Европа
Фон дер Лајен: Време е ЕУ да размисли за задолжителна вакцинација

Време е ЕУ „да размисли за задолжителна вакцинација“ против Ковид, изјави денеска шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, нагласувајќи дека за таа мерка ќе одлучат владите на земјите членки.
„Мојот личен став е дека е разбирливо и соодветно да ја водам оваа дискусија сега” – рече таа на прес-конференцијата, нагласувајќи дека една третина од 450 милиони жители на ЕУ се сè уште невакцинирани.
„Како можеме да поттикнеме и потенцијално да размислуваме за задолжителна вакцинација во рамките на Европската Унија? За ова треба да се разговара. Ова бара заеднички пристап. Но, мислам дека тоа е дискусија што ќе треба да ја водиме” – изјави Лајен.
Таа вели дека целосната вакцинација и бустерите им ја даваат на граѓаните најсилната заштита до сега од коронавирусот во ситуација на двојна опасност, четврти бран на пандемијата и појава на нов вид коронавирус.
„СЗО вели дека новиот вид омикрон е многу ризичен. Сè уште не знаеме доволно за тој вид, но знаеме толку многу што можеме да бидеме загрижени. Очекуваме за две до три недели да добиеме доволно информации за новиот сој, а дотогаш ќе имаме трка со времето што треба да ја користиме за вакцини и бустери”, вели Лајен.
Претседателката на ЕК најави дека ЕУ до крајот на март ќе добие дополнителни 360 милиони дози вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Модерна“, што, според неа, е доволно за бустер-доза на сите вакцинирани Европејци.
Истовремено, во договор со двете компании, се работи на забрзана испорака на вакцини за деца, кои треба да бидат достапни во ЕУ од 13 декември.
Во случај постоечките вакцини да немаат доволна заштита кога станува збор за новиот вид, Урсула фон дер Лајен наведува дека на научниците им требаат околу 100 дена за да ги прилагодат вакцините на новата мутација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
„Ја обединивме Европа за да го вратиме мирот“ порача претседателката на Молдавија на крајот од самитот

Претседателката на Молдавија, Маја Санду изјави дека на самитот на европската политичка заедница во таа земја се покажале „сила и единство“ во време кога е загрозена стабилноста на Европа.
„Денес овде го собравме целиот континент за да ги потврдиме силните меѓусебни односи, да го вратиме мирот во Европа. Покажавме сила и единство кога стабилноста на нашиот континент е загрозена“, рече Санду на прес-конференција на крајот од самитот.
На заедничката конференција со премиерите на Чешка и Шпанија, Петер Фиал и Педро Санчез, Санду рече дека Молдавија „ќе биде загрозена доколку Украина не се брани храбро“ од руската инвазија и дека Кишињев ќе остане со таа земја“.
„Покажавме дека сме обединети против најголемата агресија од Втората светска војна“, додаде Санду.
Таа рече дека лидерите разговарале и за заеднички акции кои ќе ја направат Европа посилна и побезбедна.
„Вашето присуство овде е доказ дека Молдавија не е сама, дека заедно се бориме против хибридните закани и обидите за дестабилизација на Молдавија“, рече Санду.
Премиерот на Шпанија, каде што ќе се одржи следниот самит на 5 октомври, изјави дека денешниот состанок не се одржал случајно во Молдавија и дека земјата „може да смета на европското семејство“.
„Мора да дејствуваме заедно против војната на Путин. Денеска се фокусиравме на заедништвото, инфраструктурата, енергијата и безбедноста, а пред се на хибридните закани и нуклеарната безбедност“, рече Санчез.
Премиерот на Чешка, каде се одржа претходниот, прв самит на Европската политичка унија, изјави дека Молдавија „храбро се соочува со последиците од рускиот варварски напад“.
„Испраќаме силна порака за поддршка на Молдавија и Украина“, додаде тој.
Фијала, исто така, рече дека Европската политичка заедница се покажала како „релевантен и важен форум за сите европски земји“ и повтори дека единството било демонстрирано денеска.
Европската политичка заедница е неформален дипломатски форум создаден минатата година на иницијатива на францускиот претседател Емануел Макрон. Вториот самит се одржа денеска во молдавското село Булбоака, во близина на Кишињев, на 20 километри од границата со Украина. Главните теми на разговор беа безбедноста во контекст на војната во Украина, енергијата, климатските промени и поврзаноста.
Во разговор со новинарите пред средбата, речиси сите европски лидери се осврнаа на тензиите на северот на Косово и повикаа на деескалација и мир. На самитот присуствуваше и премиерот Ковачевски.
Европа
(Видео) Гуруљов: Веднаш да ја уништиме Британија, па потоа ќе разговараат со нас

Рускиот парламентарен претставник Андреј Гуруљов во програма на државната телевизија изјави дека би било добро „веднаш да се уништи Британија“.
„Нема режим во Киев, режимот е во Вашингтон. Во Киев има лакеи што го прават токму она што им е кажано“, рече Гуруљов.
This is vintage Andrei Gurulyov
Sounding genuinely drunk, the Russian MP screams that Russia is the “only country in the world” able to threaten the entirety of the US, and then proceeds to call for the “demolition” of Britain pic.twitter.com/6tY791ZKkB
— Francis Scarr (@francis_scarr) June 1, 2023
„Русија е единствената земја што може да претставува закана за целата територија на САД. Таа закана ќе ѝ го дотера паметот на целата нечистотија во Вашингтон“, рече тој.
„Сега е крајно јасно дека кога ќе кажеме – ајде да кренеме нешто во воздух, ќе го направиме тоа. Да ја уништиме Британија веднаш, без да го искористиме нашиот стратешки нуклеарен потенцијал. И веднаш потоа сите ќе седнат и ќе почнат да разговараат со нас како што треба“, додава тој, пренесуваат медиумите во светот.
Гуруљов, пишува „скај њуз“, често имал вакви испади во јавноста. Тој претходно се закани дека ќе ја нападне Алјаска со проектили и рече дека Советскиот Сојуз не отишол доволно далеку за време на Втората светска војна.
Европа
Напад со нож во близина на училиште во Шведска, повредени неколку ученици

Во близина на училиште во шведскиот град Ескилстуна денеска се случил напад со нож, при што се повредени неколку ученици, јавуваат шведските медиуми.
На терен има голем број полициски и возила на брзата помош, јавува „ТВ4“.
Локалната полиција соопшти дека се работи за тешко кривично дело, но не соопштија никакви детали.
„Во секој случај, не се работи за пукање“, изјави портпаролот на полицијата, Денис Струмберг.
Директорот на училиштето потврди дека имало инцидент, но рече дека има малку информации за тоа што се случило. Тој смета дека нападот не се случил во училиштето, туку дека се работи за ученици од тоа училиште, кои биле на друго место.
Според првичните информации, најмалку три лица се хоспитализирани по нападот со нож во училиште во шведскиот град Ескилстуна, соопшти полицијата.
Портпаролот на полицијата за истата телевизија потврдил дека во градот се случило тешко злосторство.