Свет
Украинците ја слават Меланија Трамп: „Агент Трампенко“

Oткако американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека го менува својот став кон Русија, Украинците ги преплавија социјалните медиуми со мемиња и пораки за поддршка – не за него, туку за неговата сопруга, Меланија Трамп. Многумина веруваат дека токму поранешната манекенка од Словенија е одговорна за ненадејната промена на реториката на Трамп кон Москва, пишува „Индекс“.
Зборувајќи во Белата куќа на состанокот со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, Трамп раскажа како неговата сопруга му ги отворила очите на рускиот претседател Владимир Путин.
„Разговорите со Путин секогаш се многу пријатни. Велам: Не беше ли тоа прекрасен разговор? А потоа таа вечер – ракети“, рече Трамп. „Се враќам дома и ѝ велам на првата дама: Денес разговарав со Владимир. Имавме прекрасен разговор. И таа вели: Навистина? Уште еден град е погоден.“
Trump: "I go home and tell the first Lady, I spoke to Vladimir (Putin) today and we had a wonderful conversation. She said: "Oh really? Another city was just hit…" pic.twitter.com/DXXwF8Vgm5
— 🪖MilitaryNewsUA🇺🇦 (@front_ukrainian) July 14, 2025
Меланија Трамп е родена во Словенија и пораснала во поранешна Југославија, а јавноста постојано ја перцепирала како посклона кон Украина отколку кон американскиот претседател. Веќе во 2022 година, по руската инвазија на Украина, таа ги повика своите следбеници на социјалните мрежи да донираат на Црвениот крст, велејќи дека е „скршена од срцето и ужасната од страдањето на невините луѓе“.
Во февруари оваа година, Трамп го нарече украинскиот претседател Володимир Зеленски диктатор, а до оваа недела се двоумеше да даде конкретна поддршка на Украина.
По изјавата на Трамп во Овалната соба, на социјалните мрежи се појавија стотици фотографии што ја слават Меланија. Најпопуларната ја прикажува како „агент Меланија Трампенко“, со лицето полу во сенка и големата шапка што ја носеше на инаугурацијата.
Списанието „Бизнис ин Украина“ наведува дека „има многу љубов кон Меланија Трамп на социјалните мрежи“, по објавувањето на новата испорака на американскиот противвоздушен одбранбен систем „Патриот“ во Украина. Тие исто така објавија илустрација на насловната страница на кој се прикажани три цртани ликови со воени капи, кои ѝ подаваат на Меланија капа со украинско знаме – знак дека таа станала „Украинка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
САД и ЕУ имаат 18 месеци да се подготват за можен вооружен конфликт со Кина и Русија, кажа командант на НАТО

Врховниот командант на НАТО во Европа, генерал Алексус Гринкевич, процени дека САД и Европската Унија имаат година и пол да се подготват за потенцијален глобален вооружен конфликт со Кина и Русија.
Тој додаде дека верува оти Пекинг и Москва би можеле да нападнат истовремено и координирано, пренесува „Билд“.
– Она што кинескиот лидер Си Џинпинг веројатно ќе го направи пред да одлучи да преземе воена акција против Тајван е да му се јави на својот пријател Путин и да го замоли за помош. Тоа за мене значи дека обете работи би можеле да се случат истовремено – рече Гринкевич за време на конференцијата за одбрана во Висбаден, Германија, каде што се наоѓа Командата на НАТО за безбедносна помош и обука на вооружените сили на Украина.
Тој додаде дека 2027 година би можела да биде „потенцијална кризна година“.
– Ќе ни треба секое оружје, опрема и муниција што можеме да ја набавиме за да бидеме подготвени – нагласи командантот на НАТО.
Според германскиот весник, во владините кругови во Берлин расте стравот дека Русија наскоро би можела да нападне една од помалите земји-членки на НАТО, бидејќи се очекува земјите од Алијансата да постигнат сериозни одбранбени способности дури во 2029 година.
Според „Билд“, некои министри во владата на Фридрих Мерц очекуваат дека руска воена провокација би можела да се случи во 2027 година.
Свет
Авион принудно слетал во САД поради обид на патник да ја отвори вратата

Авион на линијата Омаха-Детроит во САД мораше да изврши итно слетување во Ајова поради патник кој се обидел да ја отвори вратата за време на летот.
Откако полицијата го уапсила, кај него пронашла 41 таблета од лекот „Ксанакс“.
Инцидентот се случил во среда навечер по локално време, за време на летот на авионот на „Скај Вест ерлајнс“, кој извршил итно слетување во Сидар Рапидс, во државата Ајова, објави Си-Ен-Ен.
Патникот кој се обидел да ја отвори вратата претходно се скарал со стјуардесата, според пилотот.
Авионот слета безбедно, а на видео објавено на социјалните мрежи може да се види како полицијата го вади патникот со лисици од авионот.
Свет
18 загинати и 40 исчезнати откако туристички брод се преврте во Виетнам

Најмалку 18 лица загинаа, а околу 40 се водат како исчезнати откако туристички брод се преврте во заливот Ха Лонг во Виетнам, објавија денес локалните медиуми.
Бродот, кој превезувал повеќе од 50 патници, се превртел поради ненадеен силен дожд што го погодил за време на посетите на местата на светското наследство на УНЕСКО, објави порталот „Ден Три“.
Граничните полицајци спасија 12 лица и пронајдоа 18 тела“, објавува порталот „ВНекспрес“.
Покраинските власти објавија дека ги пронашле телата на тројца виетнамски државјани и спасиле десет лица, како и дека потрагата по исчезнатите сè уште е во тек.
Околу 30 бродови потонаа во заливот Ха Лонг минатата година откако беа погодени од тајфунот Јаги.
Заливот го посетуваат милиони луѓе секоја година и е една од најпопуларните туристички дестинации во Виетнам, позната по сино-зелената вода и варовничките острови со тропски шуми.