Романија.
Во Чешка повеќе од 12.000 луѓе се евакуирани, а четвртина од домаќинствата останале без електрична енергија, јавува „Ројтерс“.
Поплавите од минатиот викенд во Романија однесоа шест животи, а во Австрија загинаа еден пожарникар и двајца мажи на возраст од 70 и 80 години.
Свет
Германија воведува гранични контроли поради преоптоварен систем за прифаќање баратели на азил
Поради преоптовареност на системот за прифаќање баратели на азил, Германија од денеска воведува контроли на сите државни граници, кои ќе траат најмалку шест месеци.
Новата регулатива се однесува на премините кон Данска, Холандија, Белгија, Луксембург и Франција, пренесува „Дојче веле“.
Германската федерална полиција од денеска најмалку шест месеци нема да ги контролира патниците само на источната и јужната копнена, туку и на северната и западната граница.