Европа
Украинското Обвинителство: Евидентирани неколку илјади злосторства

Канцеларијата на државниот обвинител на Украина ги објави досега собраните податоци за извршените воени и други злосторства во Украина од почетокот на руската агресија врз оваа земја. Според овие податоци, евидентирани се неколку илјади злосторства, поделени во неколку групи: злосторства на агресија и воени злосторства, злосторства против националната безбедност, главен случај на агресија на Руската Федерација и злосторства против деца.
Кога станува збор за злосторствата на агресија и воените злосторства, обвинителите тврдат дека евидентирале 6.673 случаи поврзани со прекршување на законите и правилата за војна, планирање или почнување и водење агресивна војна, воена пропаганда и други злосторства.
Обвинителите забележаа 3.040 злосторства против националната безбедност поврзани со повреда на територијалниот интегритет и неделивост на Украина, предавство, саботажа и друго.
Во врска со главниот случај на агресијата на Руската Федерација против Украина, обвинителите идентификуваа 575 осомничени, меѓу кои министри, членови на парламентот, воени команданти, функционери, шефови на агенции за спроведување на законот, поттикнувачи на војна и пропагандисти на Кремљ.
Последната точка што украинските обвинители ја наведуваат како инкриминирачки се злосторствата врз децата. Досега собраните податоци покажуваат дека загинале 198 деца, а 355 се повредени.
Треба да се напомене дека покрај локални обвинители, има и меѓународни експерти, советници од повеќе земји и главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан, кој веќе поведе истрага за воените злосторства извршени во Украина, пренесува N1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Северна Кореја петти ден по ред има над 200.000 новозаразени со Ковид-19

Северна Кореја петти ден по ред објави дека има повеќе од 200.000 новозаразени кои страдаат од треска предизвикана од Ковид-19, со што бројот на вакви случаи надмина повеќе од два милиона, јави денеска јужнокорејската новинска агенција „Јонхап“, цитирајќи ја севернокорејската државна телевизија.
Актуелниот бран на инфекции со Ковид-19 во Северна Кореја, прогласен минатата недела, предизвика загриженост поради недостатокот на вакцини, несоодветната медицинска инфраструктура и потенцијалната криза со храна во оваа 25-милионска земја, која одбива странска помош, држејќи ги границите затворени.
Вчеравечер имало 219.030 нови лица со знаци на треска, со што вкупниот број на такви случаи достигна 2.460.640, соопшти Корејската централна телевизија (КЦТВ), цитирајќи податоци од државната администрација за борба против епидемии. Бројот на смртни случаи достигна 66.
Со оглед на фактот дека во Северна Кореја нема национална кампања за вакцинација, додека капацитетот за тестирање е ограничен, експертите проценуваат дека бројките објавени од државните медиуми веројатно се помали од реалната ситуација, односно дека е тешко да се процени обемот на овој пандемиски бран.
Европа
(Видео) Торнадо во Германија, над 50 лица се повредени

Најмалку 50 лица, од кои 10 потешко, се повредени во торнадо што мина низ неколку места во западна Германија. Според досега познатите информации, загинале најмалку 3 лица.
Најмногу повредени има во градот Падерборн, кој се наоѓа меѓу Франкфурт и Хамбург. Поради последиците од невремето во тој регион бил прекинат железничкиот и патниот сообраќај.
Во Липштад торнадото предизвикало голема материјална штета корнејќи дрвја, а ветрот го разнел покривот од локалната црква, пренесува „Билд“.
„Во невремето се повредени околу 50 лица, од кои најмалку 10 се тешко повредени“, се вели во соопштението на градската полиција.
„Покривите на некои објекти се откорнати и разнесени на километри подалеку или оштетени. Врз уништените автомобили и натаму лежат многу откорнати дрвја“, соопшти полицијата.
Властите ги повикаа граѓаните да останат во своите домови.
Европа
Русија престана да испорачува гас во Финска

Русија ја извести Финска дека ќе го запре протокот на природен гас во земјата од утрово, соопшти финската веледрогерија Гасум, која е во државна сопственост.
Компанијата одби да му плати гас на руски Гаспром во рубли, како што Москва претходно побара од европските земји.
„Навистина е жално што испораките на природен гас ќе бидат прекинати сега и покрај нашиот договор за снабдување“, рече извршниот директор на Гасум, Мика Вилјанен.
„Сепак, внимателно се подготвивме за оваа ситуација и под услов да нема прекини во гасоводната мрежа, ќе можеме да ги снабдуваме со гас сите наши корисници во наредните месеци“, рече тој.
Најголем дел од гасот што се користи во Финска доаѓа од Русија, но гасот сочинува само околу 5 отсто од годишната потрошувачка на енергија.