Свет
Финската разузнавачка служба: Фреквенцијата на инциденти со кабли во Балтичкото Море е невообичаена
Фреквенцијата на инциденти со кабли во Балтичкото Море е невообичаена во последните години, но државите имаат поефикасни начини за извршување подводна саботажа отколку влечење сидра, изјави шефот на финската разузнавачка служба, Јуха Мартелиус.
„Би сакал да ги одвојам сидрата, што и да стои зад овие инциденти, од фактот дека постои реална закана за виталната подводна инфраструктура“, рече Мартелиус. Шефот на финската безбедносна разузнавачка служба ги нарече инцидентите со кабли второстепено прашање и покрај тоа што ја опишува нивната фреквенција како невообичаена за Балтичкото Море во последните години, пренесува „Ројтерс“.
„Најголемата загриженост за Балтичкото Море е што руската флота во сенка оперира таму и ѝ дозволува на Москва да продава енергија на други земји што ја купуваат“, изјави тој за „Ројтерс“. Флотата во сенка е термин што се однесува на бродови што Русија ги користи за транспорт на нафта, оружје и жито прекршувајќи ги меѓународните санкции наметнати врз неа поради војната во Украина, наведува агенцијата.
Во извештајот за национална безбедност објавен денеска Супо рече дека десетици бродови од флотата во сенка пловат преку Финскиот Залив до руските нафтени пристаништа на неделно ниво и дека нивната способност да ги заобиколат санкциите е од големо значење за руската економија.
„Сега има толку многу од овие бродови во Балтичкото Море што веројатноста да се случи нешто е, се разбира, зголемена“, рече Мартелиус мислејќи на прекините на кабелот, одбивајќи да ги коментира тековните истраги.
Западните земји, сепак, треба сериозно да ја сфатат заканата за нивната витална подводна инфраструктура, додаде шефот на финската служба за безбедност.
Финска во неделата го пушти нафтениот танкер „Игл С“ за кој се сомнева дека на крајот на минатата година ги отсекол кабелот за напојување во Балтичкото Море и четирите кабли за податоци, но финската полиција допрва треба да ги расветли овие инциденти во неколку тековни истраги, пренесува „Ројтерс“.
Финската полиција во јануари објави дека пронашла сидро на дното на Балтичкото Море како дел од истрагата за оштетување на подморскиот електричен кабел Estlink 2, кој ги поврзува Финска и Естонија.
Полицијата соопшти дека сидрото било пронајдено на морското дно по должината на трасата што ја поминал танкерот „Игл С“, а на кој му недостигало сидрото од левата страна, пренесе „Ројтерс“.
Регионот на Балтичкото Море е во состојба на готовност откако каблите за струја, телекомуникациските врски и гасоводите беа постојано прекинати откога Русија ја нападна Украина во 2022 година, а воената алијанса на НАТО го зголеми своето присуство со фрегати, авиони и поморски дронови, пренесува „Танјуг“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Трамп со остра порака до контролорите на летање: Веднаш вратете се на работа, ќе има казни
Американските сенатори постигнаа привремен договор за прекин на буџетската парализа што блокира некои јавни услуги рекордни 40 дена, објавија неколку медиуми. Но, ситуацијата ескалираше денес со заканата на американскиот претседател Доналд Трамп до контролорите на летање кои не доаѓаат на работа затоа што не примаат плата.
Поради блокадата, илјадници летови беа откажани минатата недела. Само денес, американските авиокомпании откажаа над 1.500 летови.
Трамп, преку својата социјална мрежа Truth Social, им порача на сите контролори на летање дека мора веднаш да се вратат на работа. Тој им се закани на оние кои нема да го сторат тоа со казни, а во исто време вети дека ќе ги награди оние кои продолжиле да работат за време на блокадата, со бонус од 10.000 долари.
„Сите контролори на летање мора веднаш да се вратат на работа!!! Секој што нема да го стори тоа ќе биде значително „казнет“. За оние контролори на летање кои беа ГОЛЕМИ ПАТРИОТИ и не зедоа СЛОБОДНИ ДЕНОВИ за време на „измамата за затворање на демократите“, ќе препорачам БОНУС од 10.000 долари по лице за извонредна служба на нашата земја.
За оние кои само се пожалија и зедоа слободни денови иако сите знаеја дека ќе бидат платени ВО ЦЕЛОСТ кратко потоа, НЕ СУМ ЗАДОВОЛЕН СО ВАС. Не им помогнавте на САД против ЛАЖНИОТ ДЕМОКРАТСКИ НАПАД кој имаше само за цел да ја оштети нашата земја. Ќе имате негативна оценка, барем според мене, за вашата претходна работа. Ако сакате да ја напуштите службата во блиска иднина, слободно сторете го тоа, БЕЗ никакви плаќања или отпремнина! Брзо ќе бидете заменети со вистински патриоти кои ќе работат подобро на СОСЕМ НОВАТА СОВРЕМЕНСКА ОПРЕМА, најдобрата во светот, која моментално ја нарачуваме. Претходната „администрација“ потрошија милијарди долари обидувајќи се да поправат застарени „багови“. Немаа поим што прават!
Повторно, до нашите големи американски патриоти, БОГ ДА ВЕ БЛАГОСЛОВИ. До сите други, ВРАТЕТЕ СЕ НА РАБОТА СЕГА. БОГ ДА ЈА БЛАГОСЛОВИ АМЕРИКА! ПРЕТСЕДАТЕЛ ДОНАЛД Џ. ТРАМП.“, објави тој.
Затворањето на владата, кое трае рекордни 40 дена, доведе до недостиг на контролори на летање, кои, како и другите вработени во федералната влада, не се платени со недели.
Свет
Египетската полиција приведе туристи кои се соблекле за фотографија кај пирамидите
Тројца млади шпански туристи беа приведени во Египет поради снимање „непримерени фотографии“ кај пирамидите во Гиза.
Според „Еџипт индепендент“, тие делумно се соблекле за време на фотографирањето, по што биле приведени од полицијата и испитани.
За време на истрагата, туристите изјавиле дека немале намера да го прекршат јавниот морал. Тие објасниле дека само сакале да направат смешни фотографии за спомен, не сфаќајќи дека ги кршат египетските закони.
По плаќање на парична гаранција од 5000 египетски фунти (околу 90 евра), тие се пуштени на слобода до завршување на истрагата.
Фото: Рипато / Freepik
Свет
Кина ги ублажува трговските тензии со Европа со ново одобрение за извоз на чипови
Кинеското Министерство за трговија одобрило продолжување на испораките на чипови на компанијата „Некспериа“, која е од клучно значење за европската автомобилска индустрија. Одлуката следи по договор меѓу Европската комисија и Пекинг за повторно активирање на трговијата со полупроводници, објави комесарот Марош Шефчович.
Портпаролот на кинеското министерство изјави дека Кина презела практични мерки за извоз во цивилни цели и ја повика холандската страна да ги исправи своите погрешни практики. Потегот дојде по тензиите предизвикани од холандската одлука да воведе вето врз управувањето со „Нексерија“ поради национална безбедност. Поради тоа Кина претходно го замрзна извозот на чипови, што ја загрози европската автомобилска индустрија.
По обновувањето на дел од извозот, автомобилските компании како „Волксваген“ веќе почнале да добиваат нови пратки, а акциите на „Вингтек технолоџи“ на берзата во Шангај пораснаа за повеќе од 3 отсто.
Паралелно, Кина привремено ја укина и забраната за извоз на некои стратешки суровини во САД, меѓу кои галиум и германум, што дополнително ги намали ризиците во глобалните синџири на снабдување.

