Свет
Украина, Русија и САД се отворени за преговори во Ватикан

Украина, Русија и Соединетите Американски Држави сигнализираа дека се подготвени за преговори во Ватикан, додека новоизбраниот папа Лав XIV предложи Ватикан да биде домаќин на новите дипломатски напори.
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа, за време на обраќањето пред новинарите во Овалната соба, изјави дека преговорите во Ватикан би биле одлична работа и дека таквата локација дополнително ќе ја нагласи важноста на процесот.
И Кремљ го поздрави предлогот на Ватикан, но конечната одлука за локацијата се уште не е донесена, изјави портпаролот Дмитриј Песков.
„Тоа е само една од опциите за можни идни контакти“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Саудиска Арабија егзекутираше новинар

Саудиска Арабија егзекутираше новинар во саботата откако највисокиот суд во земјата ја потврди смртната казна, соопшти државната новинска агенција.
Истакнатиот саудиски новинар Турки Ал-Џасер беше уапсен во 2018 година. Тој беше прогласен за виновен за тероризам и предавство. Активистичките групи велат дека обвиненијата против него се лажни. Властите извршија рација во домот на Ал-Џасер во 2018 година, го уапсија и му го запленија компјутерот и мобилните телефони.
Не е јасно каде се одржало судењето ниту колку долго траело. Според Комитетот за заштита на новинарите со седиште во Њујорк, саудиските власти тврдат дека Ал-Џасер стоел зад профил на социјалните мрежи на кој се изнесувале обвинувања за корупција против членови на саудиското кралско семејство. Се вели дека Ал-Џасер објавил и неколку контроверзни твитови за милитанти и милитантни групи.
Ал-Џасер водел личен блог од 2013 до 2015 година и бил познат по своите статии за Арапската пролет, женските права и корупцијата.
Директорот на програмата на Комитетот за заштита на новинарите, Карлос Мартинез де ла Серна, го осуди погубувањето и предупреди дека недостатокот на одговорност по убиството на колумнистот на „Вашингтон пост“, Џамал Кашоги, во саудискиот конзулат во Истанбул во 2018 година, му дозволува на кралството да продолжи да ги прогонува новинарите.
„Неуспехот на меѓународната заедница да обезбеди правда за Џамал Кашоги не е само предавство на еден новинар“, забележа тој, додавајќи дека тоа „го охрабрило де факто владетелот, престолонаследникот Мохамед бин Салман, да продолжи да ги прогонува новинарите“.
Свет
Поранешен израелски дипломат: Трамп може да му се јави на Нетанјаху и да му каже – доста е

Алон Пинкас, поранешен израелски дипломат и советник на двајца премиери, изјави дека американскиот претседател Доналд Трамп има моќ да го прекине конфликтот меѓу Израел и Иран.
Во разговор за Би-би-си, Пинкас рече дека Трамп може да му понуди на Иран излез од кризата, а воедно да го зачува политичкото достоинство, но дека Техеран во моментов е во послаба преговарачка позиција и затоа има поттик да ги продолжи нападите и да предизвика дополнителна штета на Израел.
„Од друга страна, Трамп може едноставно да му се јави на Нетанјаху и да му каже: Доста е – имате 24 часа да го прекинете ова“, додаде Пинкас. „Дали ќе направи нешто од тоа? Не знам.“
Свет
Клучното прашање е каде Иран скрил 400 килограми збогатен ураниум, вели експерт

По израелските воздушни напади врз иранските нуклеарни постројки, поранешниот заменик-генерален директор на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Оли Хејнонен, изјави дека Израел веројатно предизвикал сериозна штета на нуклеарната програма на Иран.
Во интервју за Би-би-си Радио 4, Хејнонен рече дека на постројката во Натанц „ќе и требаат најмалку неколку години за да се опорави“, додавајќи дека постројката во Фордо е исто така „во многу лоша состојба по овие напади“.
Сепак, Хајнонен предупреди дека клучното прашање останува каде Иран ги чува своите залихи на високо збогатен ураниум. Според него, Иран поседува повеќе од 400 килограми високо збогатен ураниум, а ако постои тајна локација каде што збогатувањето до нивоа на оружје продолжува без надзор на МААЕ, ова претставува сериозен проблем.
Израелските напади започнаа минатиот петок и беа насочени кон клучни ирански нуклеарни објекти, вклучувајќи ги Натанц и Исфахан, како и воени бази и командни центри. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека целта на операцијата е да се спречи Иран да развива нуклеарно оружје, наведувајќи дека Иран веќе поседува доволно збогатен ураниум за да направи неколку нуклеарни бомби. Нетанјаху, исто така, нагласи дека операцијата е насочена кон иранскиот режим, а не кон иранскиот народ.
Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) претходно објави дека Иран ги прекршил своите обврски според Договорот за неширење на нуклеарно оружје, што дополнително ги зголеми меѓународните загрижености за нуклеарните амбиции на Иран.